Дури 71,3 отсто од анкетираните одговориле дека со измените во Законот за пушење ќе се намалат правата на непушачите при посета на јавните локали. Поголем е процентот (79 отсто) на тие што мислат дека угостителите не се обесправени со постојниот закон, со оглед на тоа дека во предлог-законот една од причините за измените е токму намалениот промет на угостителите. Дури 88,4 отсто од анкетираните признаваат дека им пречи што и покрај постојниот закон, постојат локали каде што на пушачите им се прогледува низ прсти.
Пушењето во локалите ги загрозува и оние што не одлучиле да пушат и го нарушува нивното право на здрав живот, кое е поважно од правото на слободен избор дали да се пуши или не и, да, има поважни и поневажни права! Па зошто јас како непушач кога ќе отидам во некој локал да бидам казнета да дишам нечиј чад?! И каква е таа глупост дека угостителите биле во загуба, а колку губи здравството за лекување болести поврзани со пушењето? Може ли да се пресмета колку чини човековото здравје, годините на онеспособеност поради болест и најважно од сè, човечкиот живот – ова е еден од коментарите што ги добивме на нашата анкета објавена минатата недела, со која сакавме да насетиме какво е мислењето на нашите читатели за измените на Законот за пушење.
Речиси 1.200 луѓе одговорија на анкетата „Дали ни треба олабавување на Законот за пушењето“. Категорични во ставовите дека ни треба поригорозен закон беа речиси сите што одговориле, освен неколкумина кои сметаат дека законот мора повеќе да ги штити и пушачите.
Дури 71,3 отсто од анкетираните одговориле дека со измените во Законот за пушење ќе се намалат правата на непушачите при посета на јавните локали. Поголем е процентот (79 отсто) на тие што мислат дека угостителите не се обесправени со постојниот закон, со оглед на тоа дека во предлог-законот една од причините за измените е токму намалениот промет на угостителите. Уште повеќе анкетирани, односно дури 88,4 отсто признаваат дека им пречи што и покрај постојниот закон, постојат локали каде што на пушачите им се прогледува низ прсти.
Издвојуваме коментари од нашите читатели:
- Законот за пушење е добар и нема потреба да се прават измени. Пушењето е штетно за здравјето и сметам дека треба да се преземаат активности за да се намали, а не да се промовира.
Со моето мислење се согласуваат многу пушачи на кои не им е проблем да пушат надвор, зашто веќе имаат навика да го прават тоа.
- Треба уште поголема рестрикција, а не ублажување на законот.
- Задолжително во измените на Законот да биде пропишана и вентилацијата во објектите во кои би било дозволено пушењето.
- Не е толку драстично намалена посетата во кафеаните и кафулињата, луѓето си се навикнаа да излегуваат надвор на цигара и тоа стана сосема нормално за сите.
- Законските измени ќе ја влошат и така лошата состојба од 46 отсто пушачи.
- Подобро да се позанимаваат со прохибицијата на алкохол. Тоа да се укине.
- Од воздухот се труеме надвор секоја година, сега и внатре треба?!
- Да се задржи актуелниот закон и да важи за сите, вклучително и за оние од другата страна на Вардар! Ова е еден од ретките закони донесени од ДПМНЕ што се добри!
- Активен пушач сум веќе четири години и стојам зад тоа дека не треба да се смени овој закон, прво затоа што таму кај што се пуши и кога излегувам, пушам кутија и пол, а кога не се пуши, односно треба да се излезе надвор - пушам половина кутија, второ, си ја зачадуваме облеката. Трета работа е што овој закон никому не штети и е еден од подобрите закони што се донесени во последно време.
- Цигарите не се нешто без кое не може да се преживее и не се неопходни. Пушачите сами избираат дали ќе ги консумираат или не. Сè би било можеби поедноставно доколку слободата на пушачите да консумираат цигари не ги нарушува слободата, изборот и здравјето на непушачите во иста просторија. И секако, законот треба да важи еднакво за сите.
- Понеразумно нешто од овој предлог не можеа да направат. Се враќаме во камена доба!
- Во законот треба да има уште поголемо олабавување и нема прогледување низ прсти.
- Треба да се зголеми цената на цигарите неколкукратно и да се забрани пушење на сите јавни места.
- За да се адаптирам на новото време, после 30 години пушење се откажав од цигари, уште кога законот беше во најава. Многу сум благодарна за тоа. Си го сочував здравјето.
- Законот за пушење не треба да се смени. Во сегашно време, кога се бориме за почист воздух на глобално ниво, да дозволиме да се загадува воздухот во затворени простории (т.е. одземање на правото за чист воздух на непушачите) е лицемерие.
- Јас сум пушач и не ми пречи да излезам надвор од просторијата и да запалам цигара. Воопшто не се сложувам дека се намалила посетеноста на кафулињата, кога секогаш се преполни.
- Пушењето треба да се забрани и надвор, само во посебни пушалници. Цените на цигарите треба да бидат десет пати повисоки.
- Трошоците за лекување и зачувување на здравјето на граѓаните се далеку поголеми од вредноста на придобивките од поголемиот промет и поголеми даноци што кафулињата ќе ги плаќаат кон државата.
- Предлог-законот не е „по европски терк“ бидејќи во Европа и во светот се оди кон далеку поригорозни мерки за сузбивање на пушењето како еден од главните фактори што го загрозуваат не само здравјето на пушачите туку и на непушачите.
- Треба да се казнуваат тие што не го почитуваат законот, ние, непушачите, се чувствуваме премногу лошо.
- Едвај има место во која било кафеана. Не гледам дека законов е пречка и дека е намалена работата на угостителите.
- Јас сум пушач и ми пречи да бидам во затворена просторија каде што се пуши, пушам надвор и пушам помалку.
- Нема потреба од промени, сметам дека сè најдобро си функционира, најголемиот дел од локалите имаат обезбедено посебни простории за пушачите, со што не им е ускратено нивното право, а воедно непушачите се оставени на мир без притоа некој да ги труе со цигари. Ќе направите голема грешка ако го смените законот!
- Пушачите не треба да се обесправуваат. Мора да се направи баланс за двете страни да бидат задоволени.
- Секаде во светот се промовира здрав начин на живот и се работи на намалување на бројот на пушачи, новите законски измени ќе ја влошат лошата состојба.
- Законот треба да се измени и да се дозволи пушење цигари во места каде што нема кујна и воедно да се воведат посебни места само за непушачи. Не може пушач да биде дискриминиран и да се мрзне надвор додека го пие своето кафе, виски и др., а непушачи да можат да го користат тоа право да узурпираат заеднички простор само за себе. Затоа, предлог е да има кафулиња само за пушачи и непушачи одделно и секој да ги ужива своите права.
- Треба да се поништи овој закон, треба да се даде слобода!
- Може да се дозволи да има посебна соба со посебен систем за проветрување, но да не е поголем од 10 m2. Терасите кои се секогаш поврзани со објектите, особено во зима, се сведуваат на еден објект, што би значело дека чадот ќе се прошири во целиот објект. Вчера бев на роденден каде што на терасата се пуши. Седев внатре и на крајот целата облека ми мирисаше на пепелник.
- Браво, сè е средено, па уште законот за пушење остана да се среди. А со што? Наместо да се има стратегија за намалување на пушењето, да се водат кампањи против него, да се покаже грижа за здравјето на граѓаните, ќе се прави олеснување на Законот. И не е вистина дека посетеноста на локалите е намалена поради забраната за пушење. Одвратно, безидејно, покажување негрижа за младите генерации, непочитување на огромна група непушачи, а од друга страна, поддржување на лошите навики, кои се штетни за здравјето на исто така огромна група пушачи.
- Додека Австрија од 1 јануари 2018 воведува целосна забрана за пушење на сите јавни затворени места (вклучително ресторани, дискотеки, барови, кафетерии), ние се враќаме 10 години назад!
- Во Тетово Законот за пушење никогаш не се почитувал.
- Не треба да ѝ се додворуваме на бизнис-заедницата по секоја цена.
- Ми пречи и кога на отворено јавно место - пример одење по тротоар, некој пуши, а јас одам зад него. На јавни места пушење само и само во специјално дизајнирани места.
- Ако во многу сегменти во животот е право на избор, пушачите беа „обележани“ со тој закон. Во зимските денови буквално се мрзнеа стоејќи надвор. Уште Давидова ѕвезда да им ставеа...
- Премногу е ригорозен. Сите губат. Особено државата. Привилегиите добиваат важност и корупцијата се зголемува. Ова е некој вид прохибиција.
- Има повеќе непушачи отколку пушачи, доста од тоа луѓе да диктираат како треба да биде на јавни места.
- Никој нема право да ги труе останатите, ни тој што одлучил сам да се труе.
- Не се пушачите најлоши луѓе. Треба и ним да им се дадат права. Во моментов се најобесправена категорија.
- Според Завод за статистика, прометот на угостителите не е намален откако е воведена забрана за пушење. Народот нема пари, затоа меѓу другото е намалена и потрошувачката во локалите, а не поради тоа што е забрането да се пуши.
- Треба да се забрани пушење на автобуски постојки и на слични места.