X
 17.11.2021 Живот

Вечерва почнува 46. издание на МОТ

Фестивалската програма на годинашниов Млад отворен театар - МОТ почнува вечерва со „Како крајот и да не е сосема блиску“ - експериментална претстава на Битеф театар. Куриозитет на ова издание е можноста да се гледаат трите изведби на расказите на Румена Бужаровска - „Мојот маж“, кои беа изведени и на сцената во Белград и во Љубљана.

Инаку, Младинскиот културен центар ги најави изведбите во живо на 46. издание на МОТ, во два блока, од 18 до 26 ноември и од 2 до 7 декември, со програма од 26 внимателно селектирани претстави. Првиот блок е посветен на меѓународна програма во која гостуваат претстави од Австрија, Словенија, Бугарија, Турција, Србија и Хрватска, а вториот блок на домашната независна продукција, информираат од МКЦ.



Во рамките на МОТ ќе се одржи и панел-дискусија каде што ќе се сретнат режисерките Јована Томиќ, Ивана Ѓилас и Нела Витошевиќ. Исто така, ќе бидат претставени и три продукции курирани од Локомотива – Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата, Скопје танцов театар со „Искричаво“, Турскиот театар со „Вишновата градина“ и копродукциите на Македонскиот народен театар со претставите на Ѓорѓи Јолевски - „Последната лента на Крап“ и „Нема да биде крај на светот“. МОТ ќе биде домаќин и на прилепскиот и битолскиот театар со претставите „Глембаеви“ и „History of motherfuckers“.

На фестивалот ќе учествува и австриската продукција „Theater am Lend“ во чија претстава „Кабли“ учествуваат двајца македонски автори - Ивица Димитријевиќ и Јане Трајковски.

Оваа година Млад отворен театар ќе се одигра на шест сцени, Младински културен центар, Драмски театар, Театар Комедија, МНТ и Дом на АРМ. Фестивалот е поддржан од Министерство за култура и од Град Скопје.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот