X
 15.11.2017 Живот

Како една порака го промени мојот и 10.000 други животи

1
Фото: Facebook

„Очајно сакам да се запознам со нови пријател. Осамен сум и поминувам низ најтешкиот период од мојот живот. Од 2 до 20 часот ќе седам на скалите пред општината. Носам црни пантолони и чанта на која пишува „North Face“.

Минатата година ја напишав оваа порака на апликацијата наречена „Jodel“. Станува збор за анонимен форум каде што можете да пишувате буквално за сè, а секој што е во опсег од 10 километри може да ја види вашата порака и да одговори.

Во тоа време немав идеја дека токму оваа кратка порака ќе го промени мојот и 10.000 други животи.

Половина од моето детство и живот ја поминав живеејќи во дом за сирачиња. Воспитувањето со пораз, несигурност и насилни напади ме направи личност каква што сум денес; личност со многу мала самодоверба и длабоко внатрешно чувство на непостојаност. Во септември 2016 година мојата девојка, со која бев 6 години, ме изневери и набрзо потоа ме остави. Целиот свет ми се сруши и бев на работ на самоубиство. Ме примија во локалната психијатриска болница, но бев пуштен по една недела интензивна грижа.

2
Фото: Facebook

Никогаш не сум имал многу пријатели, а оние што ги имав престанав да ги гледам откако стапив во врска со мојата поранешна девојка.

Така се најдов без семејство, пријатели и без девојка. Бев сам. И во сиот тој очај решив да ја напишам и да ја испратам пораката.

Многу луѓе го прочитаа мојот повик за помош и дојдоа да ми помогнат - 13 странци одлучија да се појават и да ми дадат поддршка. Бев пресреќен и едвај ги задржав солзите. Многу од тие луѓе ми се доверија и ми кажаа дека ја чувствувале истата болка и осаменост, но биле премногу исплашени да побараат помош поради стигмата.

Овој состанок стана вирален во Данска, така што наредниот ден ме контактира радиостаницата „Radio24Syv“, најголемиот радиосервис во Данска. Сакаше да ја слушне и да ја раскаже мојата приказна. Ме контактираа и најголемите ТВ-станици и многу весници.

На почеток ги одбив нивните понуди, се плашев од стигмата и табуата, но по сериозно размислување одлучив да ја раскажам приказната - не за себе, туку за доброто на другите. Знаев дека мора нешто да се направи во врска со стапката на осаменост во Данска (статистиката покажува дека повеќе од 210.000 Данци често се чувствуваат осамени), така што одлучив јас да бидам тој што ќе ја направи промената.

3
Фото: Facebook

Набрзо ја започнав националната мрежа со која осамените луѓе би можеле да пронајдат пријатели и некој со кого ќе можат да се поврзат. Мрежа во која ви аплаудираат ако ја покажете својата слабост и ранливост. Мрежа во која ние како заедница стоиме заедно против табуата и осаменоста.

Пет месеци подоцна, во напор да создадам свест, одлучив да пешачам 10 дена од Копенхаген до Архус. Концептот беше: во никој случај да не почнам да пешачам ако не сум придружуван од друго лице. За среќа, повеќе од 70 луѓе се одлучија да ја поддржат мојата кауза или со пешачење со мене или со нудење сместување и храна. Проектот беше многу успешен бидејќи го привлече вниманието на медиумите.

4
Фото: Facebook

Што сега?

Помина речиси година и јас не можам да бидам погорд на она што го постигнавме. Се откажав од факултетот и од програмирањето и одлучив да го исполнам овој мој сон - најдобрата одлука во мојот живот.

Осаменоста не треба да биде табу во модерно општество!
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот