X
 05.10.2017 Култура

Ги укинавме бесплатните претстави - младите така повеќе ќе ја почитуваат уметноста, велат од „Комедија“

Од секоја последна претстава од репертоарот на театарот ќе донираме средства за општествено добро – дали за некое средно училиште, за студентски дом или, не дај Боже, за болест каде што треба да се помогне. И тоа да биде во повеќе градови. На тој начин и младите ќе помогнат некому и ќе знаат дека нивните 150 денари се многу вредни и ќе се чувствуваат многу покорисно – вели директорката на театарот „Комедија“, Мирјана Поповска-Ристов



Средношколците и студентите од оваа учебна година нема да гледаат бесплатни претстави во театар „Комедија“. Ова го одлучи новото раководство на театарот, по претходна консултација со Управниот одбор. Влезницата со попуст изнесува 150 денари.

Уметничкиот директор на театарот, Сашо Ристовски, објаснува дека оваа одлука е донесена по претходно истражување и во согласност со Управниот одбор на театарот.

- До 3 октомври во новата сезона сме изиграле седум претстави што ги проследиле 575 средношколци и студенти и 866 луѓе што купиле карти на билетарница. Сметаме дека цената од 150 денари е симболична и никој не ни изреагира дека е погрешна одлуката. Дури и професорите со кои соработуваме ја поздравија. Знаеме дека ваквата одлука не е популистичка, ама веруваме дека долгорочно ќе има подобар ефект врз младата публика – вели Ристовски.

Директорката Мирјана Поповска-Ристов е дел од ансамблот на „Комедија“ во последните три години.

- Младите треба да се научат да ги ценат уметноста и вредноста. Јас сум многу задоволна, за почеток, од посетеноста во новата сезона. Уште како актер во овој театар многу ме иритираше фактот дека бесплатното важеше само за средношколци од Скопје и не се дозволуваше за другите градови. Многу често кога сме играле пред средношколци немало дисциплина, се добиваше впечаток како сосила да дошле. Се случуваше да имаме и реакции зошто една претстава ја играме, на пример, секој четврток, па младите немаа опција во терминот за нив да ги видат сите претстави – вели Поповска-Ристов.

Младите за младите

Новите раководители на омилениот театар на младите најавуваат дека театар „Комедија“ дел од средствата што ќе ги заработи ќе ги донира во хуманитарни или во општествено-корисни цели.

-Од секоја последна претстава од репертоарот на театарот ќе донираме средства за општествено добро – дали за некое средно училиште, за студентски дом или, не дај Боже, за болест каде што треба да се помогне. И тоа да биде во повеќе градови. На тој начин и младите ќе помогнат некому и ќе знаат дека нивните 150 денари се многу вредни и ќе се чувствуваат многу покорисно – вели директорката на „Комедија“.

Бесплатните претстави беа воведени во сезоната 2014/15 и се однесуваа на сите театри во земјава. Во Македонскиот народен театар и во Драмскиот театар студентите и средношколците сè уште можат бесплатно да гледаат претстави.

Новата сезона на театарот почна на 26 септември со премиерата на „Дони Дарк“. Претходно се преземаа мерки за приспособување на театарот и за подобрување на неговата пристапност за лица со посебни потреби.


Сцена од последната премиера „Дони Дарк“ во која играат директорката Поповски-Ристов и уметничкиот директор Ристовски (лево)

-Сега сме подостапни за сите. Имаме рампа за лицата во инвалидска количка, ги намаливме шалтерите за тие да можат сами да си купат карта, да биде пофункционално. За лицата со оштетен слух обезбедуваме титл, обично ни се најавуваат претходно за да се организираме. За нив се бесплатни влезниците – вели Поповска-Ристов.

Ќе се вратат старите претстави

На социјалните мрежи деновиве можеа да се прочитаат коментари дека добри претстави се тргнати од репертоарот. Раководителите објаснуваат дека ниедна претстава не е отстранета, туку дека се работат нови претстави и дека од ноември ќе бидат вратени постепено тие што публиката ги бара. Станува збор за „Трудна приказна“, „Сон на летната ноќ“.

-Сите претстави што ги бара публиката ќе бидат на репертоар. Секој месец ќе враќаме по една претстава, но ќе им дадеме предност на новите претстави. Во една сала работат три театри, ние би сакале да имаме и 30 изведби месечно, ама условите се тие. Треба да им се даде повеќе простор на новите претстави, тоа е практика на сите светски театри – нагласува Ристовски.

До крајот на годината се најавуваат уште три премиери. На 7 октомври е премиерата на „Мечка“ од Чехов, на 15 ноември ќе следува претстава според „Просидба“ во режија на Теа Беговска, а во декември се подготвува уште една претстава која ќе биде изненадување, најави Поповска-Ристов.

Таа сподели дека ќе се потрудат да го зголемат кадарот, особено со понекој повозрасен актер.

-Вработените драматурзи помагаат многу во работата, а ќе се трудиме повеќе да ги ангажираме вработените режисерки, кои во две години не режирале претстава. Планот ни е по една претстава годишно да имаме од наша продукција – велат од „Комедија“.

Ристовски со радост сподели дека месецов ќе се случи и стотата изведба на „Стјуардеси“ во режија на Синиша Евтимов, претстава која е хит од нејзината премиера во декември 2013 година.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура