X
 11.11.2017 Култура

НАЈГОЛЕМИТЕ КУЛТУРНИ БОГАТСТВА НА МАКЕДОНИЈА: Римската дијатрета, стаклената чаша која „човечка рака не ја направила“


Дијатрета, 4 век, денес во Археолошкиот музеј на Македонија

Тој ден пред 35 години, селанецот од дебарско Селокуќи ја орал нивата кога ралото му закачило нешто тешко. Се наведнал, ја поттргнал плочата, прочепкал низ грутките и видел голема табака. Jа растргнал земјата и засветкал еден жолт крст. Кренал една поголема, потешка грутка. Како што ја тргал земјата за да види што држи в раце, така се појавиле двете длабоки дупки кај слепоочниците, уште малку и ги забележал забите на горната и на долната вилица... Кога сфатил дека во него се ѕвери соголен череп, подрипнал наназад и го фрлил назад, в земја. Тогаш распукала стаклената убавица, чашата диjатрета, која пред многу векови била ставена крај покојникот за да му се најде на другиот свет.
Во светот се пронајдени само неколку чаши диjатрета. Некои археолози велат дека има вкупно осум, други, пак, велат дека се 21 на број. Во секој случај, ова е еден од ретките антиквитети во светот што се дел од културното наследство на Република Македонија. Денес е дел од постојаната поставка на Археолошкиот музеј на Македонија – стаклена чаша дијатрета од локалитетот Таранеш, Селокуќи, Дебарско.

Пензионираните мајстори од „Стакларница“ се чуделе

Потекнува од 4 век. Кога селанецот во 1982 година сфатил дека разбуричкал гроб, веднаш пријавил кај надлежните. Увид во состојбата направил тим од тогашниот Републички завод за заштита на спомениците на културата, а еден од нив бил и, денес покоен, археологот Милан Ивановски. Тој го документирал гробот на покојникот, ги собрал остатоците од ретката стаклената чаша и заедно со другите придружни наоди ги донел во Скопје.
Ивановски велеше дека во светот се пронајдени вкупно 21 чаша дијатрета, две од нив на територијата на поранешна Југославија - во Дарувар, Хрватска, и во муниципиумот кај Дукља, Црна Гора.


Археологот Милан Ивановски (покоен), кој го истражил гробот каде што е пронајдена      Фото: „Фокус“

- Гробот го пронашол сопственикот на земјиштето. Тој нè извести дека во неговата нива има табак (тепсија) и филџани за кафе од порцелан и златен крст. Кога појдовме на теренот, видов дека тој ја зборува вистината, а златната крстовидна фибула му се видела како крст. Кога го ископал гробот, дијатретата била цела, неоштетена. Но, кога селанецот го фатил черепот, се исплашил и го фрлил назад, во гробот, па ја искршил и стаклената чаша – раскажуваше Ивановски.
Уште кога ја откриле, археолозите и конзерваторите се обиделе да ја реконструираат чашата. Го исцртале моделот и го однеле во тогашна „Стакларница“.


Мајсторите во „Стакларница“ велеле: „Ова човек не го направил“

- Направивме дури и калапи. Вработените не можеа да ја реконструираат, па викнавме стари, пензионирани стаклари. Тие се чудеа на предметот и велеа: „Ова човек не го направил“... – раскажуваше Ивановски.
Тој сметаше дека во римскиот период вакви скапи предмети биле изработувани само по порачка, а оваа најверојатно била изработена во Базел. Во гробот археолозите пронашле многу богат инвентар: крстовидна фибула со натпис, масивно излиена од сурово злато во комбинација со техника ниело, сребрена кана (вид бокал), сребрена чинија со позлата, богато декорирана, две стаклени тоалетни шишиња и друго.
- Крстовидната фибула укажува дека покојникот имал висок ранг во општеството. Само големец можел да си дозволи да поседува вакви предмети. Можеби бил цариник, оти гробот се наоѓа токму на границата меѓу две тогашни провинции – сметаше Ивановски.

Холандски конзерватори не се нафаќаа да ја спојат

Вредниот експонат долго време се чуваше во депото на Музејот на Македонија, во чии рамки со години функционираше археолошкиот оддел. Низ годините имало еден неуспешен обид за конзервација, па извесни делови од стаклената чаша беа лошо споени со жолто лепило. Тоа дополнително предизвика проблеми подоцна, кога прво конзерваторите требаше да ги одлепат сите делови, да ги исчистат и како мозаик повторно да ги спојат.
Чашата дијатрета има основа на пехар и е изработена од белузлаво стакло. Околу основата има мрежест дел направен од малахитно-зелено стакло. На врвот има чешлести орнаменти, а на јаката, кафено-умбра стакло, на кое е испишан натпис со букви од зелено стакло. Мрежестиот дел е поставен врз белузлавиот пехар и двата се споени со стаклени нишки. Основата на чашата е во форма на шестлисна розета.


Првата неуспешна конзервација на чашата

Музејот на Македонија со години беше во потрага по стручњаци-конзерватори кои би ја споиле стаклената чаша. Во 2001 година експерти од Холандскиот институт за културно наследство од Амстердам учествуваа на работилницата за конзервација на музејски предмети што се одржа во Музејот на Македонија. Тие беа одушевени од стаклената чаша дијатрета.
- Додека дискутиравме за неа, дојдовме до нови сознанија за начинот како да се третира, да се конзервира и заштити стаклото дијатрета. Воодушевен сум од предметот - изјави тогаш Пјер Тервен, холандски специјалист за конзервација на стакло.

Катја Брошат, херојот-конзерватор од Германија

Во наредните години беа направени повеќе обиди да се однесе чашата на конзервација во странство. Се правеа преговори со Конзерваторскиот институт при Римскиот музеј во Мајнц. Конечно во 2013 година чашата беше испратена на конзервација. Со проектот раководеше Катја Брошат, конзерватор за метал и стакло од Институтот, а ѝ асистираше младата конзерваторка за метал Ана Димчевска од Музејот на Македонија.
Димчевска велеше дека е огромна чест да се добие шанса да се работи на бесценет предмет. Таа го следеше почетокот на процесот на конзервација, присуствуваше на првичното фотографирање на предметот, на одлепувањето на фрагментите од превентивната конзервација.

    
Процесот на конзервација на дијатретата на Конзерваторскиот институт при Римскиот музеј во Мајнц, Германија

 - Фрагментите беа потопени во лепило, претпоставувам за да не се изгубат. Требаше многу време за да се одлепат деловите и да се исчисти лепилото. Целиот период додека бев таму траеше само одвојувањето и чистењето. Издвоивме 270 посебни дела на кои треба да им се најде вистинското место и да се направи повторна конзервација и реставрација – раскажуваше Димчевска.
Според неа, Брошат со години работи на конзервација и реставрација на дијатрети. Таа направила целосно истражување каде се пронајдени овие ексклузивни предмети во светот.
- Таа вели дека поцелосни во светот има вкупно 5, меѓу кои е и нашата. Во триесетина земји е пронајден по само еден фрагмент од овие чаши и тие земји се многу горди на тоа. Катја Брошат е одушевена од нашиот експонат. Иако долги години работи на ваков материјал, ретко има можност да конзервира олку репрезентативен предмет. Таа со огромно задоволство се нафати да ја конзервира дијатретата, иако целиот процес е многу комплициран. Беше прилично нервозна поради начинот на кој била тука залепена. Тоа не значи дека тогашните конзерватори не биле компетентни, едноставно во тоа време немало конзерватор за стакло – објаснуваше Димчевска.

    
Катја Брошат и Кристијан Екман во 2015 година ја реставрираа златната посмртна маска на Тутанкамон

Две години подоцна, Брошат беше еден од двајцата конзерватори ангажирани за реставрирањето на еден од најпознатите предмети воопшто откриени во светот – златната посмртна маска на Тутанкамон во Египетскиот музеј во Каиро.


Мила Шурбаноска, археолог: Науката сè уште не може да ја долови техниката на нивната изработка

Во меѓувреме, археолошкиот оддел се издвои од Музејот на Македонија и се префрли во новиот Археолошки музеј на Македонија во новиот објект крај реката Вардар, кој официјално беше отворен во октомври 2014 година. Во првата поставка беше изложена и конзервираната дијатрета. Археологот Мила Шурбаноска, кустос-советник, објасни дека чашата не е сосема реставрирана, но споени беа можеби две третини од вкупните делови. Останатите парчиња, кои германските конзерватори решиле да не ги спојат (или не можеле), се вратени во музеј.
- Дијатретата има големо значење за нас, пред сè зашто е многу редок експонат во светот. Пронајдени се десетина цели или не сосема цели чаши. Постојат информации дека има повеќе, но сите други се само во фрагменти. Нашиот примерок е еден од поретките, меѓу десетината што се подобро сочувани – вели Шурбаноска.

     
Мила Шурбаноска, археолог: Дијатретата е многу значајна за нас

За тоа како биле произведени дијатретите, науката сè уште расправа.
- Најмногу дијатрети доаѓаат од римските германски градови, по долината на реката Рајна. Тука се наоѓаат најсочувани. Но, има дел што доаѓаат од исток. Постојат мислења дека има два центра. Науката сè уште не може да ја долови техниката на нивната изработка. Тие се многу специфични. Сè уште не е сосема јасно како ги изработувале – вели Шурбаноска.
Археолозите објаснуваат дека постојат две групи чаши дијатрета - со фигурален украс и со мрежест дел. Дијатретата од Таранеш е од келнски тип, најбогато декорирана.
- На стаклената основа има мрежа од малахитно-зелено стакло. Основата е од белузлаво проѕирно стакло. Затоа некаде се викаат и кејџ-кап (чаша со кафез). Често има стаклен натпис со значење: „Ако пиеш, ќе живееш долго и среќно“, во таа смисла. Науката претпоставува дека служат за некакви церемонијални испивања, на големи свечености, се разбира, на припадници на повисоките класи. Датирани се во 4 век, а натписите на горните делови може и да се толкуваат како срамежливи христијански пораки - вели Шурбаноска.
На прашањето зошто овие чаши се толку ретки во светот, таа смета веројатно затоа што нивното производство било скапо.
- Можеле да си ги дозволат само богатите. А според преостанатиот инвентар што бил во гробот, јасно е дека тој покојник припаѓал на висока општествена класа. Во ваков случај, кога станува збор за само еден гроб, едно погребување и нема никаков друг контекст, неблагодарно е да се зборува и да се претпоставува кој бил тој човек, дали живеел овде и каква била неговата функција - објаснува Шурбаноска.


„Најголемите културни богатства на Македонија“ е серијал во чии рамки еднаш месечно Факултети.мк ќе објавува приказни за археолошкото наследство откриено во земјава. Ќе бидат опфатени и движни и недвижни наоди. Најголем дел од нив се денес изложени во нашите музеи, но има и многу експонати во музеите во странство. Експертите велат дека е фрапантна црната бројка на културното наследство нелегално изнесено од Република Македонија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Факултети.мк значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура