X
 02.10.2017 Живот

Неколку трикови во кујната што мора да ги знае секој студент


Лепчиња и јајца на око
(Фото: Pixabay)


Многу студенти што поаѓаат на факултет првпат се преселуваат од домот и започнуваат самостоен живот. Но самостојниот живот носи одредени одговорности, како и проблеми, а повеќето најголемите тешкотии ќе ги сретнат во кујната. За сите што не се снаоѓаат најдобро, споделуваме пет трикови кои ќе му ги решат проблемите на секој студент што почнува живот подалеку од мајка си и татко си.

Острење ножеви без острило

Независно дали живеете во студентски дом или во стан, добро е со себе да имате еден поголем нож. Но, по долго користење, ножевите престануваат да бидат остри, а за да ги наострите, може да ви помогне најобичен филџан. Важно е долниот раб од филџанот да не биде обложен со сјаен слој, туку со рапав. Провлечете го ножот неколку пати од двете страни врз рапавиот раб, под агол од 25-30 степени. Измијте го ножот и веќе е подготвен за употреба.



Чистење на електричното ѓезве за вода

Еден од најдобрите пријатели на секој студент е електричното ѓезве за вода или брзинско кафе во секој момент. Се разбира, пожелно е кафето да не содржи остатоци од каменец што многу брзо се наталожува на ѓезвето. И за тоа постои евтино, брзо и ефикасно решение, а името му е алкохолен оцет. Доволно е во ѓезвето да ставите чаша од оцетот и иста количина вода и да провриете. Потоа течноста истурете ја и измијте го ѓезвето со чиста вода повеќе пати. Каменецот ќе исчезне.

Отстранување на непријатниот мирис од фрижидерот

За отстранување на непријатниот мирис од фрижидерот исто така може да ви послужи алкохолниот оцет, бидејќи хемиските средства знаат да остават силен мирис кој не би сакале да го чувствувате во храната. Во еден литар вода додајте неколку лажички оцет и со него пребришете ја внатрешноста на фрижидерот, а потоа уште еднаш пребришете со чиста водена крпа. За фрижидерот да ви остане подолго време свеж, внатре чувајте половина шолја сода бикарбона, која ќе дејствува како „собирач“ на мириси.

Отворање шишиња без отворач

Голем дел од студентите сигурно се нашле во ситуација да купат шише вино со тапа, а не поседуваат соодветен отворач. Постојат неколку едноставни трикови, а наједноставен е оној со патика и клуч.

Доволно е шишето вино да го ставите во патиката и со ѓонот да удирате во ѕид или врата, така што затката да се издаде доволно за да можете да ја извлечете со рака. За другиот начин потребен ви е само клуч. Клучот забодете го под агол од 45 степени од работ на тапата и повлечете го нанадвор.



Чистење дамки од вино

Кога сме кај виното, неизбежно е да се извалкате со некоја капка врз облеката. Тука на помош ќе ви пријде минерална вода со која ќе ја налеете дамката. Потоа дамката тапкајте ја со влажна крпа и повторете го процесот неколку пати. Откако ќе успеете максимално да ја исчистите дамката, ткаенината исперете ја на вообичаениот начин во машина за перење.

Ако станува збор за бела маица или кошула, можете врз дамката да нанесете сода бикарбона и да ја помешате со алкохолен оцет, кој на некој начин дејствува како избелувач. Потоа маицата исперете ја со детергент и топла вода и дамката би требало да исчезне.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот