X
 03.11.2017 Образование

Македонија со најмал буџет за наука во регионот, Дескоска вети повеќе пари





Повеќе пари за развој на науката, вети министерката за образование и наука Рената Дескоска, на конференција во Црна Гора.
- Креирањето на соодветни политики и превземањето на мерки за развој на науката како и поголемо инвестирање во науката се основна задача на нашето министерство – рече Дескоска на панел дискусијата „Науката како двигател на економскиот развој”, во рамки на регионалната економска конференција којашто се одржува во Будва.

За наука издвојуваме 0,2 проценти од БДП, Словенија има 2,2

Македонија е една од земјите од регионот која издвојува најмалку пари за научно-истражувачка дејност. Словенија е лидер во регионот со 2,2 проценти од бруто-домашниот производ, а ние издвојуваме скромни 0,2 отсто. Србија, Хрватска и Бугарија издвојуваат од 0,7 до 0,8 отсто.

Дека во Македонија финансирањето на истражувањето останува на незадоволително ниво што значително придонесува за несоодветната инфраструктура на научно-истражувачките центри при универзитетите, се заклучува и во Сеопфатната стратегија за образованието 2018-2025, која ја објави МОН.

- Приоритетните тематски области на истражување не се реформирани, пристапот до глобални научни податоци е ограничен, не постои оперативен механизам за комерцијализација на иновативни решенија, се вели во стратегијата.

Министерката Дескоска во Будва изјави дека за да се поттикнува и унапредува технолошкиот напредок, земјите во развој треба да инвестираат во квалитетно образование за млади, како и континуирана обука за работната сила.

- Преку стимулирањето на нивната научна креативност како држава ќе создадеме млад научен потенцијал, кој преку своите истражувања и сознанија ќе дадат импулс во позитивна насока во сите сфери во општеството и државата. Владата и МОН и покрај сложената финансиска состојба сметаат дека вложувањата во науката и научните истражувања треба да се зголемуваат во континуитет - потенцираше таа.
Подготвил: M.A.M

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование