X
 19.10.2017 Наука

Северна Америка се соочува со огромен проблем - се топи замрзнатата почва

1
Фото: Alamy

Владимир Романовски поминува низ шумата од густа смрека. Пријатен топол ден во јули, а овој научник заедно со неговиот тим ја бара кутијата што претходно ја поставил на терен. Таа е сокриена на околу 10 километри од Геофизичкиот институт на Универзитетот во Алјаска во Фербенкс, каде што Владимир е професор  по геофизика и ја предводи лабораторијата за мраз.

Кутијата, покриена со гранки од дрвјата, содржи колектор на податоци поврзан со термометар инсталиран под земја за мерење на температурата на мразот во различни длабочини. Вечно замрзната е онаа површина на земја што останува на 0 или под нула Целзиусови степени најмалку две последователни години.

Романовски го поврзува својот лаптоп со собирачот на податоци за да ги пренесе податоците за температурата на оваа локација, наречена Голдстрим III, што подоцна ќе ги додаде во онлајн-базата на податоци достапна за научниците и сите заинтересирани.

„Вечниот мраз е дефиниран врз основа на температурата, параметар што ја карактеризира неговата стабилност“, вели Романовски.

Кога температурата на мразот е под 0 Целзиусови степени, на пример -6 Целзиусови степени, мразот се смета за стабилен и ќе биде потребно подолго време за да се одмрзне или промени. Меѓутоа, ако е блиску 0 Целзиусови степени, тогаш се смета за ранлив.

2
Фото: Anthony Rhoades

Секое лето дел од почвата има еден слој на мраз, и е наречен активен слој, што се топи пред да замрзне наредната зима. Во Голдстрим III, овој јули, топењето во текот на летото заврши на длабочина од 50 сантиметри.

Како што се подгрева Земјата и како што се искачуваат летните температури, така затоплувањето се продлабочува и се шири, предизвикувајќи мразот одоздола да е помалку стабилен.

Последиците, доколку продолжи топењето, ќе бидат тешки, и за Алјаска и за целиот свет. Речиси 90 отсто од Алјаска се покриени со вечен мраз, што значи дека цели села ќе треба да бидат преселени, со оглед на тоа што би можеле да се срушат темелите на зградите и патиштата. А доколку мразот што се топи го ослободи акумулираниот јаглерод што се насобирал цел милениум, ова би можело да го забрза затоплувањето на нашата планета - далеку од нашата способност да го контролираме.

Како што се одмрзнува вечниот мраз, куќите, патиштата, аеродромите и другата инфраструктура изградена на замрзнатото земјиште може да попуштат, па дури и да се срушат.

Слично на тоа, инфраструктурата изградена под земја, како што е онаа за комунални услуги - страда додека температурите се зголемуваат.

„Во Поинт Леј, на брегот во северозападна Алјаска, луѓето имаат проблеми со нивните водени и канализациски линии закопани во замрзнатата почва. Почвата почна да се одмрзнува, со што добиваме вода и уништување на цела линија, поради менувањето на земјата“, вели Вилијам Шнабел, директор на Центарот за истражување на вода и животна средина на Универзитетот во Алјаска.

3
Фото: Anthony Rhoades

Загриженоста е уште поизразена за оние што живеат во рурални средини, кои немаат доволно средства за борба против ефектите од замрзнувањето на мразот. Кај овие жители не е проблемот само во уривањето на зградите, како што е вообичаено сега, туку и во водоснабдувањето.

Според истражувањата спроведени од американското геолошко истражување, селата како Кивалина во северозападна Алјаска ќе мора да се преселат во наредните 10 години. „Но процените покажуваат дека трошоците за преселување се околу 200 милиони долари за едно село во кое живеат 300 луѓе“, вели Романовски.

Овие суми се можни само со финансирање од федералната влада - но не постојат гаранции дека и новата локација нема да биде погодена.

„Досега има околу 70 села што се погодени и што мора да се преселат поради топењето. Но преселувањето на селата на друга локација е многу тешко да се гарантира за наредните 30 години, и федералната влада не сака да плати за нешто што во иднина ќе треба повторно да го плаќа“, додава Романовски.

Aлјаска без сомнение е на фронтот на климатските промени, но проблемите поврзани со мразот не се само локални. Она што се случува со замрзнатата почва во 49. држава ќе влијае врз останатите 48 и целиот свет.

4
Фото: Alamy

Според Романовски, половина од замрзнатата почва и 90 отсто од внатрешноста на Алјаска ќе се стопат ако има глобален просечен пораст од 2 Целзиусови степени во температурата на воздухот.

Ова е особено загрижувачки бидејќи огромна количина органски јаглерод е заробен во мразот и во активниот слој. Бидејќи замрзнатата плоча нема доволно топлина за да им помогне на микробите да ја распаднат вегетацијата што умира, во период од илјадници години, органската материја се акумулира во мразот. Некои процени укажуваат дека количината на јаглерод во мразот е двојно поголема отколку што постои во атмосферскиот јаглероден диоксид.

„Ако продолжиме вака, до 2100 година ќе се одмрзне значителен дел од мразот во горните пет метри и сета таа органска материја што моментално се наоѓа во мразот. Тоа би значело ослободување на јаглероден диоксид и метан, што ќе го засили затоплувањето поради согорување на фосилните горива“, вели Кевин Шафер, научен истражувач во Националниот центар за податоци за снег и мраз на Универзитетот во Колорадо.

„Теоретски, ако овој јаглерод се ослободи во атмосферата, количините на СО2 ќе бидат трипати повисоки од она што сега се наоѓа во атмосферата“, вели Романовски.

За жал, кога мразот ќе почне да се одмрзнува, ќе биде тешко да се замрзне повторно - барем во текот на нашите животи. Откако распаѓањето е надвор од земјата и во атмосферата, не постои лесен начин тој јаглерод да се врати повторно во земјата.

4
Фото: Anthony Rhoades

„Единствениот начин да се направи тоа ќе биде намалување на глобалната температура и повторно замрзнување на мразот, а тоа значи дека ќе го отстраниме јаглеродниот диоксид од атмосферата“, вели Шефер.

Во извештај од 2016 година, истражувачите Сара Чадберн заедно со колегите проценува дека дури и ако климата се стабилизира, како што беше договорено од 196 партии во 2015 година, површината на мраз евентуално би била намалена над 40 отсто. Сепак, со најавата на американскиот претседател Доналд Трамп за повлекување од Парискиот договор, претстои голема загуба на мраз.

Алјаска е политички конзервативна држава, па аутсајдерите може да претпостават  дека жителите ја отфрлиле идејата дека затоплувањето е надвор од нивната контрола. Според анкетата во која учествувале 750 учесници, повеќе од 70 отсто од жителите на Алјаска се загрижени за климатските промени.

Во Националниот парк Денали, Ана Мур вели дека затоплувањето влијае врз дивиот свет веќе неколку години. Таа забележала дека арктичкиот зајак, кој го менува крзното од кафеава во бела со годишните времиња, не е во чекор со промените, како резултат на порастот на температурата, и на тој начин се става себеси во ризик.

„Во текот на зимата зајакот добива бели делови на крзното. Како што се затоплува, снегот се топи побрзо, но нивните тела се аклиматизираат за одредени промени во температурата. И покрај тоа што снегот веќе е стопен, тие и понатаму остануваат бели и се во поголема опасност од предаторите“, вели таа.

5
Фото: Getty Images

Мур, иако верува во климатските промени и гледа како тие влијаат врз флората и фауната, смета дека сепак тие се резултат и на човечки активности, но и на природниот циклус.

Назад во Голдстрим, Романовски забележува дека на 50 сантиметри длабочина, температурата на почвата е -0,04 степени. На еден метар е -0,23 степени.

Во меѓувреме, малку по малку, замрзнатиот север на Америка полека се одмрзнува и тоа што следува е непознато. Она што е сигурно е дека топењето засекогаш ќе го промени некогаш познат пејзаж - а најверојатно и планетата и нејзините жители.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука