X
 22.11.2017 Образование

Ученици од Македонија, Полска, Германија и од Естонија гости на ФИНКИ: Технологијата и физичката активност рака под рака

ФИНКИ е институција која има најголем пристап до информатичка технологија, па затоа може најдобро да им објасни на учениците како може да ја користат во секојдневниот живот и секако за едукација – вели професорката по информатика Маја Виденовиќ





Педесетина основци од Македонија, Полска, Германија и од Естонија денеска го посетија Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ, каде што од прва рака се уверија дека може да бидат физички активни и истовремено да ја користат технологијата. Професорите од овој факултет им покажаа и како може да програмираат и да учат, а си поиграа и со роботот што студентите го користат во наставата.

Забраната на технологијата кај децата има обратен ефект

Find your balance е проектот на Erasmus+, акција KA2, кој всушност ги спои училиштата со ФИНКИ. Маја Виденовиќ, професорка по информатика во Основното училиште „Крсте Петков Мисирков“ од Скопје, објаснува дека идејата на проектот е да се најде баланс кај учениците помеѓу користење на технологијата и физичките активности.
- Децата се постојано пред мобилните телефони и малку се физички активни, тоа нè поттикна да аплицираме со идеја како да се помогне. Сакаме да ја искористиме технологијата за физички активности. На пример, во понеделникот користевме кју ар код. Децата добија прашања во врска со материјалот што го изучуваа, прашањата ги стававме на различни места низ училиштето, а тие поделени во групи ги скенираа прашањата едно по едно. Секој кју ар код содржи прашање и насока за следната задача. Нешто слично како барање богатство. Учеа, активни беа, се забавува, а користеа телефон – вели Виденовиќ. Таа смета дека забранувањето на технологијата во целост кај децата може да предизвика обратен ефект. Кога нешто е забрането, за нив е поинтересно, смета таа. Затоа објаснува дека е најдобро да се најде начин како телефоните да се искористат во едукативни цели.
- ФИНКИ е институција која има најголем пристап до информатичка технологија, па затоа може најдобро да им објасни на учениците како може да ја користат во секојдневниот живот и секако за едукација. Тука ќе ја видат смарт-училницата и ќе програмираат користење на роботи – вели Виденовиќ.

ФИНКИ редовно ги отвора вратите за учениците

Деканот на ФИНКИ, Иван Чорбев, смета дека информатиката може позитивно да влијае врз сите аспекти од секојдневното живеење, вклучително и наставата.
- Постојат предрасуди дека информатиката ги прави младите неактивни, но напротив, со вистинска и мудра употреба може да се постигне спротивното. На пример, денес секој користи технички уред за да ја следи физичката активност. Гости сме на токму еден таков проект кој има една клучна компонента, да ги инспирира младите да се заинтересираат за технологиите, но и да се активираат физички. Со помош на информатика, роботи и проектирање да бидат поактивни и физички – вели Чорбев.



Професорот Владимир Трајковиќ, кој одлично ги забавуваше, но и едуцираше учениците во текот на посетата на факултетот, објаснува дека неколку години наназад ги ловат и ги идентификуваат супер наставниците во земјава и работат со нив да се поттикне користењето на технологијата во наставата.
- На тој начин им помагаме да си ги разменат искуствата и да ги реализираат сите идеи поврзани со информатичката технологија. Секогаш се вклучуваме во проектите на наставниците и ги поттикнуваме на соработка. Ако на децата вистински им ја доближиме технологијата и во функција на учење, не може да згрешиме и како родители и како наставници – вели Трајковиќ.
Проектот Find your balance, чија цел е воспоставување рамнотежа помеѓу користењето на технологија и физичките активности кај учениците, ќе трае двe години.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование