X
 02.10.2017 Интервјуа

Интервју, доц. д-р Мира Беќар: Зборникот ESIDRP покажува колку е важно да се говори за интердисциплинарноста

Првпат во Зборник на трудови беа вклучени и студентски трудови на додипломци. На меѓународната конференција имаше блок посветен на истражувања на студентите кои презентираа постери. Темите што ги обработуваа беа исклучително важни и интересни (сајбер-панк, инклузивност во образованието, анализа на учебници и стратегии на учење во основното образование), па сакавме да им дадеме можност на студентите да ги покажат своите компетенции за академско пишување кое го изучуваат на додипломските студии, вели доц. д-р Мира Беќар



„Студии по англистика - Интердисциплинарност во истражувањата и практиката“ или скратено ЕСИДРП (од англиската кратенка ESIDRP) е насловот на Зборникот со меѓународни трудови што го издаде Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во Зборникот се застапени трудовите презентирани на меѓународната научна конференција што се одржа пред една и пол година, а ја организира Катедрата за англиски јазик и книжевност. За организаторите, група млади научници и доценти кои работеле со голем ентузијазам, Зборникот има посебна важност. Тие му го посветуваат на својот колега Огнен Чемерски, кој неодамна почина. Со д-р Мира Беќар, доцент на Катедрата и една од трите уреднички на изданието, зборуваме за значењето на Зборникот, но и за предизвикот да се организира една ваква активност која треба да е веќе вообичаена практика кај нас. Таа им се заблагодарува на коуредничките, доц. д-р Калина Малеска и доц. д-р Наташа Стојановска-Илиевска, и на сите колеги и колешки од Филолошкиот факултет кои помогнале со организацијата на конференцијата, како и на студентите-волонтери без кои конференцијата би била невозможна. Таа се надева дека ЕСИДРП ќе премине во традиција.

Деновиве излезе од печат Зборникот на трудови кој произлезе од Меѓународната конференција „Студии по англистика – Интердисциплинарност во истражувањата и практиката (ЕСИДРП)“ што се одржа лани во март на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Зошто е толку важно ова издание?

- Изданието е важно бидејќи првпат како Катедрата за англиски јазик и книжевност преку Филолошкиот факултет ,,Блаже Конески“ издадовме Зборник со меѓународни трудови рецензирани од меѓународен одбор. Исто така, многу е важен обидот да се говори за и да се истражува интердисциплинарноста, односно комбинирањето академски дисциплини со цел да се создаде нов пристап на размислување и на проучување на феномените надминувајќи ги вообичаените строги граници во кои егзистира една дисциплина. За жал, во Македонија студиските групи се многу затворени и со строги рамки, па студентите немаат можност да се запишат на интердисциплинарни студии. Замислете некој да има можност да студира физика и филозофија. Една од најголемите придобивки од моите докторски студии во САД беше токму таа флексибилност и слобода која ја имаат студентите да одберат една главна студиска група и дополнително да си бираат предмети од која било друга студиска група што всушност овозможува профилирање на вистински интелектуалци и проширување на видиците.


За Вас и за целиот тим Зборникот има едно специфично, длабоко значење. Кому му го посветивте?

- Да, покрај веќе наведените значења по претходниот одговор, длабокото значење на ова издание е дека му е посветено на нашиот драг колега Огнен Чемерски, кој замина прерано. Огнен учествуваше во организацијата на конференцијата од самиот почеток и презентира труд со оригинални сознанија на тема When Foreignization and Domestication Get Confused со примери од преводи на значајни дела како „Илијада“, „Одисеја“, „Моби Дик“ и „Загубениот рај“.

Во Зборникот се застапени и четири труда од студенти на додипломиски студии. Зошто ова треба да се издвои како посебен момент?

- Драго ми е што го уочивте ова. Да, првпат во Зборник на трудови беа вклучени и студентски трудови на додипломци. На меѓународната конференција имаше блок посветен на истражувања на студентите кои презентираа постери. Темите што ги обработуваа беа исклучително важни и интересни (сајбер-панк, инклузивност во образованието, анализа на учебници и стратегии на учење во основното образование), па сакавме да им дадеме можност на студентите да ги покажат своите компетенции за академско пишување кое го изучуваат на додипломските студии. Ова не се случувало во наше време кога бевме студенти, а сметам дека е многу важно за да се гради тоа чувство на академска професионалност и припадност на академската заедница уште од додипломските студии.

Одржувањето меѓународни конференции и печатењето зборници од овие случувања е редовна практика на универзитетите во светот. Каква е состојбата кај нас?

- Издаваштвото на зборници на трудови и стручна литература е сериозен проблем во Македонија. Искрено кажано, би можеле да напишеме цел зборник за маките низ кои поминуваат уредниците на едно вакво издание. Уредништвото е волонтерска работа. Средствата се собираа од неколку страни: се издвои од котизацијата која ја плаќаа учесниците, помогнаа делумно и УКИМ и Филолошкиот факултет ,,Блаже Конески“, како и Британскиот совет и Амбасадата на САД во Македонија, кои преку свои програми ги покрија трошоците за пленарните предавачи. Среќа наша е што реномираните професори кои беа пленарни презентери не побараа хонорари. Верувам дека во некоја скора иднина УКИМ ќе добие своја печатница за да има постабилна издавачка дејност. Ова е навистина голем недостиг за секој универзитет во Република Македонија.

Според Вас, кој е долгорочниот бенефит од ова издание за нашата научна и поширока јавност?

- Тоа би требало да го оцени и каже пошироката јавност. Во секој случај би било прекрасно доколку високообразовните институции имаат можност да создадат традиција на одржување меѓународни конференции на кои би доаѓале светски познати имиња кои дале значаен придонес во развојот на глобалната научна мисла или се претставници на некој нов бран во развојот на научната мисла. Исто така, многу е важно кај студентите да се гради академската култура и да се поттикнува љубопитноста уште од додипломско ниво, да имаат можности (институционална и финансиска поддршка) да истражуваат феномени на еден посистематичен начин и да се стекнат со самодоверба да напишат здраво аргументиран научен труд. Истото важи и за колегите што немале можност да издаваат во реномирани списанија. Занаетот се учи, но треба и да се овозможат средства од државата за солидна наука и настава.



Со какви проблеми се соочивте од почетокот на овoј проект до конечниот момент, да го држите печатеното издание в раце?

- Административните тешкотии, особено во огромни институции кои немаат посебни ресори за издавачка дејност, сериозно влијаат врз целиот ентузијазам со кој се почнуваат и изведуваат професионални активности, како организирање конференции, учества во проекти и издавање зборник. Поминуваат месеци за одговор на писма и барања кои се заглавуваат низ бирократските лавиринти. Мора нешто да се стори за да се поедностават и забрзаат административните процедури при организирање професионални настани на УКИМ. На пример, конференцијата ја одржавме пред да бидат префрлени доделените средства од УКИМ, потпирајќи се само на средствата од котизацијата, која изнесуваше 40 евра, и несебичната помош и бесплатните услуги од пријатели за да имаме опрема за обезбедување интернет, дизајн на веб-страница, дизајн на плакати и слично. Постои и еден друг проблем за кој се бориме и како Професорски пленум и како институција - изгубената финансиска автономија на Универзитетот и на единиците при Универзитетот. Немањето финансиска автономија значително влијае врз природата на професионалниот развој на академската заедница во Република Македонија, врз бројот и квалитетот на научно-наставните настани и активности кои се организираат. Доколку има автономија и поедноставени процедури, верувам дека повеќе колеги ќе се осмелат да организираат различни настани кои ќе го поттикнат истражувачкиот и научен потенцијал и ќе го зголемат реномето на УКИМ. 
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Интервјуа