X
 02.01.2018 Образование

Образованието во 2017 година: Промените почнаа со укинување на екстерното и на дисперзираните студии, а за годинава се најавува ремонт

Свесна сум дека пред мене стојат големи предизвици кои треба да значат подобрување на квалитетот на образованието во Македонија, враќање на дигнитетот на наставниците, професорите и сите оние што се вклучени во наставно-образовниот процес, изјави Тренеска-Дескоска во јуни минатата година кога го презеде министерството.



Образованието во 2017 година го тресеа многу промени, како и најави за уште поголеми реформи од страна на надлежните. Укинување на екстерното тестирање и на дисперзираните студии на УКИМ, повлекување на некои учебници, беа едни од првите одлуки на новата министерка за образование и наука Рената Тренеска-Дескоска.
Во новата година образовниот процес го чекаат уште поголеми реформи, со оглед на најавите за целосен ремонт на сите нивоа. Многумина што се вклучени во овој процес се надеваат дека ќе претстојат подобри времиња за еден од најважните сектори во државата, кој претрпе големи експерименти во последните 20 години.

Новата министерка вети поквалитетно образование

Во почетокот на јуни образовниот процес во Македонија почна да го води жена - третпат во историјата. Рената Тренеска-Дескоска, професорка од Правниот факултет „Јустинијан Први“, веднаш најави големи реформи во образованието и една од првите мерки беше укинувањето на екстерното тестирање.
- Свесна сум дека пред мене стојат големи предизвици кои треба да значат подобрување на квалитетот на образованието во Македонија, враќање на дигнитетот на наставниците, професорите и сите оние што се вклучени во наставно-образовниот процес – изјави Тренеска- Дескоска кога го презеде министерството.
Таа најави и преиспитување на програмата „Кембриџ“ во основното образование. Владата, пак, во јули донесе одлука оваа програма да не се имплементира од септември во средните училишта, како што беше најавено од претходната влада. Поради голем интерес за упис, исто така се проширија квотите во две средни училишта во Скопје, во гимназиите „Орце Николов“ и „Раде Јовчевски-Корчагин“.

Се повлече учебник, се бараат грешки во лекциите




Во меѓувреме, во МОН се формираа работни групи од повеќе институции што работат на предлози за измени и дополнување на Законот за основното образование, Законот за средното образование, како и законите што се однесуваат на децата со посебни образовни потреби. Во 2017 година почна и процес на ревизија на учебниците и на наставните планови за учениците од прво до трето одделение, а се формира и комисија која ги испитува грешките во учебниците за основно образование.
МОН креира и апликација e-ucebnici.mon.gov.mk преку која наставниците и професорите од сите училишта беа поканети да укажат на грешки и проблеми во учебниците. Министерството за Факултети.мк потврди дека е забележана неусогласеност помеѓу наставните планови и учебниците, а исто така и помеѓу предметите.
- Досегашните анализи покажаа дека сегашните програми создаваат одбивност, презаситеност, па дури и незаинтересираност за учење – ни изјавија од Министерството.
Со одлука на министерката Дескоска, поради дискриминаторски содржини се повлече од употреба Општество за 4 одделение, а според неа, од употреба ќе бидат повлечени сите учебници за кои комисиите ќе се изјаснат дека е потребен таков чекор.

Се подготви нов Закон за високото образование

Дескоска минатата година најави и нов Закон за високото образование, кој се работеше во последните шест месеци од 2017 година. Го подготвуваа неколку работни групи, а се вклучи и Професорскиот пленум. Нацрт-законот е јавно достапен за коментари до 6 јануари. Предложено е одборот за акредитација и евалуација да се подели во два органи. Студентското организирање исто така ќе се промени со цел да се формираат независни и функционални студентски парламенти.




Во 2017 година Владата одлучи и да се укинат дисперзираните студии на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“. Беа отворени уписи на неколку катедри што претходно беа ставени под „мраз“, како Родовите студии на УКИМ, студиската група Безбедност и Евроинтеграциите на УКЛО, Современ танц на УГД .
Министерството исто така ја објави и Сеопфатната стратегија за образованието 2018-2025 во која детално се објавени плановите за реформите на сите нивоа на образованието.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование