X
 08.12.2017 Наука

Револуционерен уред - нуди увид во човековото срце за време на операција

Нов уред дизајниран од тим на истражувачи од универзитетскиот колеџ во Лондон ќе им овозможи на хирурзите да имаат увид во срцето за време на минимални инвазивни процедури, односно операции. Во моментов лекарите го прават тоа преку надворешни ултразвук-сонди и слики направени пред операцијата за да се визуализира внатрешното меко ткиво. Новиот развој ќе им дозволи на хирурзите да го видат ткивото внатрешно, со што операциите на срцето ќе бидат полесни и побезбедни.


Уредот е оптичка игла со ултразвук, која е развиена од хирурзи, инженери, физичари и хемичари. Иглата е доволно сензитивна за да навлезе во длабочината на ткивата и да се движи во внатрешноста на телото. Успешно била тестирана на свињи.

Експертите истакнуваат дека овој уред ќе им помогне во најризичните моменти од операциите и ќе ги намали шансите за компликации. Технологијата е дизајнирана да биде сосема компатибилна со магнетна резонанција и други методи, па може да се користи и за операции на мозок и на фетуси.

Алатката е всушност минијатурно оптичко влакно, вметнато во вообичаена клиничка игла. Кога се вметнува во телото, ослободува пулс на светлина што генерира улстрасонични пулсови, кои се произведуваат кога светлината ќе го допре внатрешното ткиво. Нивната рефлексија се детектира од сензор со второ оптичко влакно, па се овозможува ултрасонична слика во реално време.

Процесот се одвива прилично брзо, а сликата што ја добиваат лекарите е со резолуција од 64 микрони, што е еднакво на само 9 црвени крвни клетки.

Експертите се надеваат дека овој уред ќе се користи и во клиничка употреба на луѓе. Ако се покаже како успешна алатка, можно е да стане еден од примарните уреди што ќе се користат од страна на хирурзите во светот.

Подготвил: М.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука