X
 24.10.2017 Образование

Проектот „Иновативно училиште: отскочна штица“ – големо искуство за студенти од Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер

„Иновативно училиште - отскочна штица“ е меѓународен проект во кој шест факултети од исто толку земји се поврзуваат со индустријата, а се занимаваат со преработка и обработка на дрво, дизајн на мебел, шумарство. Македонски претставник во проектот е Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а координатор е проф. д-р Владимир Каранаков.


Студентите од Македонија во неколку наврати соработуваат со колеги од факултети од Русија (Шумарски и Технички факултет од Санкт Петербург), Србија (Шумарски факултет од Белград), Швајцарија (Универзитет за применети науки), Словенија (Биотехнички факултет од Љубљана) и од Босна и Херцеговина (Технички факултет од Бихаќ).

Во почетокот на септември се одржа практичен проект во Босна и Херцеговина, каде што домаќин беше токму Техничкиот факултет од Бихаќ. Учесниците имаа предизвик да проектираат компонибилен мебел, т.е. два елемента што можат да се користат повеќенаменски, објаснува професорот Каранаков. На средбата во БиХ ѝ претходела мајска сесија на проектот, што се одржала во Швајцарија. Каранаков објаснува дека проектот е почнат во 2014 година, а се изродил од претходниот „Отскочна штица“ во кој учествувале четири земји. Замислено е проектот да трае до идната година.


Проф.Владимир Каранаков, координатор на проектот

- Првобитната идеја на проектот е конференциско претставување на дипломски и магистерски трудови од соодветни области од различни универзитети од Европа. Годишно се организираат една конференција и два практични проекта каде што учесниците работат на реални задачи во компании. Генерален поддржувач и спонзор на проектот е невладината организација Stiftung Merkator од Швајцарија. Едни од носечките цели се екологијата и одржливиот дизајн, заштитата на животната средина и употребата на еколошки материјали. Покрај тоа, десеминацијата на знаењата, другарувањето и меѓусебните контакти се од непроценлива вредност за сите учесници во проектот – вели Каранаков.

Размена на знаење, стандарди, култура

Четворица учесници од Македонија го даваат својот авторски печат во меѓународниот белег. Станува збор за Кристина Чачовска, Верче Арсовска и Ваљон Биљали, кои се студенти на Факултетот за дизајн, и Сашко Зорбовски од Шумарскиот факултет во Скопје. Чачовска, која е дипломиран инженер по дрвна индустрија, насока проектирање и технологии на мебел и ентериер, споделува дека целиот проект е големо искуство за неа.
- Целта е да се поврзат сродни факултети чија точка на спојување е дрвото, како дел од екосистемот, дел од индустријата и балансот меѓу нив. Покрај размената на идеи и искуства, секако дека не е изоставен и делот за запознавање со компаниите, нивните технологии и новитети. На конференцијата во Швајцарија се претставивме со индивидуален труд, кој опфаќа истражувања, дипломски и магистерски трудови, како и предавања од професори. Како искуство е неверојатно, постои размена на знаења и идеи меѓу различни факултети, стандарди, култури. За мене, најинтересно од сè беше тоа што директно ја согледав поврзаноста на сите тие струки и нивната неопходна симбиоза – објаснува Чачовска.
Учесниците во вториот дел од програмата што се одвиваше во Бихаќ требаше да изработат прототип од парче мебел.
- Тоа го работевме во фирмата „CreativaČavkunović”. Уште во првиот дел од програмата сите учесници бевме поделени на две групи (тоа значи и два различни производи што треба да се изработат во Босна). Најинтересниот дел беше тоа што имавме мултикултурна виртуелна комуникација, преку која успеавме да се организираме, да дојдеме до производ и технички го разработиме до степен да биде спремен за производство, а, се разбира, после тоа и ги изработивме нашите прототипи – вели Чачовска.


  Наши учесници (од лево кон десно): Кристина Чачовска, Ваљон Биљаљи, Сашко Зорбовски и Верче Арсовска

Студентот Биљаљи објаснува дека во Босна требало да смислат мултифункционални домашни елементи кои можат да бидат корисни и да ни го олеснат животот.
- Бевме задоволни од идејата и од постигнатиот успех. Од овој проект досега сум се сретнал со новини кои мене како студент на Факултетот за дизајн на ентериер ми помагаат за креирање вистинска идеја за продукти кои треба да се поврзани со влијанието на конкретниот продукт со средината и луѓето. До крајот на овој проект очекувам да имам уште еден подобар чекор кон знаењето околу процесот на пазарот и маркетингот, па верувам дека кога ќе завршам како инженер за дизајн и технологии на мебел и ентериер, ќе бидам подготвен за тоа што ќе ме очекува – вели Биљаљи.
Последната фаза на проектот ќе се реализира во Скопје во периодот од 30 октомври до 4 ноември. Идеја на овој дел од проектот ќе биде реализација на производ кој ќе ги задоволува нашите потреби без да зафаќа место кога не е во функција, објаснува Биљаљи.
- Исто така, студентите ќе се запознаат со процесот - од осмислување на продуктот, креирање, маркетинг, до продажба на пазарот, каде што ќе го објавиме како завршен чекор. Практичниот дел ќе се одржува во компанијата „Фејдом“.
- Учесниците ќе работат на дизајнирање повеќенаменски елементи од компонибилен мебел, што е голем предизвик за нив и се надевам искуство повеќе кое ќе им користи во понатамошниот развој како дизајнери. Покрај тоа, за проектираните елементи ќе биде изработен извештај со калкулација на трошоци и формирање евентуална цена на чинење на производот – појаснува професорот Каранаков.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование