X
 09.10.2017 Живот

Нов пристап кон кошаркарските лекции со професор Ивица Јаковлевски и Pro Basketball training

На овој вид тренинг се работи само со еден до двајца играчи, при што се фокусираме на деталите на техничката подготовка, контрола на топка, баланс, координација, скок-шут, напад, одбрана, а исто така и на психолошката стабилност и подготовка, со што се создава поголема самодоверба кај секој играч, вели Јаковлевски.



Ивица Јаковлевски е тренерот кој внесе нов, иновативен метод во македонската кошарка. Наместо да се концентрира на тренирање на целиот тим, Јаковлевски акцентот го става на индивидуалниот тренинг, во кој целото внимание му го посветува само на еден играч, на подобрување на неговата моторика, техника, прецизност и сл. Со Јаковлевски, кој е дипломиран професор по физичко образование и магистер по економски науки, разговаравме за придобивките што кошаркарите и општо кошарката ги имаат од примената на Pro basketball training.

Факултети.мк: Вие сте првиот индивидуален тренер по кошарка во Македонија. Од каде произлезе идејата за вакво нешто и што всушност опфаќа работата на индивидуалниот тренер?
Тренерската работа е доста комплексна и бара голема мотивираност и желба за достигнување поголеми успеси. Бев тренер во младинска школа, но екипните тренинзи наликуваат еден на друг, така што сакав нешто да променам и да создадам нов иновативен метод на работа. Во поразвиените земји веќе се користи овој метод на работа, па од тоа произлезе и мојата идеја да создадам нешто ново во Македонија. Индивидуалниот тренинг е сосема различен и ги опфаќа сите кошаркарски психомоторички комплексни вежби што се од огромно значење за усовршувањето на еден кошаркар.



Факултети.мк: Од каде го црпевте искуството за овој вид тренерска работа?
Индивидуалниот тренинг на работа е сосема различен од тимскиот, така што на индивидуалниот се обрнува многу внимание на сите детали и се работи со еден или двајца играчи. Како што напоменав, ваквиот начин на работа го има во поразвиените земји, а ме инспирираа тренери кои во Америка веќе ги има во голем број и кои работат според овој иновативен метод. Сметам дека секој дополнителен тренинг е од круцијално значење за оние кошаркари што сакаат да го надградат своето знаење и да станат поуспешни и поефикасни, како на тренинг така и на натпреварите.

Факултети.мк: По долги години поминати со кошарката, денес работите во „Pro Basketball Training“, кошаркарска школа која има нов, иновативен пристап кон тренинзите. Во што се состои тој иновативен пристап?
Овој тренинг се темели на фундаментите и принципите на кошаркарскиот тренинг кои се корисни за напредување во секој дел од кошаркарската игра и стекнување вештини што ќе ги подготват младите во борбата со предизвиците, победите и поразите во спортот и животот. Се фокусираме на деталите на техничката подготовка, контрола на топка, баланс, координација, скок-шут, напад, одбрана, а исто така и на психолошката стабилност и подготовка, со што се создава поголема самодоверба кај секој играч.



Факултети.мк: Оваа школа наиде на многу позитивни коментари во јавноста, особено откако најавивте снимање на професионално видео за индивидуален тренинг. На што се должи тоа?
Со посветеност и напорна работа, успехот доаѓа сам по себе. Оние луѓе што знаат што е професионализам и посветеност во работата, истото го забележуваат и кај другите луѓе и го вреднуваат тоа. Јас сум горд и среќен што ја создадов оваа школа за доброто на кошарката и за кошаркарите што сакаат да се усовршат во секој поглед, како психомоторички така и технички. Во видеото се потрудив во кратки црти да опфатам дел од секој тренинг што го работиме и тоа да биде проследено од камера за да се види професионалниот начин на работа. Исто така, да се види дека е неопходно ваквиот иновативен тренажен процес на работа да биде имплементиран во секоја селекција и секој кошаркарски клуб за да се постигне поголем напредок кај играчите во кои има потенцијал за создавање професионални кошаркари.

Факултети.мк: Колку нашите спортисти, конкретно кошаркарите, ја сфаќаат важноста на ваквиот пристап во тренирањето? Колку од нив го практикуваат?
Оние кошаркари, особено од младинските категории, што сакаат да напредуваат во секој поглед, сакаат да придонесуваат повеќе од нивните соиграчи, често доаѓаат на тренинг и посветуваат доста време на себе, пред сѐ за да се изградат во здрави личности со силен карактер и голема самодоверба. Од професионалните играчи има неколку што го посетуваат овој вид тренинг, но зависно од обврските што ги имаат во клубовите. Како прв индивидуален тренер во Македонија, сакам да го имплементирам овој начин на работа и да укажам дека без дополнително присуство на тренинзите, надградување и усовршување, не може лесно да се постигне успех.



Факултети.мк: Долги години бевте тренер во младинската школа на кошаркарскиот клуб Работнички, каде што стекнавте огромно искуство за работа со деца. Која е најдобрата возраст за децата да почнат да се занимаваат со овој спорт?
Да, токму тоа е клубот каде што ги направив моите први чекори како кошаркар, а подоцна и како тренер. Стекнав големо искуство, поминав многу генерации од најмали до сениори и благодарен сум што токму тоа искуство го стекнав во најтрофејниот кошаркарски клуб. Сметам дека децата веќе од 7-8 години може да почнат да се занимаваат со кошарка, но тоа најмногу зависи од желбата на детето.

Факултети.мк: Колку е важна спортската опрема што се користи при спортувањето? Може ли погрешно избраната опрема да направи поголема штета отколку корист при спортските активности?
Секако дека спортската опрема е задолжителна. Во кошарката се потребни квалитетни патики, како и штитници за колена и за лактите, кои во поново време се користат често и се дел од стилот на кошаркарите. Во кошарката, освен патиките, не верувам дека друг дел од опремата може да направи штета. Но, во другите спортови мислам дека може, зависно за кој спорт се работи.

Факултети.мк: Дали компаниите за спортска опрема во земјава имаат слух за да ги поддржат успешните спортски приказни, како што тоа го прават светски познатите брендови?

Секако дека спортските брендови кај нас поддржуваат познати спортисти и спортски клубови кои се успешни во својата работа. Јас сакам да им се заблагодарам на моите поддржувачи, Sport vision, кои се грижат за мене и за членовите на Pro basketball training. Sport vision ми обезбедува сѐ што ми е потребно од спортска опрема за време на тренинзите, како и реквизити кои ми се потребни за одржување на тренинзите.

Подготвил: Д.Ф.
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот