X
 14.12.2017 Култура

Александар Манасиев, добитник на наградата „Жан Моне“: Новинарот не е новинар ако нема образ и ако ја витка „кичмата“ пред бизнисот и пред политиката

Откривањето на скандалот за над 30 фалсификувани сертификати за странски јазици на Академијата на судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ му го донесе вредното признание

Новинарството е „проклета“ професија од која треба да заминеш навреме, ова е најчестиот совет што професори и професионалци го даваат. Но, треба да се погрижиш, пред да заминеш, да оставиш нешто вредно, да решиш барем еден проблем. Истражувачкото новинарство е предизвик за најдобрите, а меѓу нив во Македонија во последните речиси 15 години со право се вбројува новинарот Александар Манасиев.

фото: Маја Златевска

Тоа во неколку наврати досега било потврдено со награди, а од пред два дена и со врвната награда за истражувачка сторија „Жан Моне“. Долгогодишен новинар и уредник на „Дневник“, дописник за „Јутарњи лист“, „Форбс Хрватска“, уредник е на „Види Вака“, а веќе една година дел од тимот на „Топ тема на ваша страна“ на ТВ „Телма“.Токму откривањето на скандалот за фалсификувани сертификати за странски јазици на Академијата на судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ му го донесе вредното признание.

„Жан Моне“ е награда што секој посветен новинар ја посакува. Во нешто помалку од 15-годишното новинарско искуство, дали некогаш ја сонувавте и дали искрено ѝ се радувате?

- Секој од нас сонува да добие награда за својата работа. Ќе излажам ако го кажам спротивното, иако низ годините се покажало дека најголема награда е позитивниот епилог од приказните што ги пишуваме. Награда е и ако некому му помогнеш, награда е и ако некој одговара за криминал или злоупотреба што вие сте ја откриле, но сепак, ако се вложи труд во некоја сторија, знаете дека пеш сте оделе по секоја информација, дека сте „потрошиле“ два или три месеци во истражување, тогаш секако дека ќе речам оти сонував да ја добијам наградата „Жан Моне“. Според мене, таа е една од најпрестижните новинарски награди во земјава. За неа годинава конкурирале околу 20 колеги и сите приказни, од она што можев да го чујам, биле добро изработени и биле потенцијални победници.

 

Наградата ја добивте за Вашата приказна за фалсификуваните дипломи по странски јазици на Академијата за судии, која ја разбранува јавноста, а богами и судиите. Како дознавте за овој скандал и може ли да ни го откриете патот на истражувањето?

- Појдовме од едноставна информација - што се случи со конкурсот за избор на 60 нови обвинители, сите рокови за нивен избор пројдоа, а Академијата молчеше зошто се пробиени роковите. Нашиот тим од „Топ тема на ваша страна“ контактираше со директорката на Академијата, која ни рече сите одговори да ги бараме писмено. Ние го искористивме правото што го овозможува Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и прашањата ги поставивме усно, директно до службеното лице задолжено за посредување информации од јавен карактер. Беа збунети и тврдеа дека мора да биде на писмено, но ние одбивавме бидејќи рокот за одговор, ако прашањата се постават усто, е 7 дена, а во спротивно може да биде и над 30 дена. Со себе го носевме и Законот и ѝ го покажавме на службеничката која, сепак, состави службена белешка со нашите прашања. Одговорите беа бледи и ништо не откриваа, безмалку беа во насока на прикривање на вистината.

Појдовме пак и повторно поставиме серија прашања користејќи ја истата законска можност - усно барање за слободен пристап. Веќе во вторите одговори откривме низа контрадикторности, со што се гледаше дека нешто се прикрива. Почнаа да нѐ контактираат и лица што конкурирале откривајќи ни детали во целата приказна и дојдовме до информација дека огромен број, односно една третина од пријавените 120 кандидати имале сомнителни сертификати за странски јазик. Потоа следуваше потврда и од Советот на јавни обвинители, па на крајот и самата директорка потврди, но и откри низа други сомнителни работи во целата приказна – како, на пример, притисоци што ги вршеле родители на лицата под истрага за целиот случај да не добие судски епилог.

Манасиев заедно со Ѓорѓи Личоски (најдобра професионална фотографија), Дајана Лазаревска (најдобра аматерска фотографија)

Истражувачкото новинарство кај нас не е многу застапено, а вистинските познавачи на професијата знаат дека тоа е врвот на новинарството. Вие подолго време се занимавате со овој жанр, објавувајќи во различни медиуми, и домашни и странски. Какво е чувството после добро направена истражувачка приказна, особено таква што дала резултат?

- Најчесто чувството на задоволство е краткотрајно бидејќи институциите повторно молчат, дури и при презентирање докази за можна корупција. Тоа влијае поразително и демотивирачки, но неретко приказните имаат и некаков епилог, па сатисфакцијата е голема. Дефинитивно, во истражувачкото новинарство малку се вложува во Македонија, немаат цена ваквите приказни, додека, пак, во странство тие се најценети.

Бевте дел од тимот на „Дневник“ повеќе од десет години за да го замените за нов предизвик, наречен „Топ тема на ваша страна“ на ТВ „Телма“. Велат, кој има искуство во печатен медиум, подоцна може да се снајде во кој било друг тип медиум. Најдовте ли овде поголем простор за истражување?

- Телевизијата има свои предности, но и свои маани наспроти печатот. Ме освои магијата на телевизијата, иако морам да признаам дека печатот е мојата прва љубов. Мислам дека работата во печатен медиум ми помага да пишувам појасно и полесно. Од друга страна, моќта на телевизијата е во сликите и за тоа ми требаше време, односно сѐ уште ми треба за да ја совладам. Најголемата разлика е во импактот на телевизијата, кој е многу поголем, посебно во земја како Македонија каде што печатот е буквално пред изумирање, со сета почит и поддршка кон колегите што работат во печатени медиуми.

Доколку некој странец Ве праша за состојбата на медиумите во Македонија во моментов, што би му одговориле?

- Би му рекол дека состојбата е подобра од минатата година или поточно од минатите пет години, но дека медиумите сѐ уште се пред сериозни предизвици.

Што би им препорачале на студентите по новинарство? Кој совет би им го дале?

- Би им порачал да имаат јасна цел и визија за тоа што сакаат да работат, дали да бидат новинари што ќе покриваат економија или забава и да се специјализираат во одредена област. Би им порачал секогаш да учат и да бидат во тек со новите достигнувања, новите алатки, новите медиуми, да ги знаат законите во областа што ја покриваат и последно, а најважно - да имаат интегритет. Новинарот не е новинар ако нема образ, ако ја витка „кичмата“ пред бизнисот и пред политиката. Независноста е нешто за што треба секогаш да се бориме, тешко се добива, а се губи во еден ден.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура