X
 07.11.2017 Економија

Што треба да знаете за „Еплбај“, компанијата која е во центарот на аферата со Рајските документи?

панама

Што е „Еплбај“?


„Еплбај“ е адвокатска компанија која им помага на корпорациите, финансиските институции и големите нето-поединци да основаат и да регистрираат компании во офшор-јурисдикции.

Основана на Бермуди, со историја што датира од 1890 г., компанијата станала една од најголемите и најпознатите од околу 10 големи компании. Објавувањето на документите покажува дека Америка доминира во регистарот на клиенти на оваа компанија со повеќе од 31.000 американски адреси. Исто така, имало повеќе од 14.000 адреси од Велика Британија и 12.000 од Бермуди.

Кој ги објави документите?

Како и со Панамските документи од 2016 година, германскиот весник „Зидојче цајтунг“ ги добил оригиналните материјали и бил отскочна штица за оваа истрага. Во случајот на Панамските документи, тие произлегле од човек именуван како Џон Дон, кој објавил манифест еден месец по објавувањето.

Кој работи на објавувањето?

Како и со Панамските документи, Меѓународниот конзорциум за истражувачки новинари, глобална мрежа на новинари, бил повикан да работи на проектот. Заедно со програмата „Панорама“ на Би-би-си, има околу 100 медиумски партнери од 67 земји, вклучувајќи ги и „Гардијан“ и „Њујорк тајмс“.

Зошто документите се од јавен интерес?

Медиумските партнери велат дека истрагата е од јавен интерес бидејќи протекувањето на  документите доведе до стотици истраги низ целиот свет, што резултирало со оставки од политичари, министри, па дури и премиери.

Зошто ова протекување е поинакво?


Прашање од 64 милиони долари. Ова е петто големо протекување на финансиски документи во изминатите четири години. Минатата година Панамските документи беа поголеми, 2,16 терабајти наспрема Рајските кои се 1,4 терабајти - но обемот на информациите на Рајските документи и тоа како открива софистицирани зделки.

„Документите доаѓаат во различни формати и ни беше потребно подолго време за да ги дешифрираме. Наидовме на изненадувања во текот на дешифрирањето бидејќи станува збор за потежок податочен сет“, вели Џерард Рајли од Меѓународниот конзорциум.

Што точно е даночна оаза?

Тешко е да се утврди точната дефиниција. Даночната оаза обично се користи во медиумите и во јавноста, додека индустријата би претпочитала офшор-финансиски центар. Во суштина, тоа е финансиска јурисдикција надвор од прописите на вашата земја што ја користат компаниите и поединците за да ги намалат даноците на добивка или средства. Тие обично се таинствени и стабилни. Често се наоѓаат на мали острови. Нациите како Швајцарија, Ирска и Холандија имаат слични механизми за намалување на даноците, додека Америка и Британија се водечки нации кои го олеснуваат користењето на офшор-финансискиот центар.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија