X
 25.10.2017 Живот

Психолог Калина Сотироска-Иваноска: Не чувствувајте се виновни доколку украдете час за да го посветите на нешто во што уживате

Времето што го поминувате со вашето хоби ви обезбедува одмор од секојдневната рутина, ви овозможува да преземете ризици, ви ја зголемува самодовербата, ја откривате својата креативност и создавате контакти со луѓе што имаат слични интереси. Ќе ги наполните батериите и еден нов свет на можности ќе се отвори пред вас, а вие треба да го истражите


Проф.д-р Калина Сотироска-Иваноска

Денес луѓето имаат набиен распоред од обврски и доколку украдат час од денот кој би го посветиле за нешто во што уживаат, се чувствуваат виновни и имаат грижа на совест. Хобито претставува активност која се прави со уживање, по свој избор. Можеби тоа е нешто што отсекогаш сте сакале да го правите или сте го правеле некогаш, но го одложувате со изговорот – „кога ќе пораснат децата“, „кога ќе одам во пензија“... Но, неизмерно е важно да се одвои време за нешто што ве прави среќни и живи, ви овозможува да земете одмор од одговорностите и работата во секојдневието, а притоа ќе ви ги наполни батериите и ќе ве урамнотежи, ќе ви помогне многу полесно да се справувате со одговорностите – вели Калина Сотироска-Иваноска, доктор на психолошки науки и декан на Факултетот за општествени науки при Меѓународниот универзитет „Визион“ од Гостивар.
Со неа поразговаравме на тема што значи хобито или спортот во слободното време на луѓето. Дали „немањето време“ ни е само изговор зад кој се криеме.
- Денес дојде време да кажеме „премногу сме зафатени“ и тоа да има значење на чест, важност и вредност. Се убедивме себеси дека сме премногу зафатени. Треба да размислиме за можноста дека сепак не сме толку зафатени колку што мислиме. Во секојдневието имаме голем број активности кои придонесуваат да сметаме дека сме зафатени, но, едноставно, не сите од нас и не секогаш сме легитимно зафатени. Наместо тоа, вообичаено губиме време создавајќи илузија дека немаме време и сме премногу зафатени. Кога ќе се разбудите наутро, трошите толку многу скапоцени моменти на социјалните мрежи „Фејсбук“, „Инстаграм“, за е-пошта, а тоа е засекогаш потрошено време кое може подобро да се потроши на друго место. Времето е најважна животна содржина која треба да научиме да ја управуваме, така што учејќи како да управуваме со времето, учиме како да управуваме со самите себе во времето. Ние треба да управуваме со времето, а не времето со нас – вели Сотироска-Иваноска.

Кога имате хоби, подобро си го организирате времето

Не се малку придобивките што се јавуваат како резултат на хобито што се практикува. Ако можете да одвоите еден час во денот или неколку часа во неделата за нешто што ве прави среќни и ве прави живи, многу е голема веројатноста дека ќе се отворат некои нови врати во работата и во семејниот живот, нагласува нашата соговорничка.
- Доколку имате хоби, тоа ќе ви помогне да го структурирате вашето време. Работите ни одземаат онолку време колку што имаме. Така, на пример, ако треба да одите во градскиот хор на проба во точно одредено време, ќе гледате другите задачи да ги завршите пред почеток на пробата, многу побрзо и многу поефикасно. Тоа значи дека хобито може да создаде повеќе време со зголемување на ефикасноста. Хобито поттикнува движење. Најчесто луѓето се одлучуваат за пасивно трошење на слободното време, како приоритети на листата се гледање телевизија, менување канали или, пак, сурфање на интернет. Многу често сме се „изгубиле“ во спортска активност, во уметнички проект или некоја друга активност, времето лета, се губи самосвеста, вие целосно сте ангажирани и окупирани со активноста, што значи сте доживеале придвижување – нагласува докторот на психолошки науки.


Имањето хоби поттикнува и создавање нови социјални врски, запознавање нови луѓе, такви со кои ги споделуваме нашите страсти и интереси. Многу истражувања потврдиле дека социјалните контакти се клучна компонента за среќен и осмислен живот, а со практикување соодветно хоби се дава добра основа за создавање нови скапоцени пријателства со други луѓе.
- Хобито прави да бидете интересни во друштво. Кога ќе одите на гости кај пријатели, на родендени, годишници и други прослави, вие имате што да споделите, имате што да кажете. Луѓето сакаат да бидат опкружени со луѓе што се страсни, со доза љубопитност за приказните што можете да ги раскажувате. Не само што ќе се чувствувате поинспирирани кога ќе имате богат и активен живот, туку ќе бидете инспирација за другите луѓе, ќе ги поттикнете да преземат некоја активност во која ќе уживаат – нагласува психологот.
Една од големите придобивки од имањето хоби е соочувањето со стресот. Денес, кога живееме во време кога сме во постојана трка, постојано се судираме со препреки кои нè фрустрираат на нашите патишта да стигнеме до целта, и со тоа сме директно изложени на стрес, вели професорката.
- Замислете еден лош ден на работа, шефот постојано ве критикува, колегите ве нервираат, доаѓате дома и го вклучувате телевизорот. Тоа ви овозможува само краткотрајно и моментално бегство од случувањата во денот, но не го лекува ранетото его. Но, доколку после работа се упатите на трчање или на час по сликање, овие активности ќе ве одвлечат многу повеќе, ќе ве потсетат дека постојат и други аспекти во вашиот живот. Вие сте вработени, но исто така сте уметник или спортист. Така, еден мал удар врз само еден аспект од вашиот идентитет е многу помалку штетен за вашата личност. Времето што го поминувате со вашето хоби ви обезбедува одмор од секојдневната рутина, ви овозможува да преземете ризици, ви ја зголемува самодовербата, стекнувате сигурност во себе, ја откривате својата креативност и создавате контакти со луѓе што имаат слични интереси. Ќе ги наполните батериите и еден нов свет на можности ќе се отвори пред вас, а вие треба да го истражите – вели Сотироска-Иваноска.

Со распределба на обврските и помош од околината и жената може да најде време за себе

Да се биде жена во 21 век се чини не е лесно. Распнати помеѓу семејството, кариерата, децата, се добива впечатокот дека жените многу потешко си дозволуваат да прават работи само за себе – да спортуваат, да читаат, постојано криејќи се зад параванот дека немаат доволно време, а во суштина, слободата треба сами да си ја освојат. 
-Денес од жената се очекува да биде реализирана и успешна на сите полиња, што е многу оптоварувачко и бара да се вложи голем напор. Традиционалните стеги наложуваат жената да биде одговорна за домот, да ја средува куќата, да се грижи за сопругот и за децата, да готви здрава храна за семејството, а, од друга страна, да оди на работа, добро да заработува и да биде успешна во работата, и притоа да биде негувана и во добра форма. Најлесно е тогаш да се каже дека се нема време за себе. Секако дека се важни семејството, децата, бракот, домот и работата, но најважно е да бидеме ментално и физички здрави, важно е времето што го одвојуваме за себе. Добра организација, одредување приоритети и користење помош од околината ќе овозможат да се посветите на своето хоби. Да се биде успешна жена, не значи дека треба да се биде жртва и сите обврски да ги преземете вие, убедувајќи се дека другите не можат да ги направат работите доволно добро како вас. Да се распределат обврските со сопругот, децата, а потоа да се побара помош и поддршка од родителите, свекрвата, комшиите, пријателите, колегите. Секој може да одвои еден час во денот или неколку часа во неделата и квалитетно да ги потроши за себе – советува психологот.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот