X
 16.11.2017 Живот

Балашевиќ: „Расипништво е баш на секоја будала да му се доделува детство!“


Џорџе Балашевиќ
(Фото: Profimedia)


Кантавторот и писател Џорџе Балашевиќ овие денови ќе ја промовира својата нова книга „Календарот на моето детство“ во Хрватска, па по тој повод сакаме да го одбележиме и интервјуто што „Панонскиот морнар“ во Загреб го даде за „Вечерњи лист“.

Во интервјуто Балашевиќ зборува и за времето и минливоста на времето, потенцирајќи дека сето тоа оди на штета на сегашноста.

„Нејзината единствена шанса е во тоа што наскоро и самата ќе стане минато. И зар може тоа да ја извади? Минатото секогаш може да се дотера, ако си вешт во тоа убавите спомени да ги издвоиш од оние што не се толку убави. А што се однесува до иднината, некако најмногу се грижам токму затоа што таа во најмала рака е и моја иднина. Поради оние што ги сакам, сите карти ги играм на неа. Но, лудилото е мајстор за маскирање, којзнае во каков лик ќе се појави наскоро? Деновите едноставно си се редат, како во онаа игра Отело, и во еден момент, кога целата плоча ќе биде прекриена со бели жетони, тогаш ќе се заврти единствениот, и сите безнадежно ќе ги зацрни. Тука некаде, ние таа партија ја одигравме многу лошо, се надевам дека идните генерации нема да дозволат Црниот така лесно да ги завладее сите клучни агли на плочата“, рече Балашевиќ.

Зборувајќи за својата книга посветена на детството, истакна дека сите „бистрооки“ што често му говорат дека пораснале со неговите песни, „ги предупредува дека тука, сепак, нешто не е во ред, затоа што идејата била со помош на Балашевиќ да не се дозволи „раснењето“.

Тој почна со цитат од својата книга: „Убаво ми доаѓа кога ќе се расплачам на помислата кој сè немал детство?  Сметам дека е чисто расипништво да му се доделува на секоја будала“, за потоа да објасни: „Океј, признавам, будала е малку несреќен и несоодветен збор, но можеме ли сето ова да го сведеме под некоја стилска фигура, важи? И само прашајте се какви сè не фрикови некогаш биле деца? Мене, на пример, за тоа, вообичаено, идеално ми служат некои локални политичари... Дали сепак секој има право да ги замисли своите политичари како деца?... Во Хрватска... на пример, господинот Тодориќ, имал свое детство... Се поставува прашањето, за што на тој мал тајкун би му требало детство? Да го препродаде. Да го затаи? Да го приватизира? Некои луѓе едноставно се раѓаат како возрасни, без фантазии, и не сакам да судам кој поминал подобро (особено затоа што имам лошо претчувство во врска со ова), но ќе се осмелам да забележам дека во поединечни случаи детството било сосема непотребна инвестиција.“

„И каде што сите се насмеани, покрај свечени трпези, под накитени елки, на прозорците од ноќниот воз кој тргнал кон морето... Семејството ми е важно, сега уште поважно, но во својата класична и природна форма е поважно од кога било на цел свет, барем така ми се чини? Нели не е случајно што е единствената фирма што досега се одржала во овие неколку милениуми? Да не звучам препотентно и да не навредам некој што посакувал семејство, а не можел да има, ќе биде многу интересно кога еден ден ќе ја прочита книгата за детството што самиот ќе ја напише“, заклучи Балашевиќ.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот