X
 20.12.2017 Образование

Тајните на корчагинци: „Научивме да бидеме бунтовни и да не трпиме неправда“



„Специфична по повеќе работи, можеби она што повеќето ќе го искоментираат е дека се бараше многу учење, ние како деца можеби тоа не го сакавме и не сфаќавме зошто не може да биде исто како во другите училишта, но подоцна кога се запишавме на факултет, сфативме колку сме го истренирале мозокот и колку полесно ни оди во споредба со оние што дошле од другите средни школи, навикнати на помалку учење. Како и да е, „Корчагин“ беше многу повеќе од учењето од учебници. Таму научивме да бидеме другари. Научивме меѓусебно да се почитуваме. Сфативме дека иако се смета за најдобро училиште, и таму постојат лоши и некадарни професори, но ние сакавме да знаеме, па научивме и како да се самоедуцираме! Знаевме и да се степаме и како потоа да бидеме најдобри другари. Научивме да бидеме бунтовни и да не трпиме неправда. Студентскиот пленум беше производ на сите притисоци што се таложеа уште од средношколските денови. 2009 година бевме заклучувани во училиштето за да не можеме да одиме на протестите против екстерното. Што направивме? Рипавме од прозорци. Цели две генерации што бевме на смена го оставивме училиштето празно и заминавме на протест, а раководството и вработените нè гледаа од прозорците на канцелариите и училниците како заминуваме, дел од нив насмеани и среќни што сме успеале во нашата намера, а дел гневни што не успеале да ја извршат наредбата што им била дадена од некого. Бевме прогресивни, иако сè уште не бевме свесни за тоа. Голема заслуга имаа професорите кои знаеја да ни го пренесат нивното знаење, но и да се постават кон нас како родители, а и оние спротивните на нив кои ни ги отворија очите за состојбата на нашето општество“.

Ова е еден од вашите одговори на прашалникот по што е/беше специфична скопската гимназија „Раде Јовчевски – Корчагин“ и каков пресврт направи во Вашиот живот? Корчагинци одговараа, но не само тие. Одговори пратија и други, вкупно 101 читател. Еве неколку од нив:

- Мојата класна во 3-та и 4-та година средно, Фросина Митрушева. Можеби најинспиративната жена за успех што ја имам запознаено во животот. Не сум „бигшот“, ама таа професорка заслужува слика во „Корчагин“ за позитивното влијание што го има направено над тие млади и надежни луѓе во најтешките (дискутабилно) години од животот.

- Пристапот што го имаа професорите кон учениците и многубројните активности придонесоа да се изгради личност која може да му се спротивстави на светот.

Корчагин низ годините

- Почетокот на 90-тите. Имавме целосна демократија, слушавме Нирвана, Стоун Роузис, Морисеј... Имавме строги професори, а сепак, чувствуваме тотална слобода. „Корчагин“ подразбираше висок IQ, фраерлук, андерграунд во вистинска смисла на зборот... Фросина, Сидо, Душка, Ермина... Закон.

- „Корчагин“ ме направи подобра личност, ги крена многу повисоко моите стандарди, ме исполни со желба за напредок и амбиција и нормално, ми докажа дека макотрпната, напорна работа заедно со многу вложен труд секогаш дава видливи резултати.

- Сфатив дека во Македонија има нормален свет.

- Ме научи на најважното нешто - како да размислувам.

- Кругот на другари и пријатели, начин на размислување, култура на однесување...

- Дисциплина и ред.

- Да не бев во „Корчагин“ (физичко/математичка), ќе имав нормално детство. Вака во „клупче“ решававме задачи. На факултет воопшто не разбирав како осмоодделенци таму се запишале, а подоцна разбрав дека тие за друго биле предодредени. Сè нешто исправав криви дрини. Веројатно влијание на Сидо. Сè нешто не ми беше јасно - зошто не се решава, а барем за мене - видливо беше! И сè уште ми е така! Батали „Корчагин“ - генерации и генерации „упропасти“. Вечна им слава.

- По Пацка.

- Супер искуство и стекнато знаење добиено од перфектни професори. По запишувањето на факултет сфатив колку знаење ми било пренесено во РЈК, така што со многу малку учење успевав да положам тешки предмети, на тежок факултет како што е ФИНКИ.

- По уникатниот однос што повеќето професори го имаа со учениците, како поддржувањето на разни воннаставни проекти (претстави, свирки, просветилки, Св. Валентин...). Како дополнителен фактор е и специфичната селекција на ученици, сите желни за дружба и соработка.

- Учење во саботи што не треба да се учат.

- Ме научи на вредности и морал, соработка, пред сѐ ме научи да бидам човек, да бидам исполнителна и упорна, чесна, посветена на образованието, да користам логика и рационалност, да се потпирам на факти, ми помогна да стекнам аналитичка личност, амбициозна, желна за успех и ми создаде натпреварувачки дух.

- По тоа што имаше искомплексирани професори и разгалени деца со врски и ми создаде анксиозно растројство.

- Научив дека има многу изгубени и исфрустрирани ликови во нашето образование. Имав среќа навреме да одам во една интернационална средина која ме предизвика академски и ми дозволи да растам надвор од „калапот“ на просечноста кој „Корчагин“ го користи.

- Во „Корчагин“ секој е прифатен. Таму научив како да бидам подобар човек. Тука ги најдов сите мои пријатели со кои сѐ уште имаме силна дружба.

- Ме научи дека истрајноста секогаш се исплаќа. Нема полесен пат - има само пат во кој работиш кон нешто, работиш на себе - за на крај да си успешен. ☺

- Квалитетното образование што го добивате во „Корчагин“ нема да го добиете на ниедно друго место. Почнувајќи од квалитетниот наставен кадар, па сè до дружбата со тинејџери со заеднички интереси, го прави ова место посебно за секој индивидуалец.

- Кредибилитетот на оваа гимназија и нејзиниот углед, кој со помош на амбициозните ученици опстојува уште од дамнешно време, го поставува „Корчагин“ на првото место на ранг-листата на средни училишта на ниво на Република Македонија. Во „Корчагин“ запознав едни од моите најдобри пријатели и се стекнав со многу корисни совети кои во понатамошната кариера би имале голем удел. Горд сум што сум корчагинец и тоа никогаш нема да се промени, бидејќи ми отвори безброј патишта кон успешна иднина.

- Ме подготви за живот.

- „Корчагин“ не направи никаков пресврт, за сите мои кариерни успеси заслужно е целото образование што го имав после „Корчагин“. За жал, „Корчагин“ не ми понуди ништо потребно за понатаму. Ограничена гимназија со стара гарда професори кои не те насочуваат за понатаму, туку само те туркаат низ годините, не нуди никакви дополнителни активности, ниту плус информации надвор од учебниците.

Од минатото

- Ме насочи кон вистинските животни вредности и ми го зајакна карактерот, односно дека со труд и должно внимание може да се постигне сѐ.

- „Корчагин“ е институција. Таму се создава интелектуална елита. Знаење кое останува откако ќе заборавиш сè што си прочитал во учебникот.

- Натпревари по хемија, менторирани од Биљана Петреска.

- Разновиден поглед кон светот, подобро аналитичко размислување (преку професорката Фросина).

- Интелектуална свест за светот, борбен дух и почит за/ценење на квалитет.

- Убаво искуство и квалитетно знаење.

- Гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“ не е ништо специфично, само е „нафурана“ докрај оти сте скопјани и мора да е најдобро.... Ако ви е подобро, продолжете да се лажете дека е нешто повеќе од другите.

- Додека бевме ученици, „Корчагин“ го нарекувавме затвор или Алкатраз. Но, најчесто затворениците што ја одлежале казната не сакаат да се вратат во затворот. До ден-денес не сум сретнал некој мој поранешен соученик што не ми рекол „Ех, да можам да се вратам во ’Корчагин‘“.

- Пред 30 години вградуваше во нас вистински вредносен систем.

- По предавањата по физика кај проф. Блага Ристевска, на кои секој час само јас повторував лекции, по ЧПКМ по математика кај проф. Лилјана Поповиќ, и секако тоа што најмногу ми фали во животов откако завршив во „Корчагин“ - по смајлињата на тестовите математичка анализа од руските збирки кај класната Фросина.


Отворен ден во гимназијата

- Пресвртот ми се случи минатата година. Од „Корчагин“ нормално продолжив на ФЕИТ, па на размена на ФЕР Загреб, па на работа на ФЕИТ и ТМФ и ЕВН, а од лани студирам нуклеарно инженерство на Факултетот за математика и физика во Љубљана.

- Ме убеди дека моето мислење е важно и дека можам да постигнам сè што ќе си зацртам.

- „Корчагин“ ме научи да ја почитувам филозофијата како наука, да ги применувам математиката и логиката, да живеам низ уметноста. Во „Корчагин“ научив да ја слушам најдобрата музика, да ги читам најдобрите книги и да ги следам најдобрите филмови. „Корчагин“ е основата на мојот развој и напредок и мојот успех денес. Му благодарам.

- Имаше неверојатен дијапазон на професорство, од Сидо до Душка, од Иван до Ермина, од Чаповска до Чадик. Доста е?

- Супер математичар. Пале, Фросе, Ничота.
Подготвил: В.И.И.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование