X
 06.12.2017 Образование

Ученици од петто учат плачејќи: Треба да знаат што значат зборовите делегирани, протајкува, сегмент, идентификација

Долга е листата со зборови во повеќе учебници што десет и единаесетгодишни ученици мора да ја совладаат за да добијат петка или четворка, а уште подолга е на дефинициите, кои никако не може да им влезат во малите главчиња.



Зошто ова ни го прават? Дали сум јас глупав што не можaм да запаметам? Што значат овие зборови, не можам да ги разберам, а камоли да ги повторам. Не сакам да учам – со солзи во очите го помина викендот петтоодделенецот Иван С., обидувајќи се да научи што значи „делегиран“, „комесар“, „симулација“. Иако има десет години, одлично зборува англиски јазик, математика му оди супер и е добар ученик, тој цело полугодие се соочува со проблеми обидувајќи се напамет на научи стотина нови термини, најголем дел интернационализми.

Мамо, дали сум глупав?

Алтернатива, глобализација, делегирани, евроинтеграција, имагинација, интеграција, идентификација, инфраструктура, комесар, меѓувладина, наднационална, примарна, протајкува, сегмент, синагога, симулација....


Терминолошки речник во Општество за петто

Оваа листа со зборови веројатно ви се чини дека е извадена од некој терминолошки речник на учебник за средно или високо образование со оглед на тежината. Се лажете. Ова се само дел од термините што се напишани на крајот од учебникот по Општество за петто одделение. Долга е листата со зборови во повеќе учебници што десет и единаесетгодишни ученици мора да ја совладаат за да добијат петка или четворка, а уште подолга е на дефинициите, кои никако не може да им влезат во малите главчиња.

- Мојот син, кој е петтоодделенец, секој ден доаѓа дома со плачење бидејќи не успеал да ја каже дефиницијата што наставничката ја бара од збор до збор да е иста со онаа во книгата. Најголем проблем имаме со лекциите по Општество, како и со оние по Техничко образование – вели Марина Стојановска, мајка на основец.
Нејзиниот син, но и многу деца на оваа возраст имаат одбивност кон учењето бидејќи не успеваат да ги совладаат лекциите.
- Постојано зборува дека не може да научи, има ниска самодоверба, често знае да каже дека се чувствува глупаво или ме прашува дали е глупав – вели таа.


Колку комесари има Европската комисија, а колку судии Европскиот суд на правдата?

Во дел од лекциите по Општество и по Техничко образование, кои мајката ни ги посочи како најтешки, има многу странски зборови кои децата не може да ги разберат, а ниту да ги изговорат, но и премногу податоци за да се запомнат.
- Која е поентата десетгодишници да ги знаат сите димензии на форматите, што е котирање, колку сантиметри расте смреката, а колку борот, да решат крстосница со правило на десна страна, колку комесари има Европската комисија, а колку судии Европскиот суд на правдата. Дали е потребно да се знае дека најзначајната сообраќајница во земјава е автопатот Е-75? – прашува оваа мајка.

 
Десетгодишници треба да ги знаат димензиите на форматите

Учебниците по основно образование, како и наставните планови според кои се правени, ќе одат на ревизија. Ова го најавија и министерката за образование и наука Рената Дескоска и премиерот Зоран Заев. МОН побара и од самите наставници преку посебна апликација што ја изработија да ги посочат грешките во учебниците што мора да се исправат.
Од стапувањето на чело на Министерството, Дескоска дури повлече два учебника од употреба поради несоодветни и дискриминаторски содржини - Општество за четврто одделение и учебникот по Граѓанско образование за осмо одделение.

Кои учебници ќе ја имаат истата судбина, рано е да се каже бидејќи процесот на ревизија сѐ уште трае. Никој нема одговор до кога учениците ќе учат од несоодветните учебници и колку време ќе помине додека добијат нови.

Во продолжение објавуваме исечоци од дел од лекциите што ги учат петтоодделенците, а за кои родители ни укажаа дека децата тешко ги усвојуваат.














Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование