Доколку знаете српски, хрватски или босански јазик, можеби сте идеалниот кандидат за работа во најголемата разузнавачка агенција на светот. Вака почнува
огласот на ЦИА, која бара луѓе со одлично познавање на овие јазици.
Освен „можноста да ги чуваат Соединетите Американски Држави“, потенцијалните вработени на оваа позиција ќе добиваат паричен бонус од 35.000 долари, зависно од познавањето на јазикот и од функцијата што ќе ја преземат. И тоа веднаш по вработувањето.
Веројатно најпримамливото работно место е она за инструктор по странски јазици во ЦИА со седиште во Вашингтон. Платата е 161.900 долари, без бонуси.
– ЦИА овозможува врвна обука со енергични, креативни и упорни разузнавачки професионалци. Инструкторите по јазици ги спроведуваат програмите кои на студентите им ги даваат сите потребни културолошки и јазични знаења, потребни за работа и живот во странство – стои, меѓу другото, во огласот за работа.
Се разбира, ако ве интересира нешто помалку оперативно, ЦИА бара кандидати за собирање и обработка, но и искористување отворени извори на информации, каде што платата е малку пониска, а работата веројатно помалку „возбудлива“. Во описот стои и како изгледаат овие работни места. Сите пријавени мора да поминат ригорозни тестирања, а еден од условите е да не користеле дроги во последната година, нешто што ЦИА може да го провери преку сопствена методологија.
Ако ги прочитате ситните букви во огласот, ќе видите дека меѓу другите услови за пријавување пишува и дека мора да имате американско државјанство.