X
 23.10.2017 Култура

Алберт Ајнштајн: „Тој што смета дека сопствениот живот и животите на неговите блиски се бесмислени, не е способен за живот“


Алберт Ајнштајн
(Фото: Wikimedia Commons)


Алберт Ајнштајн (1879 – 1955) е прочуен германски научник, физичар и автор на епохалната теорија за релативноста, кој станал легенда уште за време на животот.

Тежнеел да го спознае светот заради спознанието само по себе, затоа што не бил само физичар кој ги истражува причините на појавите, туку бил и филозоф кој тежнеел да создаде сеопфатна слика на светот врз база на востановените примероци на однесување на материјалниот свет.

Каков всушност бил неговиот поглед на светот?

Низа новински написи и есеи ја откриваат топлината, ширината и неверојатно скромната, духовна величина на човекот кој со својот ум допре до најдлабоките тајни на вселенскиот бескрај.

„Која е смислата на нашиот живот, која е смислата на животот на сите живи суштества воопшто? Да се знае одговорот на ова прашање значи да се биде религиозен. Ако прашуваш: има ли воопшто смисла поставувањето на вакво прашање?  Одговарам: Кој смета дека сопствениот живот и животите на неговите блиски се бесмислени, тој не само што е несреќен, туку и едвај е способен за живот.“

„Најцврсто сум убеден дека никакво богатство на светот не може да го унапреди човештвото, па дури и да е во рацете на човек кој тежнее кон таа цел. Само примерот на големи и вистински личности може да води кон благородни дела и сфаќања. Парите само го привлекуваат користољубието и незадржливо водат кон злоупотреби. Може ли некој да ги замисли Мојсеј, Исус или Ганди со паричникот на Карнеги во раце?“

„Воопшто не верувам во слободата на човекот во филозофска смисла. Секој работи не само поради надворешна принуда туку и според мерка на внатрешната нужност. Шопенхауеровата изрека: Впрочем, некој човек може да прави што сака, но не може да избере што ќе сака, животно ме исполнуваше од мојата младост и секогаш погледот кон трпењето на суровоста на животот ми беше утеха и неисцрпен извор на трпение. Ваквата свест на удобен начин го ублажува парализирачкото чувство на одговорност, придонесувајќи да не се земаме, самите себе и другите, премногу сериозно; тоа води до сфаќање дека животот му дава право на постоење особено на хуморот.“

„Од објективна точка на гледиште, секогаш ми изгледало бесмислено прашањето за смислата или целта на сопственото постоење, како и постоењето на сите суштества. Па сепак, вистина е и дека секој човек има некакви идеали кои го насочуваат во неговите стремежи. Во таа смисла уживањето и среќата никогаш не биле цел самите за себе (таа етичка основа јас исто така ја нарекувам и идеал на стадо свињи). Моите идеали, кои ми го осветлуваа патот и секогаш одново ме исполнуваа со радосна волја за живот, беа добрината, убавината и вистината. Без чувство за согласување со истомислениците, без занимавањето со целите, вечно недостижни на полето на уметноста и научните истражувања, животот би ми бил празен. Баналните цели на човечките стремежи: поседувањето, надворешниот сјај и успех, ми беа одвратни уште од најмлади години.“

„Со моето речиси страсно сочувство за социјална правда и општествена должност, секогаш постоеше, во една чудна спротивност, и изразениот недостаток на потреба непосредно да се врзувам со луѓето. Јас сум вистински волк самотник кој ниту на државата, ниту на татковината ниту на кругот на пријатели па ниту на најблиското семејство, никогаш не им припаѓав со полно срце, туку во сите тие врски ми преовладуваше чувството на отуѓеност и потреба за самотија, чувство кое во повозрасните години сè повеќе јакне.“

„Мојот политички идеал е демократски. Секој треба да биде почитуван како личност, но никој не смее да се прогласува за божество. Иронија на судбината е дека другите луѓе покажуваа кон мене и премногу восхит и почит, без моја вина или намера. Можеби тоа произлегуваше од неисполнетата желба на многу луѓе да ги сфатат оние неколку мисли до кои стигнав на своето непрекинато мисловно борилиште. Впрочем, познато ми е многу добро дека за постигнување на една организаторска цел потребно е некој да мисли, да одлучува и да понесе одговорност. Но следбениците на водичот мора сами да го изберат водичот, а не да бидат присилени на тоа. Автократските системи на принуда, според мое уверување, многу брзо се дегенерираат. Затоа што, силата секогаш ги привлекува морално помалку вредните луѓе, а сметам дека постои и непишано правило дека генијалните тирани за свои наследници имаат крадци. Заради таа причина отсекогаш сум бил жесток противник на поредокот каков што имаме денес (околу 1930-та) во Италија и Русија. Тоа што во Европа некаде се дискредитираше демократското уредување не е виновна само демократската основна замисла туку и недостатокот на стабилност кај владеачките врвови и безличнниот карактер на изборите...Јас државата не ја сметам за нешто што е навистина вредно во човечкиот живот; вредност е креативниот и чувствителен поединец, личноста. Само таа создава благородност и возвишеност, додека стадото како такво има тапи мисли и чувства.“

„Кога веќе сме на овој предмет, да кажам и некој збор за најлошиот изрод во животот на стадата, за мене омразената – војска. Кога некој е во состојба со задоволство да маршира во строев чекор, јас веќе го презирам; големиот мозок го добил со забуна, затоа што за тоа доволен му е и `рбетниот мозок. Тој цивилизациски срам наречен војска, би требало да исчезне што побрзо. Јунаштво по потреба, безмислено насилство и слепо родољубие, колку многу го мразам тоа, колку војната ми е одвратна и ниска...“

„Најубавото што може да го доживееме е она што е таинствено. Тоа е темелно чувство кое стои во зародишот на секоја уметност и наука. Кој не го познава, кој не може да се чуди повеќе, кој не може да се восхитува повеќе, тој е речиси мртов, а неговите очи згаснале. Доживувањето на таинственото – макар и со страв – ја создаде религијата. Спознанието дека постои нешто што ни е недофатливо, прикажувањето на најдлабокиот ум и наблескавата убавина кои во нашиот разум се присутни само во наједноставен облик, тоа спознание и чувство ја чинат вистинската религиозност; во таа смисла, и само во таа, јас сум најголем верник...“

„Како што напредува духовниот развој на човештвото, така сè посигурно ми изгледа дека патот на вистинската религиозност не оди преку стравот од животот, стравот од смртта и слепата вера, туку преку стремежот за рационално знаење. Во таа смисла сметам дека свештеникот мора да стане учител, ако сака правилно да постапува во својата возвишена просветителска мисија.“

„Будизмот содржи многу повеќе елементи на космичка религиозност, што добро се објаснети во прекрасните списи на Шопенауер. Духовните гении на сите времиња се одликувале со тој вид религиозно чувство во кое не постои догма и нема Бог во човечки облик; затоа и не постои црква која своето учење би го засновала на тоа чувство...Ми се чини дека најважната задача на уметноста и науката е да го разбудат тоа чувство и да го одржат меѓу оние кои се во состојба да го примат истотото...“

„Знаењето и особините на човечките маси се неспоредливо пониски од знаењата и особините на мал број луѓе кои создаваат нешто вредно за заедницата. Се надевам дека потомците ќе ги прочитаат овие реченици со чувство на гордост и оправдана надмоќ.“

Големиот гениј и уште поголем човек, Алберт Ајнштајн, го напушти овоземскиот живот во 1955 година, после ужасите на двете светски војни и поразителниот факт што во една прилика и сам го искажа, одговарајќи мангупски на прашањето: што сметате дека е бесконечно? Космосот и човечката глупавост, но за првото не сум сигурен!
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура