X
 12.10.2017 Живот

Првите професии на милијардерите: промотори, продавачи „од врата до врата“, мијачи на садови...


Илон Маск
(Фото: Youtube Printscreen)


Навистина е тешко да се замисли милијардер кој продава сендвичи, превртува бургери или монтира полици, но повеќето од најбогатите луѓе имале вистински тешки почетоци. Можеби денес се возат во приватни авиони и предводат успешни компании, но милијардерите како Армани, Бренсон и Маск, своите успеси почнале да ги градат од нула.

Илон Маск

Прва професија: софтверски инженер; богатство: 16 милијарди долари.

Основачот на „Тесла“ отсекогаш бил фан на технологијата и вселената. Кога имал само 12 години, Маск напишал код за својата видеоигра која се однесувала на вселената и се викала „Бластар“. Ја продал за 500 долари на магазинот „ПС и Офис технолоџи“. Неодамна софтверски инженер од „Гугл“ го зел тој код и го вградил во игра која може да се игра на модерните уреди.

Џорџо Армани


Прва професија: Асистент на фотограф; богатство: 6,6 милијарди долари.

Пред да почне да крои костуми кои ќе го променат светот на модата, Џорџо Армани служел во италијанската војска. Токму во текот на тој период се заинтересирал за модата. Некој пријател го прашал дали би сакал да заработи пари така што ќе биде асистент на фотограф во делот за продажба, и така се роди идната модна икона. Кога го отслужил воениот рок, почнал да работи во реномираната продавница во Милано, „Ла Ринашенте“.

Тревис Каланик

Прва професија: Продавач „од вата до врата“; богатство: 6,3 милијарди долари.


Основачот и поранешниот директор на „Убер“, Тревис Каланик, прво почнал да работи како продавач „од врата до врата“, продавајќи ножеви за „Катко“ како тинејџер. Неговиот претприемачки дух процветал кога имал 18 години, и тогаш го почнал својот прв бизнис – „Њу веј академи“. Каланик студирал компјутерско инженерство на УКЛА, но во 1998 година се отпишал за да го почне својот бизнис. Тоа бил „Убер“.

Еван Шпигел

Прва професија: Промотор на „Ред бул“; богатство: 4 милијарди долари.

Кога основачот на „Снепчет“, Еван Шпигел, бил во средно училиште во градот Санта Моника, работел како промотор на „Ред бул“ во баровите и клубовите. Откако завршил средно образование, студирал дизајн на „Стенфорд“, каде што ги запознал своите идни колеги коосновачи на оваа социјална мрежа, Реџи Браун и Боби Марфи.

Тед Тарнер

Прва професија: Работа во агенција за огласување; богатство: 2,3 милијарди долари.

Основачот на Си-ен-ен, а сега филантроп, сонувал да се приклучи во војската, но судбината имала други планови за него. Откако бил исфрлен од Универзитетот „Браун“ зашто во неговата соба затекнале девојка, Тед Тарнер почнал да работи во агенција за огласување, која била сопственост на неговиот татко. Тука веќе покажал дека има талент за бизнис и ја удвоил заработката на компанијата уште во текот на првата година. Тарнер го презел бизнисот, кој подоцна му го продал на „Тајм Ворнер“ за 7,5 милијарди долари во 1996 година.

Џек Дорси

Прва професија: Софтверски инженер; богатство: 1,2 милијарда долари.

Основачот на „Твитер“ уште во средно училиште во градот Сент Луис бил фасциниран од програмирањето. На 15-годишна возраст Дорси напишал софтвер кој сè уште се користи во некои такси-здруженија.

Брус Нордстром

Прва професија: Работник во продавница; богатство: 1,2 милијарда долари


Брус Нордстром, сега звучно име во продажбата на облека, својата прва работа ја добил кога имал само девет години. Имено, работел во семејната фирма за продажба на облека, за 25 центи на час. Неговата компанија „Нордстром“ има над 156 продавници во 27 држави и синџир на европски бутици.

Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот