X
 20.10.2017 Живот

Која е жената што ќе му се спротивстави на Путин на претстојните претседателски избори?


Ксенија Собчак
(Фото: NYTimes)


Триесет и петгодишна новинарка има намера да се кандидира на претседателските избори во Русија што ќе се одржат во март 2018, пренесува „Њујорк тајмс“.

Познатата телевизиска новинарка Ксенија Собчак, чиј татко беше близок соработник на Владимир Путин, на својот јутјуб-канал ја објави својата намера да се кандидира на претстојните претстедателски избори во Русија.

 „Њујорк тајмс“ пишува дека новинарката Собчак по овој повод објавила и писмо во економското списание „Ведомости“.

Таа се опишува себеси како кандидат на сите оние што одбиваат да прифатат статус кво и како некој кој може да внесе борбеност во кампањата, предизвикувајќи ги „изморените повозрасни кандидати од веќе етаблираните партии, кои со години се на политичката сцена“.

Таа на своите потенцијални избирачи им порачува да „мислат на Собчак-начин“ доколку сакаат да сторат нешто и доколку сè им е преку глава, а немаат свој кандидат.

„Њујорк тајмс“ потенцира дека Ксенија е ќерка на некогашниот градоначалник на Санкт Петербург, Анатолиј Собчак, кој му бил ментор на Путин со години, а починал во 2000 година.

Меѓутоа, во својата анализа „Њујорк тајмс“ наведува дека кандидатурата на Собчак ќе ја раслои и бездруго слабата опозиција, со потенцирање дека главниот руски опозиционер Алексеј Навални нема да може да се кандидира поради забраната од судот, поради постапките што се водат против него, а тој ги смета за политички мотивирани.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот