X
 28.12.2017 Образование

Лоран Изел, директор на Француското училиште ЕФИС: Сериозниот и љубезен однос помеѓу ученикот и наставникот е клучен за учењето

Треба да се предизвика интересот на учениците, да се разбуди нивната љубопитност, но тоа не е лесно во време кога се верува дека знаењето е достапно со еден клик или уште полошо, дека е бескорисно и дека вредностите на училиштето се застарени

Во Македонија пристигна кон крајот на летото, веќе се труди да враќа кратки одговори на македонски јазик. Лоран Изел е педагог од Франција и од оваа учебна година го раководи Француското интернационално училиште ЕФИС во Скопје.
Инспиративен педагог со големо меѓународно искуство во француското образование, Изел споделува дел од своето знаење со нашите читатели.

Лоран Изел

Не сте долго време во Скопје, но имате педагошко искуство во повеќе земји во светот. Како Ви оди приспособувањето во Македонија?
- Имам навистина долго и, се надевам, одлично педагошко и професионално искуство од речиси 20 години. По моите студии во Франција заминав во Етиопија, Мароко и во Виетнам. Секоја географска област има своја специфичност, во рамките на секоја земја и институција. Среќен сум што ја имам можноста да бидам дел од Француското интернационално училиште во Скопје, ова е нов предизвик за мене и затоа сум многу мотивиран.

Задоволен ли сте од тимот со кој работите во ЕФИС?
- Педагошката екипа на ЕФИС е првата врска што ја имав со Македонија, веднаш по моето пристигнување. Екипа која е многу професионална и мотивирана кога станува збор за успехот на учениците. Особено ја ценам нивната вклученост и посветеност во работата. Сите тие многу ни помогнаа откако се доселивме тука - мене и на моето семејство, во земја која е нова за нас. Им се заблагодарувам. Се надевам дека ЕФИС ќе продолжи да работи и понатаму на истиот начин, нудејќи квалитетно образование како и досега.

Заедно со административните директорки Веселинка Ковачева (лево) и Билјана Кракутовска

Може ли да им го доближиме повеќе францускиот образовен систем на нашите читатели? Што е тоа што го издвојува како еден од најдобрите во светот?
- Треба да резимирам. Прво да кажеме дека францускиот образовен систем се базира на одредени вредности кои се сметаат за фундаментални: слобода во образованието (во рамките на програмите, се разбира), неутралност во програмата, секуларност - за која во Франција се зборува уште многу одамна - и задолжително школување на децата до 16 години. Според Уставот, образованието е должност на државата и системот е базиран на принципи инспирирани од Француската револуцијата од 1789 година. Овој систем, исто така, се базира на хуманистичките идеали поврзани со културата и пренесувањето на знаењето. Мислам дека тоа е првата сила на нашиот систем и успехот на француското училиште, чија мрежа е распространета низ целиот свет. И покрај тоа што е во голема конкуренција, особено со онаа на англосаксонскиот систем, сѐ уште симболизира начин на извонредност, а силата на симболот е важна бидејќи хуманистичките вредности често пати се соочуваат со повеќе индивидуалистички вредности.

Интересно е што Вие не сте класичен директор на училиште, барем во македонска смисла на зборот. Вие предавате паралелно со водењето на училиштето. Дали и тоа е вид одлика на француското образование?
- И да и не. Сѐ зависи од големината на училиштето. Поголемиот дел од времето, во француските училишта во странство, директорот не е задолжен да има свое одделение или клас, бидејќи тој мора да управува со важни образовни проекти. Тој дава насоки при извршувањето и реализирањето на едукативните проекти што се зададени од страна на министерството за образование на Франција. Во Франција директорите не се вклучени во предавањата доколку училиштето има повеќе од 14 одделенија или класа - но доколку училиштето брои помалку, тогаш секако и тие учествуваат и се дел од наставата... Но, точно е дека во училиштата во странство директорот има повеќе ограничувања отколку во Франција. Да се имаат двете функции истовремено не е лесно, особено во првите недели од почетокот на учебната година. Но, на крајот го наоѓаме ритамот. Исто така, треба да напоменам дека во францускиот образовен систем директорот на училиштето е наставник, па затоа првенствено е педагог, чија мисија е да ја води наставата на неговиот тим преку внесување динамични проекти во рамките на програмите и официјалните упатства, тој ја прави врската помеѓу наставниците, нивните ученици и хиерархијата.

На отворањето на настанот „Бои, вкусови“

Француските ученици (а и децата што учат во ЕФИС во Скопје) не се обременети со обемни лекции дури и во погорните одделенија. Кој е, според Вас, најефикасниот начин за учење во основното образование?
- Сè зависи од целите и од степенот на образование. Да напоменам дека домашната работа во основните училишта е забранета уште од 1956 година. Ова не е никаква новина кај нас. Идејата во основното училиште е да им се даде приоритет на значењето и методологијата. Или со други зборови, разбирањето стана посуштествено од учењето. Се работи за изнаоѓање суптилна рамнотежа, но убеден сум дека за добро да научите, мора да разберете што правите. Сè уште има лекции што треба да се научат, тоа не е секогаш многу смешно за ученикот, но мислам дека мора и тоа да се помине. Тие се понекогаш пократки отколку во минатото – целта е да се разбере што се сменило во човечкиот живот и дека овие промени имаат импликации во денешниот живот.
Меѓу родителите на учениците што ги сретнав во земјите каде што живеев често постои двоумење помеѓу враќањето во митската златна доба и привлечноста кон новите технологии што би требало да решаваат сè. Повторно станува збор за изнаоѓање рамнотежа. Враќањето назад не е ниту возможно ниту пожелно, сепак, луѓето што мислат дека таблетите ќе го намалат неуспехот во училиште се лажат. Станува збор за учење како да се користат новите алатки како алатки. Да се научи како да се учи со овие нови алатки. Учењето и разбирањето, стекнувањето методи на размислување се најефективниот начин да се зачуваме од тоталитарната мисла и да ги зачуваме нашата слобода и критичко размислување.

Изел настапи заедно со дечињата на новогодишната претстава

Дали сте застапник за идејата дека децата треба да се порастоварени и дома да имаат минимални обврски што ќе се однесуваат на училиштето?
- Јас не ја бранам идејата за повеќе или помалку домашни задачи, ја бранам идејата домашната работа да му помогне на детето да напредува. Треба да се научат работите (на пр. конјугации - менување глаголи), мора да работите на вашата меморија (учење песни или стихотворби) – убаво беше кога сите си игравме, не е сè забавно, ниту во училиште ниту во животот. Сепак, решавањето задачи секоја вечер нема да му помогне на детето што има тешкотии во учењето да напредува и подобро да разбере. Учењето напамет дека реченицата започнува со голема буква и завршува со точка ми изгледа помалку корисно отколку тоа да се вежба секој ден. Покрај тоа, понекогаш се појавува еден маѓепсан круг на домашните задачи; часовите од наставата што се користат за да се поправат домашните работи, ми се чини дека сето тоа е голема грешка, бидејќи не сум сигурен дека ученикот ќе научи многу. А што е со учениците на кои не може да им се помогне дома? Но, и едно дете (или тинејџер) да помине три или четири часа на интернет или да игра на својот мобилен телефон по училиштето исто така не е никакво решение - да не ги споменуваме штетните последици врз функционирањето на мозокот. Треба да се предизвика интересот на учениците, да се разбуди нивната љубопитност, но тоа не е лесно во време кога се верува дека знаењето е достапно со еден клик или уште полошо, дека е бескорисно и дека вредностите на училиштето се застарени.
Мислам дека (не)успехот на училиште не зависи од домашните задачи. Мислам дека образованието е целина: и повторно рамнотежа, која треба да се најде помеѓу училиштето кое едуцира, семејството кое воспитува, меѓу новите технологии и „природните“ реалности што нè опкружуваат и многу други работи...
Но, моето длабоко убедување останува дека поголемиот дел од учењето се одвива во одделението во сериозен и љубезен однос помеѓу ученикот и наставникот.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование