X
 16.11.2017 Култура

Интервју со Томе Делов, адвокат и докторанд на Правниот факултет „Јустинијан Први“: „Огромна мотивација ми беше желбата да успеам овде, во Македонија“

„Верувам дека промените што настанаа во сите сегменти од општественото дејствување ќе ослободат голем простор за младата научна мисла. Младите докторанди ќе се охрабрат дека и тие ќе бидат прашани и ќе биде испочитувано нивното мислење тогаш кога ќе биде потребно“, вели Томе Делов, адвокат и докторанд на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Тој додава дека повеќе не смее научниците да бидат на маргините на општеството и да служат како алатка за определена политичка опција.

intervju

 На 24 години се запишавте на докторски студии на Правниот факултет „Јустинијан Први“, а на 25 отворивте сопствена адвокатска канцеларија. Која е Вашата движечка сила?

Мојот најсилен мотив уште додека бев студент на додипломски студии беше несопирливата страст за правото, не сакав ниту еден предмет да го изоставам или помалку да го проучувам од другите, а покрај ова, огромна мотивација ми беше желбата да успеам овде, во Македонија. Не можев ниту да претпоставам со какви тешкотии ќе се соочам откако ќе ги завршам постдипломските студии, но од денешен аспект вредеше секое искуство.

Сакам да покажам со личен пример дека и во Македонија може да се успее, со силна волја и труд и се разбира со голема трпеливост.

Зошто наука и адвокатура? Нели двете се засебни професии кои функционираат одделно?

Додека бев демонстратор на Правниот факултет сфатив дека теоријата и праксата се нераскинливо поврзани и токму тука е и проблемот во нашиот образовен систем. Имаме чисто теоретски дел на факултетите во вид на класични предавања и пракса по завршувањето на студирањето. Во последниве години се прават напори да се внесе практичното искуство на факултетите, со отворање судници каде што се организираат судења и студентите ќе имаат можност директно да учествуваат во процесот на судење, тоа е за поздрав, но мора многу посуштински да се пристапи на практицирањето на правото паралелно со теоретската настава.

Студентите по право се снаоѓаат како знаат и умеат, без речиси никакви насоки од страна на факултетите за стекнување практично искуство, кое ќе им биде од огромна важност за професионалната изградба. На оваа тема во разговор со академик Камбовски, кој е еден од творците на образовниот систем во Република Македонија, истакна дека нашиот образовен систем е пред коренити реформи.

1

Колку промените што настанаа во Република Македонија би биле од важност за да се промени статусот на науката и на младите што сакаат да се профилираат како научници?

Верувам дека промените што настанаа во сите сегменти од општественото дејствување ќе ослободат голем простор за младата научна мисла. Младите докторанди ќе се охрабрат дека и тие ќе бидат прашани и ќе биде испочитувано нивното мислење тогаш кога ќе биде потребно. Не смее повеќе научниците да бидат на маргините на општеството и да служат како алатка за определена политичка опција. Но, за ова мора да почне долгиот процес на премин од системот на партикуларизам во систем на универзализам, односно индивидуата да се цени според своите квалитети и професионален опус, а не според нејзините остварени контакти и блиски релации со една или друга политичка гарнитура.
Оваа транзиција е неопходна бидејќи не сакам ни да помислам што би се случило доколку останеме да функционираме врз воспоставените односи од претходната власт.

Што е потребно за силна адвокатура? Дали адвокатурата и претприемачкиот дух имаат точки на поврзување?


Секој успешен адвокат е пред сѐ храбар човек кој несебично го внесува целото свое знаење и искуство за да го заштити правото на оној на кој му е потребно. Без двоумење, силна адвокатура подразбира слободоумен дух, спремен да преземе ризици, кој не се плаши од доживување негативни искуства. Повеќе би рекол стил на живеење отколку слободна професија. Да се биде адвокат, не значи само да се познаваат законите и постапките пред надлежните институции, голема улога за успех игра и креативноста, снаоѓањето во животни ситуации, нешто што не ни го кажуваат на факултетите. Што се однесува до поврзаност со претприемаштвото, во нашата држава, за жал, сѐ уште младите правници се движат низ својот живот преку комфорната зона, без експериментирање и без подготвеност за прифаќање предизвици, секоја чест на исклучоците. Сѐ уште важи правилото дека ако почнеш нешто свое, па не ти успее, тоа значи крај на светот, а во западната култура тоа се смета за составен чекор од изградување на карактерот и личноста на еден претприемач. Повторно доаѓаме до образованието. Кога сето ова би било претставено на соодветен начин уште за време на средношколските денови, сфаќањето на студентите драстично ќе се разликува од она што е присутно денес.

2

За крај, што би им препорачале на сегашните и идните студенти за нивниот избор за вокација?

Најпрво би им посакал среќа бидејќи ги очекуваат вистински предизвици. Без разлика на определувањето на професионалниот профил, едно е сигурно - мора да бидат флексибилни во однос на работното место бидејќи пазарот на труд во Република Македонија е нестабилен и, за жал, заштитата на правата од работен однос во најголем број од случаите изостанува. Стекнувањето искуство во повеќе професии од широкиот спектар на правни занимања не треба да се смета за изгубено време, туку треба да се искористи најдоброто од секоја од нив. Битно е да имаат своја цел и побитно од тоа е да бидат трпеливи и истрајни на патот до остварување на нивната цел. Доколку сакаат да бидат самостојни адвокати, мора да имаат на ум дека непријатните искуства ќе бидат составен дел од нивната работа, но не треба да ги сфаќаат како неуспех туку да извлечат поука од секое искуство.

Научените лекции од животното искуство треба да ги искористиме за утре да бидеме подобри. Тоа го правам секој ден.  
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура