X
 07.01.2018 Живот

ПОЗНАТИТЕ ЗА ГОДИНАТА ШТО ИЗМИНА: Кирил Барбареев, универзитетски професор - Политиката е таа што подели сѐ






Што за Вас лично ја одбележа 2017?
- Крајот на годината е добар момент човек да си ја направи својата сметка. Многу предизвици, успеси и грешки. Но, тоа е животот – она што ти се случува преку ден. Она што лично можам да си го препишам на себе е тоа што креирав блог за педагогија кој го следат околу 35.000 луѓе и тој број постојано се зголемува. Со тоа сакав да си докажам на себе за идеите и плановите што ги имам за образованието, а кои се реални и остварливи.

Кој е настанот или личноста што ја одбележа 2017 во Македонија?
- За жал, веќе предолго доминираат настани и личности што не се за пример. Луѓето се чувствуваат истрошено и изневерено. Речиси сите настани и личности се поделени на две политики. Влакното се цепи на две. На нашите и вашите! Овде ненормалното станува нормално. Просторот е загаден со негативни примери. Единствената светла точка се индивидуи, граѓани, кои се обидуваат да го одржат системот. Политиката е таа што подели сè. Сепак, го издвојувам успехот на „Вардар“. Шампионската титула на ракометниот клуб „Вардар“, освоената титула во Европската лига на шампиони.

Што би им посакале на младите од Македонија во 2018 година?
- Работните навики и дисциплината се клуч на секој успех. Потребно е чувство на припадност и градење на општеството. Мораме да веруваме дека можеме да направиме подобро место за живеење. Имаме и интелигентни, способни и креативни луѓе кои треба да добијат шанса да ја понесат одговорноста и предизвикот на новото време. Денешните генерации го создаваат идниот свет – нашите деца и внуци. Ништо не треба да биде поважно за еден Македонец од тоа да биде сигурен дека неговите деца ќе продолжат по правилниот пат и дека ќе им биде добро, удобно и безбедно во светот и татковината кои ги создаваат заедно.
Подготвил: М.А.М.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот