X
 14.12.2017 Образование

Први ќе се спасуваат учениците од прво до трето, анализите на МОН потврдија дека наставните програми создаваат одбивност кон учењето

- Забележана е неусогласеност помеѓу наставните планови и учебниците, а исто така и помеѓу предметите. Чести забелешки имаше околу барањето на учениците да завршат одредени задачи за кои тие не се оспособени или, пак, не им се приспособени на возраста – откриваат анализите на Министерството за образование и наука.





„Гревота се децата, а ние пак толку сме ангажирани како повторно да се сме запишале на училиште“. Ова е само еден од многуте коментари од родители за темата несоодветни учебници во образованието што ја отворивме минатата недела. Лекции напишани небаре возрасни треба да ги учат, несфатливи дефиниции, странски зборови, премногу податоци што треба да се запомнат, се само дел од проблемите со кои секојдневно се соочуваат македонските ученици.
„Заедно учиме со третоодделенец и заедно си плачеме. За до петто можеби ќе ги поарчиме солзите – ни напиша родител на „Фејсбук“.


Ќе се намалува притисокот врз учениците

Добра вест има за учениците од прво до трето одделение, секако и за нивните родители, бидејќи први на удар на службите на Министерството за образование и наука се програмата и учебниците за оваа возраст. Во рамките на Министерството за образование и наука во соработка со Бирото за развој на образованието, формирана е работна група чија основна задача е да направи ревизија на наставните планови и програми од прво до трето одделение. Ќе се вклучат и стручни лица од педагошките и филозофските факултети.
- Водени од констатацијата за преголемо оптоварување на учениците, ревизијата на наставните програми ќе биде не само содржинска туку и во однос на тежинската основа и оптоварувањето со цел да се намали притисокот врз учениците, а ќе бидат опфатени сите програми од 1 до 3 одделение. Една од целите е да се овозможи кохерентност помеѓу различните предмети и одделенија во однос на остварувањето на образовните цели што сакаме да ги постигнеме во образовниот систем, како и создавање целина на образовниот систем – велат од МОН.
Групата што ја работи ревизијата се води од прашањето со какви знаења и вештини очекуваме да се стекнат децата по завршувањето на третото одделение.


Што покажа ревизијата на МОН?

Од Министерството за образование и наука откриваат дека досегашните анализи покажале дека сегашните програми создаваат одбивност, презаситеност, па дури и незаинтересираност за учење.
- Забележана е неусогласеност помеѓу наставните планови и учебниците, а исто така и помеѓу предметите. Чести забелешки имаше околу барањето на учениците да завршат одредени задачи за кои тие не се оспособени или, пак, не им се приспособени на возраста. Принципот на љубопитноста на децата е од исклучително значење, па затоа целта е да се создаде наставен план кој ќе ги стимулира љубопитноста на децата и љубовта кон знаењето. По овој процес ќе следува и ревизија на учебниците од 1 до 3 одделение кои ќе треба да се усогласат со новите наставни планови и програми, секако, онаму каде што потребата ќе биде забележана – велат од МОН.





По завршување на овој процес ќе биде организирана и јавна дебата што ќе се однесува на оваа ревизија со цел да се обезбеди консензус околу реформите во образованието.
Можно е и пилотирање на дел од најавените промени пред нивната имплементација во целокупниот образовен систем, информираат од Министерството.

Родители прашуваат: Како да им помогнеме, децата се убедија дека не можат да успеат?

Што ќе биде со нашите деца, кои ги уништивме? Како сега ќе им ја вратиме желбата за учење? Како да ги вратиме во живот кога ја изгубија смислата за живот? Колку деца останаа заглавени низ лавиринтите на учебниците? Како да им помогнеме сега да сфатат дека нешто можат да постигнат кога се убедија себеси дека колку и да се трудат, не можат да успеат? Ова се прашањата на една мајка која ги упати до сите засегнати во овој процес во коментар на нашиот текст.
Друг родител потенцира дека потребна е итна ревизија на учебниците, посебно на стилот на кој се пишувани.
- Со самото тоа што не можат да ги разберат зборовите им се уништува и желбата за учење – вели мајка на основец.
МОН најавува ревизија и на сите учебници во основно и во средно образование. Оттаму креираа онлајн-прашалник кој беше доставен до наставниците, преку кој тие можеа да пријават грешки, проблеми во учебниците, но исто така и во наставните програми.
- Целта беше оние што имаат најголемо искуство со секојдневна употреба на учебниците да дадат свое видување за учебниците и за наставните програми, а МОН да изготви основна анализа за видот на грешките во учебниците, каде ги има и колку тие се застапени во учебниците – велат од Министерството за Факултети мк.





Оттаму додаваат дека потребата за измена на наставните планови и програми е неспорна по одредени предмети, па затоа веќе е започната и ревизија на наставните програми по предметот Граѓанско образование.
 - Треба да се има предвид дека пишувањето учебници е сериозен и долг процес, но ние предност ќе му дадеме на квалитетот на изработка на учебниците – велат од Министерството. Во рамките на основното образование ќе бидат поделени групи кои ќе се однесуваат на ревизија на наставниот план во одделенска настава, а потоа и во предметната настава. - Целта е да направиме ревидирање на наставните планови и програми, методите на предавање, а потоа би следувало и пишување на нови учебници согласно ревидираните наставни планови и програми – информираат од Министерството.
 Во меѓувреме, МОН планира и измена и дополнување на Законот за учебници за да се овозможи пофлексибилна постапка за ревизија на учебниците, затоа што според досегашниот закон, тоа е тешко и сложено дури и кога станува збор за помали интервенции во учебниците.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование