X
 07.10.2017 Култура

„Бела ноќ“ вечерва во Скопје: 30 дела од генијот Салвадор Дали во МКЦ

Шпанскиот уметник ги илустрирал познатите басни, како „Гавран и лисица“, „Коњи и волк“, „Лавовиот двор“, „Болниот елен“. Серијата бакрорези е создадена во 1974 година и е печатена на 250 графички табли, кои се чуваат во многу галерии низ целиот свет. Ќе бидат изложени и дела од опусот „Вечерите на Гала“, „Божествена комедија“ и познатите Далиеви коњи, како и една скулптура во позлата наречена „Жена жирафа“

Салвадор Дали

Триесет дела од легендата на надреализмот, шпанскиот уметник Салвадор Дали (1904-1989), вечерва во 20 часот ќе бидат изложени во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје. Публиката ќе има ретка можност да види една скулптура и 29 графики од ексцентричниот, мултимедијален автор. Изложбата ќе биде централниот настан од годинешната манифестација „Бела ноќ“, која вечерва во Скопје ќе се организира по 13. пат. Публиката ќе може да види повеќе изложби, концерти, перформаси, филмски проекции. „Бела ноќ“ ја организира МКЦ, но се вклучуваат повеќе музеи, галерии и културни институции од градот кои ќе ги отворат портите за публиката до доцните часови во ноќта. Изложбата на дела од Дали се очекува да биде најпосетена вечерва. Поставката се организира во соработка со уметничката галерија „Висконти“ од Љубљана и со Централноевропскиот културен центар од Нови Сад. Шпанскиот уметник ги илустрирал познатите басни, како „Гавран и лисица“, „Коњи и волк“, „Лавовиот двор“, „Болниот елен“. Серијата бакрорези е создадена во 1974 година и е печатена на 250 графички табли, кои се чуваат во многу галерии низ целиот свет. Ќе бидат изложени и дела од опусот „Вечерите на Гала“, „Божествена комедија“ и познатите Далиеви коњи, како и една скулптура во позлата наречена „Жена жирафа“.

Што ќе биде изложено?

Венера/жирафа, позлатена бронза

Дали работел во различни медиуми. Што ќе биде изложено вечерва во МКЦ?
- Изложбата ги опфаќа портфолијата: The Divine Comedy, Zodiac Suite, Les Diners de Gal, La Bestiaire de la Fontaine Delinise, а ќе има и една позлатена скулптура. Сопственик на делата е реномираната галерија Visconti art од Љубљана, со децениска традиција зад себе и многубројни проекти, изложби, застапување на повеќе уметници во своето портфолио – вели Златко Стевковски, директор на МКЦ.
Лазар Вујиќ објаснува дека централна точка во оваа приказна е скулптурата на Венера/жирафа, позлатена бронза во бизарен далиевски стил на комбинација на човечки и животински форми во нов спој на фантастична фигура.
- За себе рекол: „Секој ден се будам со големо задоволство, знаејќи дека сум Салвадор Дали…“ Преку овој избор на трудовите ќе ја видите Далиевата безгранична фантазија и неговото виртуозно владеење на цртежот. Веруваме дека ќе уживате во деталите и неговите генијални досетки и духовите интерпретации на литературните погледи – вели Вујиќ.

Бесплатна изложба


Златко Стевковски, директор на МКЦ; фото: Емилија Маневска

Изложбата е насловена „Дали помеѓу ѕвездите и басните“, длабоко е инспирирана од познатиот француски поет и баснописец од 17 век, Жан де Лафонтен, а за љубителите на уметноста ќе биде отворена до 7 ноември. - Изложбата ја отвораме во рамките на „Бела ноќ“, настанот на кој сме и ќе сме му вечно благодарни, нели, поради истиот, реки наши сограѓани се во скопските галерии, музеи, концертни и киносали..., ах, и ДА, и во меаните и кафулињата. Сигурно ќе трае еден месец по официјалното отворање, како што е и најчесто практиката за сите уметници и изложби во оваа галерија. Ако има интерес од уважуваниот публикум, ќе ја продолжиме, како што ја продолживме и изложбата на дела од Пикасо. Ве поканувам да нè посетите во дните по отворањето, и да се исполните и вие, со вревата од децата и автобусите со регистерски таблички од цела Македонија, засебна глетка која нè исполнува сите во МКЦ, а почна со изложбата на Пикасо, истоветно и на ПОП-АРТот. Да не одумиме: и оваа изложба ќе може да се погледне без финансиски надомест, ќе нема влезници – во свој стил ги поканува Стевковски сите љубители на уметноста.

Најпопуларниот уметник на 20 век

Во историјата на ликовната уметност на 20 век ниту еден уметник не доживеал толкава популарност како Салвадор Дали. Не само во ликовната уметност, туку и со својата појава со уникатни бизарни и провокативни настапи, метафорички промислени и одглумени лични сценарија со кои предизвикувал огромно внимание кај публиката, медиумите и фоторепортерите, исто како и врвните поп-ѕвезди од тоа време. - Бил гениј на самопромоцијата, но со оправдана подлога со својата сестрана дарба за сите видови уметност, од сликарство, скулптура, филм, фотографија, архитектура и графика, ни остава многубројни дела за кои можеме да кажеме дека се еден од најинтересните, најинтригантните и најоригиналните авторски опуси остварени во 20 век - велат од МКЦ. Во историјата е запаметен по своите силни и бизарни слики, но и како еден од најпознатите претставници на надреализмот во сликарството. Освен неговиот уникатен начин на сликање, многу експерти сметаат дека бил под влијание на ренесансните мајстори. Соработувал со Волт Дизни, Алфред Хичкок и Луис Буњуел, во чии филмови дури и глуми.

Спектакл на плоштадот „Македонија“

Tago&AtoBIZ

Во рамките на „Бела ноќ“, на плоштадот „Македонија“, вечерва во 21 часот, фантастичната корејската трупа Tago&АtoBIZ ќе го претстави својот музички спектакл, перформансот „Таго: Корејски тапан 2“, кој е виден во целиот свет, на сите континенти, на најпрестижните театарски фестивали во Европа и светот. Триесетина актери, танчари, изведувачи и членови на оваа светска атракција ќе ја почестат публиката со 70-минутен перформанс. Ова гостување е во соработка со фестивалот „Млад отворен театар“. Во горното фоаје на киното „Фросина“ во МКЦ ќе биде поставена изложбата „Сексот и револуцијата“, на ликовната уметница Катерина Станковиќ-Бјеговиќ и Јелена Живковиќ, историчарка. Во оваа поставка тие ги претставуваат љубовните тајни на некои од најголемите имиња на револуциите. На платото на Младинскиот културен центар ќе настапат: Barbarisms, тричлен бенд од Стокхолм предводен од американскиот композитор Николас Фараоне, Conquering Lion, даб/реге/кросовер бенд од Тетово, Ninos Du Brasil, перкусионистичко италијанско дуо, со заднина од бразилската карневалска музика.

Бесплатни автобуси од 19 часот до сабајле

Во Џебното кино на МКЦ соло-настап ќе има Алекс Јонсон од Данска, наградуван гитарист, композитор и импровизатор, а во рамките на филмскиот маратон во киното „Милениум“ ќе биде прикажан и новиот филм „Кога денот немаше име“ на режисерката Теона Стругар-Митевска. Од МКЦ информираат дека возењето во градските автобуси на Јавното сообраќајно претпријатие кон централното градско подрачје од 19 часот до раните утрински часови ќе биде бесплатно. Како и секоја година, Археолошкиот музеј на Македонија и годинава ќе се приклучи на „Бела ноќ“. Од 18 часот сè до полноќ посетителите ќе можат бесплатно да ја видат музејската поставка. Последен термин за влез е 23 часот. Целата програма на манифестацијата можете да ја видите на линкот: http://belanok.mk/progr-2017/
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура