Дваесет ученици од скопското средно училиште „Михајло Пупин“ откако ќе матурираат веднаш ќе бидат вработени во ЕВН, со почетна плата од 20.000 денари. Средношколците денеска презентираа што учат и изучуваат во специјалната паралека која е опфатена со проектот „20/20/20“, а се темели на принципите на таканареченото двојно средно стручно образование. Учениците се директно вклучување во работниот процес, а 20 најдобри ученици во 2020 година ќе бидат веднаш вработени во ЕВН. Гаранцијата за вработување, квалитетот и стекнувањето на практични вештини веќе охрабрила голем број на ученици да се запишат, па од предвидените 20 места, во специјалната ЕВН паралелка веќе учат повеќе од 30 ученици.
Училиштето денеска го посетија министерката за образование и наука Рената Дескоска и претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, Штефан Петер.
- Денеска во училиштето „Михајло Пупин“ ја промовираме програмата за средно стручно образование во која директно се поврзани училиштата со општествено одговорни компании. Се надевам дека овој модел ќе го следат и други компании во земјава. Учениците добија можност практично да ја изучуваат нивната следна професија, да им се обезбеди пракса во училиштата и во компанијата. Исклучително позитивно е што учениците им е загарантирано вработување по завршувањето на училиштето. Поврзувањето меѓу средните училишта и компаниите е особено значајно заради тоа што целта на средното стручно образование е да едуцира ученици коишто ќе бидат спремни да влезат на пазарот на трудот – рече Дескоска.
Таа додаде дека ваквите образовни програми овозможуваат полесно идно вработување и треба да бидат мотивација за идните средношколци кои се соочуваат со дилемата какво образование тие треба да изберат.
- Овие ученици кои вредно го изучуваат својот занает треба да бидат мотивација за идните средношколци, да сфатат дека побарувачката на пазарот на трудот ги насочува кон средното стручно образование кое треба да им овозможи полесно идно вработување – рече таа.
Дескоска се заблагодари на ЕВН што учествуваат во проектот и ги охрабри останатите компании од земјата да го следат овој позитивен пример.