X
 09.10.2017 Образование

Петте најчести лаги за студирањето што ќе ги чуете во средно училиште


Коцки со натпис Study
(Фото: Pixabay)


Секој има нешто да каже за студирањето – од студентите што студираат по „стара програма“ до оние што никогаш не стапнале на факултет. На оваа тема најчесто дебатираат средношколците, особено матурантите, кои професорите во средните училишта, од некои непознати причини, ги хранат со лажни информации. Затоа, ајде да ги разбиеме митовите за студирањето:

1.    Не смеете да доцните на предавањата!

Оваа „вистина“ може да ја повторуваат до недоглед, но сите знаеме дека е лага. Не само што на универзитетите се толерираат 15-те академски минути, туку никој не те прашува ако влезеш во предавалната и по 30 минути од почетокот и ако излезеш после 45. Најверојатно и професорот дошол со задоцнување од 35 минути.

2.    Професорите на факултет се многу построги од оние во средно училиште!

Во средно училиште моравме да седиме секој на своето место, заедно станувавме и во еден глас отпоздравувавме со „Добар ден“ кога ќе влезеше професорот во училницата, и генерално, комуникацијата со него беше строго на „Вие“. На факултет, професорите ќе ви понудат да ви го платат вашето кафе, ако донесете едно и за нив. На сред предавање. И ќе се сретнувате во кафулето. Некогаш и во клубот. Ќе разменувате е-пораки, ќе комуницирате без проблем.

3.    Кога ќе стигнете на факултет, ќе забележите колку средното училиште било лесно!

Тотална лага. Некогаш е полесно да се положат две студентски години отколку испитот на тема логаритми во средно училиште. Ако го запишете она што ве интересира, автоматски сте си го олесниле студирањето, затоа што нема да морате три дена да барате мотивација за да решите една „глупава“ задача. Плус, логаритмите никогаш повеќе нема да ви требаат во животот, а материјалот што ќе го студирате ќе треба да го применувате секојдневно.

4.    На факултет не ќе можете вака да мамите на испитите!

Дали студентите мамат на испитите? Одговорот е: да. Но, мамењето овде е многу поретко во однос на средношколското, а на студентите, исто како и на професорите, им е поважна континуираната заедничка работа и труд  и акумулираното знаење, отколку конечната оценка.

5.    Не смеете да јадете/пиете /спиете на предавањата!

За разлика од средното училиште, луѓето на факултет се свесни за основните човечки потреби, како на пример жедта, па пиењето вода, сок, чај, кафе е апсолутно нормално. И уште повеќе, и професорите си носат со себе пијалаци за да им се најдат при предавањето. Ако не сте пренападни и не правите премногу врева, може и да каснете нешто – чоколадо, грицки, дури и парче бурек. Најлошто што притоа може да ви се случи е професорот да ве задева. Жива вистина.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование