Сензорната игра има важна улога во детскиот развој. Детето уште во утробата на мајката почнува да развива одредени сетила.
Освен основните пет сетила – за вид, слух, допир, мирис и вкус, треба да се споменат и уште две кои се исто така важни – сетилото за рамнотежа (вестибуларниот систем) и сетилото за длабок сензибилитет (проприоцептивниот систем).
Која е улогата на сензорната игра?
Од првиот ден по раѓањето бебето учи преку своите сетила, тоа е и причина што бебињата и малите деца допираат сè околу себе и предметите ги ставаат в уста. На тој начин тие експериментираат и учат. За да го стимулира своето сетило за рамнотежа, детето се врти во круг додека не падне. И на овој начин тоа учи. Децата што имаат тешкотии со сензорната интеграција, т.е. сензорна дисфункција (еден од најчестите примери се децата со аутизам), можат да имаат дополнителна корист доколку им ја потенцираме сензорната игра.
Кога станува збор за осмислување сензорни игри, важно е да забележиме што му се допаѓа на детето, а што не. Доколку на дете со аутизам му овозможиме премногу сензорни стимулси, тоа нема да може да организира соодветен моторички одговор затоа што ќе се појави сензорна преплавеност. Како и секогаш, важно е да се применува принципот на едноставност, односно да се почне од поедноставни игри кон посложени.
Еве неколку предлози за сензорни игри за сите сетила:
Сетило за слух
„Откриј го звукот“ – прво треба заедно со детето да избереме звуци, затоа што е важно детето да ги препознава. Потоа му врзуваме марама преку очите и пуштаме определен звук, кој детето треба да го препознае.
Сетило за вид
„Игра со батериска светилка“ – доколку на детето не му се допаѓа силна светлина, исклучете го осветлението во собата или затемнете ја. Овде може да вежбате и имитација, така што прво вие ќе направите некакво движење со ламбата, а потоа ќе побарате од детето да го повтори движењето.
Сетило за мирис
„Што чувствувам“ – и тука на детето ќе му ги врземе очите со марама и ќе му понудиме да помириса различни работи и ќе побараме да ги препознае мирисите.
Сетило за вкус
Играјте си и пробајте различни вкусови, па споредувајте ги меѓусебно, но освен тоа, тука е важно и развивањето на оралната мускулатура, која има важна улога во говорот. Тоа можете да го поттикнувате така што ќе правите различни забавни гримаси, да дувате балони, да пиете вода со цевче...
Сетило за допир
„Пченкарна кутија“ – во поголема пластична кутија ставете пченка (или ориз, грав, просо...) и уфрлете џамлии (или други помали фигури)... детето има задача преку допирање да го извлече „закопаното“ богатство.
Проприоцептивен систем – длабок сензибилитет, односно положбата на телото во просторот и координација
Санкање, качување, трчање – играјте си на игралишта, качувајте се и провлекувајте се, а ако немате игралиште во близина, направете едно дома, скокајте по перниците, провлекувајте се под масите и столовите...
Борба со перници – одберете перници кои не можат да го повредат детето и почнете ја борбата.
Вестибуларен систем – рамнотежа
„Царица“ – сите како мали сме ја играле оваа игра без да сме свесни дека така сме го развивале сетилото за рамнотежа, кога скокавме на една нога.
„Твистер“ – игра каде што би требало еден дел од телото да се стави на одредена боја, на пример – стави ја левата рака на жолтото поле.
Извор