X
 22.12.2017 Култура

Две награди за „Крајот на времето“ на Манчевски

Краткометражниот филм „Крајот на времето“ на Милчо Манчевски, кубанско - американска копродукција, освои две престижни фестивалски награди: Награда за најдобар ненаративен филм на Берлинскиот фестивал на експериментален филм и награда на најстариот балкански фестивал на алтернативен и експериментален филм „Белград Алтернативи“.


Во своето образложение за наградата жирито во Берлин вели: „Кристалниот минимализам и супериорната едноставност на филмот се навистина потресни”.
Белградското жири, пак, во образложението на наградата вели: “Филмот има визуелен магнетизам, формално е заокружен и одлучен, со јасен став и очигледно занаетско мајсторство”.
„Крајот на времето“ претходно ја освои наградата „Елен“ на еден од најреномираните фестивали за краток филм во Аспен, Колорадо, како и награда на чешкиот фестивал на документарен и експериментален филм Јихлава.
Манчевски го сними „Крајот на времето“ лани во Куба, каде што гостуваше како професор на Државната филмска академија, а постпродукцијата ја заврши во Њујорк. Директор на фотографијата е Алан Лопез Мартинез, монтажер Кристина Поженел, композитор и автор на тонскиот дизајн е Игор Василев - Новоградска, а автор на визуелните ефекти Мишо Ристов. Македонија не е учесник во овој филм.
Филмот досега беше претставен на 30-ина фестивали низ целот свет (Палм Спрингс, Богота, Монтекатини, Сент Луис, Сао Паоло, Бафало, Оаксака, Токио) и во неколку галерии (Буенос Аирес, Шангај), а продаден е за дистрибуција прво во Јапонија, а од јануари и за остатокот од светот.
Во Македонија филмот премиерно беше прикажан на фестивалот „Браќа Манаки“, а играше и на Култиватор во Кино Карпош.
Подготвил: С.Ѓ

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура