X
 08.11.2017 Образование

Лепеле фотографии од соученичка во костим за капење во училиштето и пишувале: Не си вредна за тонерот, ти си нула


Фото: Pixabay

„Не си вредна за тонерот“, „Ти си нула“... Овие и други навредливи пораки, напишани на испечатена фотографија од 12-годишно девојче во костим за капење, во петокот осамнале на ѕидовите, прозорците и на вратите во скопско основно училиште. Седмоодделенката од ова училиште ваквото насилство го доживеала од своја соученичка поради банална расправија околу изгледот што се случила неколку дена пред немилиот настан.

Банална расправија повод за врсничко насилство

Мајката на ученичката што го доживеала ова насилство за Факултети.мк ја раскажа целата случка и изјави дека ќе бара помош и од Државниот просветен инспекторат бидејќи не сака да дозволи тоа да му се случи на друго дете. Заедно решивме да го сокриеме идентитетот на сите инволвирани, како и на училиштето, за да ги заштитиме децата.

Сѐ почнало во петокот, по неколку часа откако ќерката заминала на училиште, мајката добила повик од класната раководителка дека се случил инцидент.
- Се шокирав бидејќи е мирно дете. Но, таа ме смири со зборовите дека ќерка ми е жртва на врсничко насилство. Ми објасни дека тројца соученици и еден ученик од друго одделение залепиле нејзини фотографии низ училишната зграда со навредливи коментари. Главен иницијатор е нејзина соученичка со која претходно се скарале, на час по физичко, поради банална причина - си го искоментирале изгледот меѓусебно. Девојчето им се свртело на другите и рекло дека на мојата ќерка ќе ѝ го загорчи животот – раскажува мајката.
Фотографијата што била излепена во училиштето е од детски роденден од пред две години, прославен на базен. Мојата ќерка таму била фотографирана во костим за капење заедно со три други девојчиња. Сликата била поставена на фејсбук-профил на мајката на славеничката, па децата оттаму ја зеле.
- Лицата на другите три девојчиња беа сокриени, освен на мојата ќерка. На испечатената фотографија имало навредливи коментари како: „Не си вредна за тонерот“, „Не се занесувај“, јас ги видов подоцна во канцеларијата на директорката. Не знам колку слики имало ставено, имало во холот, на прозорците, на вратите. Среќа не го видовме тоа – вели мајката.

Учениците казнети со устен укор

Фотографиите биле поставени во четврток попладне, кога во училиштето нема обезбедување. Утрото сите деца ги виделе, а обезбедувањето однело еден примерок кај директорката.
- Ќерка ми дознала на голем одмор, кога некое дете ѝ покажало фотографија, па отрчала кај класната раководителка – ни раскажува мајката.
Таа веднаш заминала во училиштето и ја затекнала ќерка си на скалите видно вознемирена.
 - Ми кажа дека ѝ е страв да влезе во училницата. Еден од учениците што биле вмешани се заканувал дека ако некој се задева со девојчето-иницијатор на булингот кон ќерка ми, со него ќе си има работа – раскажува мајката.

Потоа дошла класната и заедно заминале кај директорката. Таму биле родителите на девојчето. Директорката кажала дека ситуацијата не е убава и дека сите деца што го направиле тоа малтретирање ќе бидат казнети. И децата разговарале со училишниот психолог.
- Ќерка ми добро се држи засега, но секако дека е вознемирена, повредена. Навистина не знам како ќе продолжи понатаму да учи со овие деца. Денеска ми се јави да ми каже дека ѝ се извиниле. Првиот ден ниту јас ниту таа не бевме свесни за тоа што се случува. Кога е во друштво е супер, но се вознемирува и секако ќе ѝ треба време да го преброди ова - вели мајката. За среќа, оваа седмоодделенка има поддршка од родителите, класната и од другите соученици.
- Вчера се шетавме низ маало и деца од училиштето ја гушкаа и ѝ даваа поддршка. За среќа, малтретирањето заврши тука. Но, не би сакала ова да го доживее ниту еден родител или дете. Сакам да се преземат посериозни мерки, да не остане само на ова – вели мајката.

Учениците што биле вмешани во инцидентот добиле казна устен укор.
Факултети мк. се обиде да стапи во контакт со директорката на училиштето, но таа не одговори на нашите повици. Психологот во училиштето, пак, ни одржа час за професионално новинарство и ни забрани да објавиме што било за настанот.

Многу деца се цел на своите врсници, училиштата ретко преземаат мерки

Клоци, боксови, скршен нос, но и пцости, навреди, потсмев и омаловажување доживеале многу деца во македонските училишта. Дека врсничкото насилство или т.н. булинг е присутен во нашите училишта покажа и нашата онлајн-анкета на која одговараа родители. Повеќе од 40 отсто од родителите ни изјавија дека нивното дете било цел на напад од страна на деца од одделението или училиштето каде што учи. Дел од децата завршиле и со дијагноза депресија и анксиозност.

Психолозите велат дека ако вашето дете е жртва на врсничко насилство, образовната институција, наставниците и стручните служби се должни да ви излезат во пресрет и да не ја игнорираат состојбата.

На прашањето на нашата анкета до родителите како го решиле проблемот со врсничкото насилство, многумина одговорија дека не добиле помош од училиштата, а некои побарале интервенција и од полиција. Само неколкумина од анкетираните проблемот го решиле со помош на надлежните од училиштето, како и наставниците.

Ретко наидувале на желба да се реши ситуацијата и од страна на родителите на децата што малтретирале.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Факултети.мк значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование