X
 14.11.2017 Образование

Невенка Ридова, првенка на Медицинa: Челична истрајност ни требаше со моите колеги да го „изделкаме“ знаењето во нашиот образовен систем

Најдобрата студентка во генерацијата 2011/2016 стана стипендист на Фондацијата „Трајче Мукаетов“

Потребно е да се обезбеди здрава работна средина, а тоа подразбира институционални услови, добра плата, колегиум, можност за напредување во кариерата. Многу работа, вклучување и соработка се потребни за да се зачуваат нашите умови на нашата почва. Затоа, ги повикувам сите оние што имаат некакво влијание, а знаат дека најблагородното нешто што може да го направат за нашето општество е да инвестираат во младите луѓе, да не се колебаат да го направат тоа – вели Невенка Ридова, најдобриот студент во генерацијата 2011/2016 на Медицинскиот факултет од Скопје, која дипломира со просек 9,76

Ридова стана еден од стипендистите на Фондацијата „Трајче Мукаетов“.


Со неа поразговаравме за многу проблеми со кои се соочуваат жедните за знаење во овие науки, но и како тие да се задржат дома, а не да одлетаат низ светот. Не крие дека ѝ значи признанието што го добила – еднократна стипендија во износ од 1.200 евра.

- Самиот чин на наградување е рамен на чинот на мотивирање. Знаете, и неврофизиолошки, наградувањето покажува позитивни интеракции не само со мотивациите, туку и со нагоните, активноста, процесите на учење и паметење. Уште повеќе, ова симболично признание претставува афирмација за мојата работа, посветеност, себеинвестирање во изминатите шест години студирање. Ги охрабрувам Фондацијата ,,Трајче Мукаетов“ и целиот тим од „Алкалоид“ да продолжат уште долго со истиот полет и наклонетост да даваат поддршка, како на студентите на Медицина и Фармација така и на веќе готовиот млад кадар – вели Ридова.

Таа додава дека годините на факултет ѝ биле напорни, но и чудесно убави.

- Го имав благодатот низ сите овие години до мене да имам прекрасни пријатели, кои кога си ги бројам благословите, нив ги бројам два пати. Во таа наша симбиоза, убавите моменти што ги носи нашата професија изгледаат двојно поубави, а помалку убавите – доволно убави!
Првенката на генерацијата во „Добри Даскалов“ во Кавадарци е категорична дека не само приватните компании, туку и државниот сектор мора да се вклучи повеќе во обучувањето и усовршувањето на младите кадри.


- И тоа не само во текот на студирањето, уште поважно или во најмала рака еднакво важно е мисијата да продолжи и по излезот од амфитеатрите, со вработување на младите. Бидејќи назадоволителниот процес на студирање е само функција од првично незадоволителен здравствен систем. Овде се осврнувам на студентите по медицина. Моите колеги се согласни дека челична истрајност ни беше потребна да се „изделка“ знаењето во образовен систем, таков каков што ни е. И, сепак, меѓу нив останаа умови, кои и покрај сите околности, успеаја да останат ентузијасти со читав дух, кои веруваат дека можат да ја променат иднината и можат своите идеали да ги достигнат на својата почва.
За жал, доминираат оние од другата страна, кои се одлучни, речиси одлучни или наскоро би биле одлучни да ја побараат надежта далеку од нашите граници, за што, веќе престанавме и да се прашуваме зошто.

Ридова со своите колешки на факултет

Невенка посакува да специјализира хематологија. Периодов го подготвува државниот испит и вели дека многу коцки треба да се наредат за да се стигне токму до тој избор. Ја прашавме дали би сакала да работи во „Алкалоид“.

- Моите аспирации се движат во насока на клиничкото работење. Но, како некој што ја препознава жарта на научноистражувачката работа, доколку во иднина компанијата ,,Алкалоид“ работи на проект кој ќе ја вклучува областа во која јас ќе дејствувам, би се радувала да бидам дел од истиот. Сепак, особено ја поддржувам оваа компанија во навиката за вработување млади лекари и фармацевти. Медицината е едно огромно море во кое има место секој да си го најде своето уточиште – вели Невенка.

Ридова смета дека државата мора многу повеќе да ги поддржува и помага студентите во земјава. Не само што вредноста на стипендиите е ниска (4.000 денари е највисоката, н.з), туку треба да се зголеми и бројот на стипендиите што се доделуваат.

- Студирањето медицина бара големи материјални трошоци. Настрана фактот дека студиумот трае 12 семестра, должноста за редовност на вежби и предавања со себе повлекува и дополнителни трошоци. А да не се заборави и државниот стручен испит за лекари, кој чини 35.000 денари. И базата на ова се секако оние трошоци со кои се соочуваат и останатите студенти: кирија, комуналии, услуги на градски и меѓуградски превоз... Северозападно од нас, самиот статус на студент нуди големи бенефиции. Се надевам дека такви денови ќе дочекаме и кај нас. Тоа, пред сѐ, би било олеснување за родителскиот џеб, а бездруго охрабрување и благороден поттик за младите умови – вели Ридова.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование