X
 14.10.2017 Култура

Изложба на Решат Амети во Музејот „Мимара“: Уметноста вистински се оценува во странство, кога го нема кланот кој те фали и штити

Познато е дека ние, на Балканот, милуваме да си се „величиме“, да „позираме“ како големи уметници без претходно таа величина да ја докажеме со вистинска ликовна вредност. Таквото нарцисоидно его го хранат и ликовни кланови кои се групираат за да си се штитат, за да ја кријат својата евентуална неталентираност, недостатоци во ликовните вештини и оригинална ликовна вистина. Затоа е пореално вреднувањето во странство

Решат Амети

Верификацијата во странство е доказ дека си на вистинскиот пат во сопственото ликовно изразување, вели сликарот Решат Амети пред изложбата во еден од најпрестижните простори во регионот, Музејот „Мимара“ во Загреб. Изложбата е со наслов „Во потрага по светлината“, а ќе биде отворена од понеделник до 22 октомври. Амети ќе се претстави со дваесетина дела кои ќе бидат изложени на првиот кат во музејот.
- Тоа се дела реализирани во последните години и тоа од циклусите „Лирска геометрија“, „Од традицијата“ и „Дијалог“. Повеќето се изработени во техниката масло на платно, како и комбинирана техника. Селектирани се делата што го означуваат мојот целокупен истражувачки дух и кои најјасно го претставуваат мојот ликовен јазик – вели Амети за Факултети.мк.

Светски познат музеј


Музејот „Мимара“ во Загреб

Изложбата ќе биде отворена во еден од најпрестижните изложбени простори во регионот. Но, Амети вели дека оваа изложба за него е повеќезначајна. - Како културна институција, Музејот е релевантен и светски познат. Посебно е чувството да изложите свои дела во музеј кој во својата колекција чува дела од Гоја, Рубенс, Веласкез, Ван Дајк, Тарнер... речиси целата историја на ликовната уметност. Самиот град Загреб има културна содржина која е динамична и секогаш со времето на светските ликовни збиднувања, движења и настани. Загреб како град е врата меѓу културните патеки на западот и истокот, северот и југот. Тука се испреплетуваат различни вредност и културни богатства. Можам да заклучам дека за мене тоа е личен предизвик и очекувам дека мојата уметничка филозофија ќе биде прифатена како оригинален уметнички „производ“. Дека ќе биде разбрана мојата ликовна вистина, како јасна и чиста естетски ликовна филозофија која има перцептивна гравитациска сила и дека примачот вистински ќе го доживее овој визуелен производ – вели Амети.

Уметникот не може да се „фолира“



Тој е еден од ликовните уметници од Македонија што во последната деценија постојано се на пат. Од Њујорк до Нирнберг, па во Анкара, Цирих и Берлин, до Пекинг. Амети ја раскажува својата приказна, секогаш инспирирана од светлината. Уверен е дека ниту еден автор не може да се „фолира“, оти публиката секогаш ќе ги види тоа, колку и да е скриено. А уметникот ќе успее само ако е свој, оригинален. На прашањето колку тоа верифицирање во странство е важно за еден автор, тој вели: - Познато е дека ние, на Балканот, милуваме да си се „величиме“, да „позираме“ како големи уметници без претходно таа величина да ја докажеме со вистинска ликовна вредност. Таквото нарцисоидно его го хранат и ликовни кланови кои се групираат за да си се штитат, за да ја кријат својата евентуална неталентираност, недостатоци во ликовните вештини и оригинална ликовна вистина. Затоа е пореално вреднувањето во странство. Тоа е вистинската верификација, оти надвор од сопствената средина ќе нема можност да си влијаеш, нема „адвокат“ кој го брани делото, го нема кланот кој те фали и штити. Мора самото ликовно дело да се докаже дека е вредно, дека има сопствен ликовен печат. Верификацијата во странство е доказ дека си на вистинскиот пат на сопственото ликовно изразување – вели Амети.

Уметник за кој сликарството претставува авантура



Во текстот од каталогот за изложбата Ива Корблер пишува:
- Сликарската делница на истакнатиот современ сликар од Македонија, Решат Амети, не може да го остави рамнодушен набљудувачот бидејќи во моментов нè поврзува не само со хрватското модерно и современо пејзажно сликарство на југот туку, исто така, и со многу значајни опуси со колористичка и лирска апстракција која ни е длабоко вкоренета во визуелното-културолошко искуство. Ми се чини дека Амети e еден од оние уметници за кои сликарството претставува авантура, страст и експеримент, и кои никогаш не се заморуваат во својата потрага по нови можности на сликата. Евидентно е дека не го интересира површинскиот, декоративен ефект на сликата, туку тој понира многу подлабоко, во сложената артикулација на структурата на сликата, во композициски двојности што произлегуваат од контролираниот и спонтан гест на сликањето, со создавање цврста арматура на сликата и меките, нежни, спонтани наноси на пигментот, на трагата на дивизионистичката сугестија на пејзажот: како на земскиот, така и небесниот – вели таа.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура