X
 01.10.2017 Култура

Унгарецот Марсел Рев е добитник на Златната Камера 300 на филмскиот фестивалот „Браќа Манаки“

1

Марсел Рев од Будимпешта, кинематографер во филмот „Месечината на Јупитер“ на водечкиот режисер Корнел Мундрузо, кој годинава се натпреваруваше и на фестивалот во Кан, е годинешен добитник на наградата златна „Камера 300“ што ја доделува ИФФК „Браќа Манаки“.

38. издание на фестивалот за филмска камера „Браќа Манаки“ вчера заврши со свеченото доделување на наградите. Покрај истакнатите светски кинематографери и верната битолска публика на фестивалот, на црвениот тепих пристигна и министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, кој му ја врачи Специјалната „Златната Камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност на режисерот Милчо Манчевски. Тој со своите култни филмови „Пред дождот“, „Мајки“, „Прашина“ и „Сенки“ ја постави  Македонија на светските листи за најдобри филмови.

Министерот Алаѓозовски му ја врачи наградата на Манчевски, истакнувајќи дека му ја предава оваа награда од сè срце, бидејќи неговите филмски истражувања и критики кои ги пишувал порано, во голем дел биле посветени токму на творештвото на овој режисер.

„Култура не е нешто што треба да се стави меѓу некролозите и малите огласи, културата е она што човекот го прави човек, заедницата ја прави да биде заедница и конечно културата е она што човештвото го прави човештво. Затоа апелирам да не ја туркаме меѓу некролозите и малите огласи“, рече Манчевски.

2

Малата камера 300 му припадна на кинематограферот Наум Доксевски, кој го сними македонските краток филм во режија на Горан Столевски „Види ја ти неа“, за една млада девојка што ги крши правилата на едно патријархално општество.

Оваа година покрај главните награди, жирито му додели специјално признание на младиот руски кинематографер Данил Фомичев, за филмот „Како Виктор Лукчето го однесе Алексеј пастувот во домот за стари лица“, во режија на Александар Хант. Даријан Пејовски му ја врачи наградата на Фомичев, образложувајќи дека за тоа е заслужен свежиот пристап на кинематограферот во овој дебитантски филм.

3

Бронзената камера 300 му припадна на Дејан Димески  за филмот „Жаба“ во режија на Емир Јукиќ. Лука Коасин, предавајќи му ја наградата на Димески, рече дека жирито смета дека кинематограферот се справил со предизвикот на раскажување на приказна во многу ограничен простор, наоѓајќи го идеалното растојание помеѓу камерата и изведбата на актерите.

4

Јани Петери Паси, пред да ја додели Сребрената Камера 300 истакна дека не било лесно да се одлучат помеѓу двата филмови кои се бореа за првото место. Сребрената камера 300, му припадна на Рајнер Клаусман за филмот „Од ништо“, во режија на Фатих Акин.

„Квалитетот во создавањето,  но истовремено горди на нашата традиција и на свежината на искуството од таа традиција. Тоа е скапоцено, благородно, и навистина многу ретко, и затоа сите ние треба достојно да го претставуваме и надградуваме“, рече министерот Алаѓозовски.

По свеченото доделување на наградата, публиката во Центарот за култура го виде последниот филм од главната програма „Нека влезе сонцето“ во режија на Клер Дени, со Жулиет Бинош во главна улога.

За крај на свеченоста, министерот за култура Роберт Алаѓозовски изрази благодарност до сите учесници на фестивалот, до филмските работници кои пред речиси 40 години создадоа бренд кој уште зрачи со единственост помеѓу безбројните филмски фестивали ширум светот.

5

„Освен филмските работници, признание заслужуваат и вистинските домаќини на фестивалот, битолската публика. Оваа публика е нашиот центар, оваа публика сме сите ние.  Токму заради љубителите на уметноста, Фестивалот треба да продолжи да се развива како грижливо креирана прослава на  филмот, со возвишена почит кон директорите на фотографија и нивната посветеност во конструкцијата на естетиката на подвижните слики“, рече Алаѓозовски.

Тој исто така ја изрази поддршката на Министерството, насочена кон подобра и постабилна иднина и развој на фестивалот, во духот на современите трендови во уметноста.  

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура