X
 22.12.2017 Образование

Бојкот на настава во „Единство“ во Гостивар – нема плати за ноември

Поради неисплатени плати за ноември, утрово настава не држат наставници од гостиварското Основно училиште „Единство“, јавува МИА. Околу илјада вработени во сите основни и средни училишта на подрачјето на Општина Гостивар не добиле плати за минатиот месец. Проблемот настанал со неприфаќањето на предлог-одлуката за ребаланс на општинскиот буџет на последната седница.



Синдикалната организација на просветните работници ќе чека на исходот од состанокот во локалната самоуправа. Ако не добијат плата, тие се подготвени и на порадикални чекори. За состојбата ја информирале и регионалната канцеларија на СОНК. Веќе се одржале состаноци со градоначалникот Арбен Таравари и со претседателот на Советот на Општината, Насир Муслиу, за да се надминат проблемите. Според Тафа Амети, претседател на регионалниот синдикат, разговорите почнале уште вчера. Формирана е петчлена работна група која ги води преговорите.

- Состојбата станува сериозна. Голем дел од нашето членство има кредити, а доаѓаат и празници. Инсистираме платите да се исплатат што поскоро. Ако не се исплатат до среда, ќе биде комплицирано бидејќи дотогаш работи државниот трезор. Го очекуваме исходот по состанокот во Општината, по што ќе решиме како понатаму - изјави Тафа Амети.

Тој смета дека одлуката за прекин на наставата на наставниците од „Единство“ е индивидуална. Нема информации за прекин во другите училишта. Во текот на денот ќе има консултации и анализа на состојбата со раководството на СОНК. Потоа ќе се донесе одлука за натамошни чекори. Според најавите, денеска во 13 часот Таравари и Муслиу ќе одржат состанок за да најдат решение да се надминат проблемите. Исплатата на платите за вработените во образованието се врши со пари од дотации од Министерството за образование и 10 отсто од општинскиот буџет. Парите од Министерството се стигнати, но не е извршен ребаланс на буџетот на Општината. Токму одлуката за ребаланс на буџетот за образование беше предмет на вербални пресметки меѓу мнозинството во Советот и локалната власт на последната седница.
Подготвил: В.И.И.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование