X
 25.10.2017 Наука

Научниците во Кина создале ориз што може да се одгледува во солена вода

Научниците во Кина успеале да добијат принос од уникатен ориз кој може да биде потенцијална храна за над 200 милиони луѓе. Истражувањето било спроведено во Центарот за истражување и развој во Кингдао, Шандонг, каде што биле одгледувани од 6,5 до 9,3 тони храна во солена вода.

фото извор: Getty Images

Резултатите се подобри од очекуваното бидејќи научниците сметале дека ќе произведат околу 4,5 тони ориз на хектар. Оризот е наречен „Јуан Ми“, а бил одгледуван со користење солена вода од Жолтото Море, во североистокот на Кина. Водата била разредена и нанесена на плажа наместо на поле. Кина има околу 1 милион квадратни километри земја што не се користи, а има високи нивоа на соленост и алкалност. 

Сето ова значи дека земјата може да ја користи оваа земја и да произведува 50 милиони тони ориз, со што може да се нахранат 200 милиони луѓе. Оваа идеја произлегува од Јуан Лонгпинг, научник за земјоделство кој го добил прекарот „Кинескиот татко на хибриден ориз“. Тој верува дека ако една десеттина од регионите со слична почва бидат засадени со ваквиот тип ориз, тогаш Кина ќе може да го зголеми производството на ориз за 20%.

Се истакнува дека и вкусот на овој ориз е одличен. Богат е со калциум и други хранливи материи, кои се вообичаени за солената вода. Солта, исто така, може да значи и дека ќе се успее во отстранувањето на некои патогени бактерии. Водата помалку ќе биде изложена на бубачки, па помалку ќе се користат пестициди.

Сепак, има еден проблем, а тоа е високата цена на овој ориз. Еден килограм чини 5,72 фунти, што е за 8 пати повисока од вообичаената цена на регуларниот ориз, и се продава во пакувања од 1, 2, 5 и 10 килограми. Тоа, сепак, не спречило 1.000 луѓе да нарачаат од оризот само во текот на изминатиот месец, а во август биле продадени 6 тони.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука