X
 03.10.2017 Култура

Водич низ референдумот за независност на Каталонија - како дојде до ескалација?

katalonija

Регионалниот каталонски парламент, каде што повеќето места ги држат застапниците за независност на Каталонија, минатата недела донесе закон со кој ги формализира плановите за одржување референдум за независност. Законот би бил воведен од потенцијалното „да“ на референдумот до прогласувањето република Каталонија. Во член 89 од законот се наведува дека регионалниот претседател ќе остане претседател на Републиката, дека каталонското државјанство не бара откажување од шпанската националност и дека шпанскиот заедно со каталонскиот ќе биде официјален јазик во новата држава. Претседателот на Каталонија, Пуигдемонт, со останатиот дел од владата се соочува со обвинение за одбивање на судскиот налог и обвиненија за проневера на јавни пари, наводно потрошени за организирање референдум, поради што може да добие затворска казна. Врховниот суд во Каталонија ја потврди жалбата на обвинителството против членовите на каталонскиот парламент кои дозволија расправа и донесување закон што е спротивен на шпанскиот Устав.

Како дојде до ескалација?


Веројатно шпанската влада предолго ги затвораше очите пред проблемот со Каталонија надевајќи се дека ќе исчезне ако доволно долго го игнорира или, пак, проценила дека никој нема да го сфати сериозно референдумот или дека каталонската администрација блефира.

Од друга страна, Каталонците го испровоцираа Мадрид, а двете страни си ги пресметаа реакциите меѓусебно. Мадрид стравува дека каталонскиот пример може да предизвика домино-ефект и да стимулира сличен потег од друг регион, како Баскија, чии амбиции за независност не се мали.

Што вели Брисел?

Каталонскиот проблем претставува главоболка за Брисел. Со евентуално прогласување каталонска република, овој дел од 7,5 милиони жители ќе мора да аплицира за влез во ЕУ, што најверојатно би го блокирала Шпанија. Автономијата на Каталонија би значела напуштање на еврозоната. Каталонскиот проблем ескалира во моментот кога европските официјални претставници спроведуваа комплицирани преговори со Лондон околу Брегзитот и додека Шпанија закрепнуваше од десетгодишната економска криза.

Проценетиот економски раст од 3 отсто за оваа година е аргумент на премиерот Рахој за заземање посилна позиција во меѓународните односи. Истовремено владата на Каталонија преку своите делегации се обидува да го посочи правото на самоопределување на народот и демократската волја на населението. Власта во Барселона својата позиција ја гледа преку калеидоскоп на денешната Европа, која е фрагментирана и има многу примери на помали суверени држави кои живеат под закрилата на ЕУ: балтичките држави, Словенија и Хрватска, Чешка и Словачка. Барселона прашува: ако малите држави како Луксембург, Малта и Кипар (чие население изнесува 1,5 милион) може да имаат статус во ЕУ, тогаш зошто Каталонија не може, која има население од 7,5 милиони.

Што со еврото?


Големо прашање е дали Каталонија ќе стане членка на ЕУ и дали ќе може да го користи еврото. Ова прашање дополнително го комплицира фактот дека најрадикалната каталонска сепаратистичка партија не сака да има никаква врска со заедничката европска валута.

Што велат Вашингтон и Трамп?


Претседателот Трамп во понеделникот изјави дека ја поддржува идејата за единствена Шпанија. Оваа изјава е сосема спротивна на претходната официјална позиција на Вашингтон. „Би сакал да ја видам Шпанија и понатаму обединета“, изјави Трамп при средбата со шпанскиот премиер Рахој. Сепак, американскиот претседател не рече дека референдумот е нелегален и дека граѓаните не смеат да се изјаснат. Не е јасно дали изјавите на претседателот Трамп означуваат промена во официјалниот став на Америка во врска со каталонските барања за независност.

Дали Каталонците претходно имале гласано за независност?

Регионот одржа необврзувачко гласање за независност во ноември 2014 година. Уставниот суд го прогласи за незаконско, но централната власт и полицијата не го спречиле одржувањето. Тогаш гласале 2,2 милиона од 5,4 милиони гласачи, а околу 80 отсто биле за независност. Владата на премиерот Рахој ги отфрлила резултатите, велејќи дека гласањето е нелегално и необврзувачко и наведувајќи дека повеќето гласачи во Каталонија не гласале. Но Мадрид не остана само на зборови, туку презеде акции: каталонските политичари биле повикани на суд во 2015 година поради нивната улога во организацијата на гласањето.

Што велат економските индикатори?

Шпанските власти велат дека независноста на Каталонија би била целосно ирационална од економска гледна точка. Таа би излегла од еврозоната, 75 отсто од каталонските производи би плаќале царина, банките би биле присилени да си заминат. Каталонците треба да воведат сопствена валута. Регионалната каталонска влада оценува дека само во случај на независност би постоела можност Каталонија сама да одлучува за својата фискална политика и дека со вложување во инфраструктурата би придонела за БДП. Каталонската влада исто така истакнала дека Каталонија повеќе би немала буџетски дефицит, бидејќи дава повеќе пари на централната држава отколку што добива од неа. Со оглед на тоа што дефицитот изнесува 16 милијарди евра, или 8 отсто од регионалниот БДП, а централната влада, која користи различна методологија, вели дека тој изнесува 10 милијарди евра или 5 отсто од регионалниот БДП. Каталонија со околу 20 отсто од шпанскиот БДП е еднаква со Мадрид за титулата најбогата земја во регионот.

Дали Каталонија може да успее сама?


Економистите не се согласуваат околу тоа дека отцепувањето би предизвикало поголема штета во регионот или значително би го намалил остатокот од Шпанија. Но се согласуваат дека краткорочните економски трошоци би биле приспособени во новата политичка и територијална реалност. Многу зависи и од финансиските и политичките услови во кои Каталонија би се отцепила.

Што ќе се случи после референдумот?

Никој не сака да шпекулира за последиците од овој референдум. Пред пет години Шпанија беше во длабока финансиска криза, а политичарите во Мадрид и Барселона се карале за пари. Политичката ситуација во Мадрид денес е далеку покомплицирана отколку во времето на последните избори за независност. Во 2014 година партијата на премиерот Рахој имаше парламентарно мнозинство, а неговиот политички опстанок не беше доведен во прашање. Од крајот на 2016 година тој почна да ја води малцинската влада. Проширувањето на територијалната криза би можело да ги поттикне опозициските партии да го поттикнат неговото отстранување.

Дали во овој момент резултатот е нерешен?


Главно, да. Но тензиите значително пораснаа оваа недела откако полицијата направи рација во десетина уреди во регионалната влада во Барселона и уапси 14 високи официјални претставници. Полицијата заплени речиси 10 милиони гласачки ливчиња и одзеде повеќе од 1,5 милион референдумски летоци и плакати. Во меѓувреме, министерството за внатрешни работи го суспендира годишниот одмор на полицијата и ѝ даде наредба да го спречи референдумот. Владата наметна и контрола над регионалните трошоци, а шпанскиот министер за надворешни работи ги обвини лидерите на сепаратистичкото движење дека користат „нацистички ставови“.

Што мисли останатиот дел од Шпанија?


Три од четирите најголеми партии во шпанскиот парламент се противат на референдумот.

Каков адут има Рахој?

Шпанската влада не ја исклучи примената на членот 155 од Уставот, кој никогаш не бил активиран, а ќе ѝ овозможи на централната власт да ја суспендира автономијата на Каталонија и да ја преземе контролата за да го спречи референдумот. Сепак, ваквиот потег веројатно би бил контрапродуктивен. Не само што ова во Шпанија и во меѓународната заедница ќе се смета за моќна демонстрација на сила туку веројатно и ќе ги зајакне сепаратистичките чувства. Левичарските партии како Подемос и националностите од другите региони како Баскија ќе бараат пакет реформи со кои би можел да се стави легален референдум на маса. Антикаталонското чувство кај Шпанците исто така се зголеми. Генерално, чувството е дека останатиот дел од Шпанија би сакал да види дека Каталонците си ја научија лекцијата.

Што е следно?


Ниту една страна не покажува подготвеност за компромис. Шпанија би можела да влезе во сериозна криза. Шпанија би можела да ја суспендира каталонската влада додека Каталонците би можеле да гласаат независност. Зад конфронтацијата стои ќор-сокак: Пуигдемнот нема доволно поддршка однадвор за наметнување на независноста. Но тактиката на премиерот Рахој се покажа како погрешна. Повеќето Каталонци ги фрустрира статус кво. Нивното незадоволство бара политички, а не само правен одговор. После 1 октомври во Каталонија ќе следуваат новите регионални избори, а шпанската влада ќе биде присилена да прифати да разговара за уставни и други промени за уште поцврсто да ја „закотви“ Каталонија во Шпанија. Потребен е дијалог, но во клима во која не се смируваат страстите, нема да дојде до него ниту брзо ниту лесно.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура