X
 13.12.2017 Живот

Избрани се најдобрите угостителски објекти и најдоброто кафуле за 2017 во Скопје

Град Скопје, традиционално во соработка со Агенцијата СВОТ ДООЕЛ-Скопје избираат „Најдобар угостителски објект меѓу најдобрите″ и најдобро кафуле во град Скопје. Проектот Најдобар угостителски објект меѓу најдобрите се спроведува по десети пат, а по вторпат се избираа и трите најдобри кафе барови на подрачјето на град Скопје.



Плакетите на најдобрите, денеска им ги врачи градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

- Овие проекти произлегуваат од Програмата за финансирање на проекти за развојот на занаетчиството, угостителството и трговијата на Град Скопје за 2017 година. Наша цел е преку овие настани да ја потенцираме важноста на квалитетот на услугата кон клиентите во угостителската дејност, како и да го подигнеме општото ниво на квалитет и на целокупниот амбиент во угостителските објекти во Градот – истакна Шилегов.

Тој посочи дека во нашите угостителски објекти, во кои сопствениците внимаваат и на најмалите детали, се трудат се да биде совршено и проверено, создаваат уникатен впечаток, се чувствува духот на македонската традиција, гостопримството и љубезност, а во Скопје посветено работат на креирање на амбиент на фамилијарна топлина, како и на потребата да се понудат неверојатно вкусни јадења.

-Се надеваме дека резултатите од ова истражување ќе бидат земени предвид од угостителите во градот и ќе резултираат со отстранување на недостатоците. Тоа ќе влијае на подобрување на услугата во иднина, во полза и на корисниците на услугите, и на сопствениците на угостителските објекти, што секако ќе придонесе и за развојот на економијата во Градот Скопје- изјави градоначалникот Шилегов.

Според оценките најдобрите три ресторани, три гостилници и три кафе барови во градот, избрани според исклучителноста на угостителските услуги, уникатниот амбиент и специфичната приказна која ја креираат денеска добија признанија за својот квалитет и престиж.

Годинава за најдобри три ресторани се избрани: 1.„ Оливе“, 2.„Лајт џез клуб“ и 3.„Македонска куќа“, најдобри три гостилници се: 1. „Сношти минав“, 2. „Кафана“ и на третото место се пласираше „Скара бар“, а најдобри во категоријата кафе барови се: 1.„ Рок Бар Круг“, 2. „ Mr. Jack“ и 3. „ Speakeasy“.

Кристијана Ивановска Доревска од Агенцијата СВОТ ДООЕЛ- Скопје, што го спроведува истражувањето, рече дека годинава во текот на истражувањето коешто се спроведе во периодот од 1 до 30 септември за кафе баровите и од 1 до 31 октомври за рестораните и гостилниците, биле опфатени 50 ресторани, 50 гостилници и 70 кафулиња на територијата на Скопје. Спроведени биле вкупно 300 посети на гостилниците и рестораните, а во кафулињата имало 210 посети, секој угостителски објект бил посетен 3 пати.

Овие проекти што се реализирани од Секторот за локален економски развој на Град Скопје се повеќе го будат интересот кај угостителите, но и кај јавноста. Целта е да се разбуди свеста и кај угостителите и кај граѓаните за важноста на квалитетот на услугата во оваа дејност, што ќе го придонесе за подобрување на амбиентот во сите угостителските објекти во Скопје.
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот