Актерот Морган Фримен е активен и на телевизија и на филм на своја 80-годишна возраст. Тој не само што не запира во својата актерска кариера, туку деновиве се прокламира и како извршен продуцент и ѕвезда на новиот документарец на „Нешенел џиографик“ со наслов „Приказна за нас“ (The story of us). Во неодамнешното интервју за „
Бизнис инсајдер“, Фримен зборува за својот став кон самодисциплината која му овозможува да биде витален, како во животот така и во кариерата. Дисциплината за него има некаков вид војничка строгост.
На прашање за тајната на неговата долговечност, Фримен одговори дека таа лежи во „дисциплината“:
„Вежбањето е дел од таа дисциплина. Како јадете, исто така е дел од дисциплината. Се обидувам да не се прејадувам“, објаснува тој. „Во еден момент открив дека јадењето ни станало навика, а не нужна потреба. Затоа, ако јадењето го сведете на нужна потреба, ќе биде многу подобро за вас“. Фримен го споредува современото американско општество (иако тоа не е нужно исклучиво американско) и неговите прехранбени навики со некогашните, кога дебелината била реткост, а работите барале поголема физичка активност, па храната служела како „гориво“.
„Знаете ли дека во Америка има најмногу дебели луѓе во споредба со другите места? Тоа е така затоа што можеме да ги нахраниме“. Фримен натаму говори дека порано луѓето работеле физички понапорни работи – користеле секири, мотики, со еден збор – разни алати. Правеле пауза единствено за да јадат, а потоа продолжувале. А денес, како што истакнува Фримен, кога ќе станеме наутро, ги миеме забите, се облекуваме, се возиме до работното место, а потоа седнуваме пред компјутер.
Серијата на Фримен, која содржи шест епизоди, го следи актерот низ светот како разговара со различни луѓе, вклучително и со познати – како Бил Клинтон и Надја Толокно од групата „Пуси рајот“.
Тој ја опишува серијата како обид „да се намали тензијата меѓу луѓето што не се познаваат“.
Погледнете го трејлерот: