X
 02.10.2017 Живот

Вистинска приказна: Во животот никогаш не можете да знаете кој е кој и кој може да ви помогне!


Бездомник
(Фото: Pixabay)


Еден бездомник од Брисел засекогаш му го промени животот на еден лекар од Србија кој не можеше да ја нострифицира својата диплома во Белгија и сметаше дека никогаш нема да ги постигне своите цели што не можел да ги оствари во родната земја.

„Мислев дека со завршувањето на Медицинскиот факултет таа дамнешна 2000 година, ќе бидам пресреќен затоа што не беше едноставно да се заврши факултет во рок, во тие 90-ти години од минатиот век. Се излажав. Дури тогаш увидов дека тоа било моето најголемо разочарување затоа што очекувањата дека како млад лекар веднаш ќе почнам да работам и да се усовршувам биле заблуда.

Одлучив да заминам во Западна Европа и да се обидам во некоја странска земја со надеж дека ќе ми биде понудена можност за работа и усовршување. Барем да се обидам, за подоцна да не се каам што не сум се обидел тогаш кога сум имал можност. Успеав да добијам виза и стигнав во Белгија, без познавање странски јазици. Бев пресреќен кога успеав да најдам евтин и пристоен стан во близината на центарот во Брисел, но не ми требаше многу време за да сфатам дека најевтините станови во Западна Европа и онака се наоѓаат во центарот на градот, а оние што навистина вредат се на периферијата.

Почнав интензивно да учам странски јазици и да барам да ми се признае дипломата од Медицинскиот факултет. Дојде и таа 2002 година, јазикот успешно го совладав, но не успевав да го совладам ѕидот со кој се соочував при барањето можност да ми се признае дипломата. Тогаш почнав да се кршам и да размислувам да се вратам во Србија затоа што, сепак, не потрошив толку години и труд во студирање за сега да работам нешто друго.

И токму тогаш, во зградата каде што живеев, сопственикот му издаде соба на едно лице кое поголемото време живееше на улица со своето куче и сите го нарекуваа „клошар“. Имаше долга коса и брада и главно носеше валкана облека на себе. Беше крупен и висок со изразено сини очи. Јас го викав по неговото име – Френк.

„Докторе, можеш ли да ми дадеш две евра за пиво?“ ми рече Френк во една пригода. Му дадов...

Следниот ден повторно го сретнав. „Добар ден докторе, како сте?“

Јас му возвратив: „Те молам, не нарекувај ме доктор“.

„Па мене ми кажа дека си доктор“.   

„Јас навистина сум доктор, но штом немам дозвола затоа што не ми ја признаваат дипломата, тогаш не сум доктор“, му одговорив како од топ.

Френк молчеше. Следниот ден кога се вратив во станот најдов едно ливче: „Драг докторе, по повод признавањето на вашата диплома, утре имате закажан состанок во 14 часот со госпоѓата Е. Е., на подолу назначената адреса“.

И сега, додека го пишувам ова, пред очи ми е тоа ливче. Почнав нервозно да го барам Френк, а него го немаше, па го чекав до 2 часот изутрина да дојде во својата соба.

Следниот ден, во 13 часот, одлучив да одам кај Е. Е. По патот си ги повторував во себе речениците кои сметав дека треба да ги кажам. Стигнав до куќата на назначената адреса, видов дека нејзиното име стои на влезната врата. Заѕвонив еднаш, многу дискретно, и со еден дел од себе посакав таа врата воопшто да не се отвори, затоа што како е можно еден „клошар“ да ми овозможи состанок со Е.Е., многу почитуван и ценет хирург.

За среќа, вратата се отвори и лицето што излезе со тивок глас ми рече: „Добре дојдовте, докторката ве очекува“. Да можеше земјата да се отвори, сигурно би скокнал внатре.

Ме сослуша, и веќе утредента имав закажан состанок со деканот и претседателот на комисијата за доделување специјализација од хирургија. Нострификацијата, односно еден огромен испит за проверка на моето знаење, беше закажана за три месеци, а секоја среда требаше да ѝ асистирам на докторката Е. Е. во приватната клиника, за што бев адекватно платен. И да ми побараше јас да ѝ плаќам нејзе, ќе го направев тоа.

Животот ми се смени од корен. Со месеци не спиев повеќе од пет часа на ден, но веќе не го видов Френк. Во слободното време лутав по улиците барајќи го.

После три месеци успеав да ја нострифицирам дипломата и да добијам специјализација по хирургија. И така по пет месеци, при една операција со Е. Е, успеав да ја прашам: „Мене многу ми помогна Френк... се обидувам да го најдам, но не успевам, кој е Френк?“

Е. Е. со тивок глас ми одговори: „Френк, неговиот татко, дедо и прадедо потекнуваат од едно многу угледно белгиско семејство. Сите по професија беа архитекти. Френк имаше семејна несреќа кога ги загуби својата сопруга и детето, по што го зеде своето куче и исчезна. Никој го немаше видено пет години. Кога се појави на мојата врата, ме замоли да ви помогнам како да сте неговиот син. Од љубов кон неговото семејство, не можев да го одбијам“.

Поминаа осум години оттогаш, јас со најдобри оценки завршив хирургија во Белгија и во Франција.

Работев во најеминентните болници специјализирани за трансплантација на органи. Ме поставија за шеф на ургентниот дел од хирургија. Како странец го остварив сето она што сигурно немаше да го остварам во Србија.

Френк не го видов сè до 2012 година. Поминувајќи на една многу фреквентна улица во Андерлехт, со крајот од окото го забележав Френк со неговата густа, долга бела коса како по скалите се спушта во метрото. Го запрев возилото и трчајќи влегов во метрото. Го чув звукот на возот што заминува од постојката, надевајќи се дека тоа е звукот од другиот воз што влегува на станицата. Се излажав, Френк и тогаш успеа да исчезне.

Во животот никогаш не можете да знаете кој е кој и кој може да ви помогне. Ако не можете да помогнете, не одмагајте и никого не потценувајте, па дури ни оној што спие на улица.

Мене животот ми се промени кога еден таков ми прати самиот Бог.

Френк, ти благодарам, никогаш нема да те заборавам.



Дејан Изгаревиќ,  Брисел
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот