X
 27.11.2017 Живот

Вулканот на Бали сериозно се заканува, веројатна е евакуација на 100.000 луѓе!

bali
Фото: АВАСА

Десеттици илјади жители на индонезискиот остров Бали побегнаа од своите домови заради непосредната опасност од голема ерупција на Агунг, вулканот кој е активен веќе неколку дена и испушта голем сив чад. Иако околу 40.000 жители веќе заминале, властите го подигнаа нивото на претпазливост на максимум и соопштија дека најверојатно ќе мораат да евакуираат околу 100.000 жители.

Густ облак од вулкакски пепел го покри небото над Анганг во саботата. Меѓународниот аеродром Нгурах-Раи, главниот аеродром на Бали, ги откажа сите летови на 24 часа. Вчера беа откажани 445 летови, со што беа погодени околу 59.000 патници. Индонезиското национално хотелско здружение одлучи дека сите затекнати патници на островот, ќе можат да ноќеваат во нивните објекти бесплатно.

„Иако е сончево и на јужниот дел од Бали има малку пепел, заради присутноста на пепел на поголема висина, бевме принудени да го затвориме аеродромот“, изјави шефот на локалната туристичка заедница Ида Багус Агунг Пата Аднијана.

„Нивото на аларм заради потенцијална вулканска ерупција е подигнато на максимум“, изјави висок функционер од Националниот центар за вулканологија на Индонезија, Геде Суандика.

Прогласено е четврто ниво на предупредување, што значи дека постои извесна опасност од нова поголема ерупција и не се препорачува никаква активност во тоа подрачје од 8 до 10 километри од врвот на вулканот.

Вулканот Агунг, кој еруптираше во 1963 година при што загинаа 1.600 лица, во понеделникот испушти столб од густ сив чад со висина од 4.000 метри. „Се чувствуваат постојани потреси“, додаде Суандика. Зоната на исклученост околу вулканот, сместена на 75 километри оддалеченост од туристичкото летувалиште Кута, е проширена на 10 километри, а жителите кои живеат во рамките на таа зона, се повикуваат да го напуштат местото.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот