X
 05.01.2018 Култура

Смртта на милион луѓе го инспирирала да го напише своето најпознато дело


Книги од Џ. Р. Р. Толкин
(Фото: Pixabay)


На 3 јануари 1892 година се родил писателот Џон Роналд Руел Толкин. Англичанец по националност, јазик и воспитување, а Германец по потекло, Толкин се родил на територијата на денешна Јужноафриканска Република.

Овој брилијантен лингвист и професор на пошироката јавност ѝ е познат како автор на трилогијата „Господар на прстените“, „Хобит“ и „Силмарилон“.

Толкин со години предавал англиски јазик и култура на „Оксфорд“, јазици како синдарински и квенијски ги смислувал за „да му остане бистар умот“, а на изумрениот готски јазик ја напишал „BagmÄ BlomÄ“.

Уште како дете со пријателите основал клуб каде што скришно пиеле чај во училишната библиотека, измислувајќи нови јазици и учејќи есперанто и латински.

Од сигурна смрт го спасила болеста. Кога во 1914 година Велика Британија влегла во Првата светска војна, Толкин го засрамил семејството затоа што не се пријавил веднаш во војска.

„Тешко беше да се биде момче со голема фантазија, но со малку физичка храброст и сила“, изјавил подоцна.

Сепак, се пријавил во војска и бил испратен на фронт во Франција. Таму бил во битката на Сома, битка со најголеми загуби во Првата светска војна: загинале 415.000 Британци, 195.000 Французи и над 500.000 Германци. Таму Толкин изгубил неколку пријатели и единствен од најблиските извлекол жива глава. Добил треска која се пренесувала преку вошки, поради што се вратил дома каде што закрепнувал речиси една година.

Своите искуства од војната, крвта и смртта ги преточил во своето пишување. Мочуриштата во кои газел по труповите на пријателите и непријателите станале темните мочуришта низ кои се провлекувале неговите јунаци, хобитите Фродо и Сем на патот до Мордор, провлекувајќи се низ опасности.

Приказната „Берен и Лутен“ ја напишал како своевиден обид да се издигне над црнилата на војната, а на неговиот гроб и гробот на неговата сакана сопруга Едит под нивните имиња пишува токму Берет и Лутиен.

„Не ме инспирира Втората светска војна. Туку онаа Првата, поради која сите мои пријатели до 1918 година беа мртви“, изјавил во една пригода Толкин.

Издржливоста и храброста на обичниот војник во рововите ги преточил во ликовите на навидум просечните хобити, кои сепак на крајот ја спасуваат Средната земја во трилогијата „Господарот на прстените“.

Толкин во текот на Втората светска војна им помагал на лингвистите што се занимавале со дешифрирање пораки, а за неговата омраза кон војната често говореле и неговите деца.

Велат дека Толкин секогаш говорел дека пишува од хоби. Себеси првенствено се сметал за лингвист и воен ветеран. Неговиот близок пријател, писателот К. С. Луис, го предложил и за Нобелова награда за книжевност, но Толкин не бил заинтересиран.

Дури понекогаш тврдел дека не разбира како неговите дела имаат толку пасионирани обожаватели и дека се сомнева дека воопшто кој било ги разбира неговите книги.

По педесет години во брак, неговата сопруга починала, а Толкин на внуците им раскажувал дека наскоро ќе замине и тој, затоа што „Берен не може без својата Лутиен“.

Починал нецели две години подоцна. Во 1973 година режисерот Питер Џексон снимил шест филма според неговите дела „Хобит“ и „Господар на прстените“.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура