X
 30.10.2017 Образование

Проф. д-р Ирена Стојковска на еден поинаков начин им ја претставува математиката на децата

Во време кога зачестено другаруваме со технологијата, а интернетот го користиме за информации од секаков вид, квалитетот на достапните информации е повеќе од потреба. „Математика +“ ја уредуваат универзитетски професори по математика, стручни лица во својата област, неоспорни ентузијасти. Авторските материјали се добро осмислени, методички изложени, проверени. Тие се и лесно пристапни, јасно групирани и подредени



Недостигот од математички задачи на македонски јазик за најмладите ученици од претшколска и раноучилишна возраст бил една од главните проокации на д-р Ирена Стојковска, професорка на Институтот за математика при Природно-математичкиот факултет во Скопје, да ја создаде интернет-страницата „Математика +“ (https://matematika-plus.weebly.com). Постои веќе две години и полека, но сигурно ја освојува публиката. Целта е единствена - на сосема поинаков начин да им пристапи на децата и да им ја претстави кралицата на сите науки.

„Математиката се учи, математиката се знае, математиката се применува, математиката се сака!“ е мотото на едукативната страница. Стојковска е основач, уредник и веб-дизајнер на „Математика +“. Иако е јавно достапна од септември 2015 година, во првите шест месеци малкумина знаеле за неа, домашните и неколку најблиски пријатели.


Проф. д-р Ирена Стојковска

- Токму овие личности се и главните виновници за креирањето на почетната верзија на „Математика +“ - интернет-страница со неколку теста со нестандардни математички задачи и неколку математички приказни. Недостигот на математички задачи на македонски јазик за најмладите (претшколска и раноучилишна возраст), за кои треба малку повеќе логичко расудување, кои се презентирани на забавен, невообичаен начин, онлајн-достапни и интерактивни, беше доволно добра причина за креирањето на „Математика +“ – ги објаснува Стојковска почетоците.

Поделена во неколку рубрики и категории


Следувало збогатување со останатите рубрики: Задачи на месецот, Работни листови, Математички боенки, Слики и анимации, Загатки плус, Хумор плус, Од наставата и блогот со текстови поделени во неколку категории: Дали сте знаеле, Забавна математика, Загатки и хумор, Математички вештини, Математички игри, Математички совети.
- Природно, се појавуваа една по една, можеби не по дадениот редослед, но главно водени од моменталната потреба, но и творечка инспирација. Подоцна, дури во март 2016 година, со креирањето на придружна фејсбук-страница, за постоењето на „Математика +“ дознаа најнапред сите наши пријатели, а потоа и пријателите на пријателите. Тоа е и начинот на кој, сега за сега, го шириме кругот на нашите читатели, кои со својот интерес за одредени теми и одреден вид материјали индиректно ни помагаат при креирањето на новите содржини на „Математика +“ – вели Стојковска.
Таа додава дека особено важна за квалитетот на содржините на страницата е соработката со наставници, професори и вљубеници во математиката, ентузијасти, чии материјали што ги користат во наставата се објавуваат во рубриката „Од наставата“.

Хуморот е многу важен за логичко расудување

Дел од соработниците со свои текстови во кои обработуваат актуелни теми, како дислексијата и математиката, или теми за развивање на математичките вештини и стручна дообука на наставниците, но и теми од рекреативна математика, придонесуваат за збогатување на блогот.
- Сè на сè, „Математика +“ е личен производ кој полека прераснува во производ на времето и опкружувањето во кое живееме. Во време кога зачестено другаруваме со технологијата, а интернетот го користиме за информации од секаков вид, квалитетот на достапните информации е повеќе од потреба. Страницата ја уредуваат универзитетски професори по математика, стручни лица во својата област, неоспорни ентузијасти. Авторските материјали се добро осмислени, методички изложени, проверени. Тие се и лесно пристапни, јасно групирани и подредени. Содржински, материјалите на „Математика +“ делумно ја следат програмата во училиштата и неретко излегуваат од утврдените рамки со програмата – објаснува Стојковска.


Сите што се вклучени во креирањето имаат единствен став - дека со правилен пристап, интересни содржини изложени на нестандарден начин, децата може да ги подготвиме да навлезат и подлабоко во суштината на математичките концепти, да стекнат потрајни математички вештини, неопходни за правилен интелектуален развој.
- Ако детето веќе го усвоило собирањето (во прво, најдоцна второ одделение), приказната за измислената популација зајачиња и начинот на кој тие се размножуваат и притоа нивниот број на крајот од секој месец ја формира низата Фибоначиеви броеви, може да претставува и првото „големо“ откритие за „необичната“ примена на математиката. Математиката, логичкото расудување се развива и со помош на сликите, анимациите, видеата, загатките, па и хуморот. „Што ѝ рекла нулата на осумката? - Колку убав ремен имаш“, е шега која нема да помине незабележана дури и кај петгодишните деца, кои штотуку почнуваат да ја развиваат смислата за хумор. Колку поразновидни содржини ќе им понудиме на децата, толку поинтересно ќе им биде изучувањето на математиката – вели Стојковска.

Лесно достапен и за наставниците и за родителите

Со „Математика +“ тие потсетуваат и дека постои свет надвор од тој на компјутерските екрани. Затоа на страницата има работни листови и математички боенки за печатење, но и инструкции за математички игри кои се играат надвор на отворено или дома со семејството и пријателите, игри за истовремено развивање на логичкото расудување, другарување и забава.
- Од друга страна, начинот на кој се однесуваме кон научната работа го пресликавме кај составувањето на некои од тематските информативни текстови во блогот, како љубопитноста и математиката, кои се трудиме да се сеопфатни, аналитички, но напишани во послободен стил, бидејќи се наменети за пошироката јавност, надвор од научните кругови – вели Стојковска.



Сите работат ентузијастички. Тоа што ги води да продолжат понатаму се досегашните реакции, првенствено од децата како директни корисници на содржините на „Математика +“. Нивната љубопитност и подготвеност да ги решаваат тестовите, работните листови, загатките, да се рекреираат со математичките боенки и математичките игри, истовремено да фантазираат и да резонираат со математичките приказни, но и да бараат уште слични содржини, да ги применуваат стекнатите знаења и неколку дена подоцна.
- Позитивните реакции на наставниците и на родителите, интересот за „Математика +“ и надвор од границите на нашата земја ни покажува дека страницата има шанси да прерасне во нешто повеќе од едукативен веб-портал за математика уредуван и поддржан од група ентузијасти. „Математика +“ во моментот содржи повеќе од 500 математички задачи (без загатките), околу 60 текста, а опфатени се содржини за деца од предучилишна возраст, од прво до петто одделение. Некои од содржините (слики и анимации) навлегуваат и во материјалот по математика предвиден за погорните одделенија во основното образование, а рекреативната математика (загатките, хуморот), математичките совети и математичките игри се наменети и за пошироката јавност, вклучително и родителите. Наставниците лесно ќе се снајдат и веднаш ќе го најдат тоа што би им требало, а може да добијат и идеи за нови, иновативни активности за своите часови по математика (интеграција на математиката со другите предмети, додатна настава за посолидните ученици, забавни математички содржини за зголемување на интересот за математика и слично). „Математика +“ е дизајнирана на основа на Weebly платформата, нејзината интернет-адреса е www.matematika-plus.weebly.com. Добре дојдени сте да ја посетите и да се уверите дека математиката секој може да ја засака – вели Стојковска.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование