X
 08.01.2018 Образование

Oд МОН не била побарана, ниту Министерството дало согласност за учество во верски манифестации

МОН во врска со учеството на групи деца во верски манифестации во повеќе градови низ Република Македонија на 6.јануари, соопшти дека од нив не била побарана, ниту Министерството дало согласност за превземање на било какви активности во училиштата за подготовка или организирање на учениците за учество во овие манфестации, во текот на првото полугодие од оваа учебна година.


Во продолжение соопштението од МОН:

"Почитувани,

Во врска со случувањата на 06.01.2018 година, кога групи деца учествуваа во верски манифестации во повеќе градови низ Република Македонија, Министерството за образование и наука известува дека станува збор за период кога учениците се на зимски распуст, кога нивните родители, односно старатели го организираат користењето на слободното време и активностите на нивните деца.

Воедно Ве информираме дека од Министерството за образование и наука не била побарана, ниту Министерството дало согласност за превземање на било какви активности во училиштата за подготовка или организирање на учениците за учество во овие манфестации, во текот на првото полугодие од оваа учебна година.

Во оваа прилика укажуваме дека на граѓаните на Република Македонија им се гаранитира правото на здружување и слободата на вероисповеста, односно слободно и јавно, поединечно или во заедница со други, изразување на верата, но во Законот за основното образование во членот 11 е наведено дека „во основното училиште се забранува политичко и верско организирање и дејствување“. Воедно, наставниците во спроведувањето на наставата по сите задолжителни или изборни предмети, се должни да ја следат програмата која е утврдена од страна на Министерството.

Заради расчистување на било какво сомневање околу прекршување на законските одредби од областа на образованието, Министерството за образование и наука во текот на утрешниот ден ќе побара од Државниот просветен инспекорат да ги испита сите индиции за евентуално верско организирање и дејствување во училиштата.

Воедно напоменуваме и дека вршење на инспекциски надзор од страна на Државниот просветен инспекторат беше невозможно во изминативе неколку денови, со оглед на тоа што покрај учениците кои се на зимски распуст и вработените во училиштата се ослободени од активности до 09.01.2018 година."

Претходно, Здружението за возобновување на православни традиции „Бадникови поворки” реагираше на изјавата на Драги Змијанац од Првата детска амбасада „Меѓаши” дека е направена „политичка злоупотреба на деца преку верски традиции од страна на актуелната власт”.

„Организирањето на манифестацијата „Бадникови поворки” е чисто граѓанска иницијатива во која не се инволвирани ниту институциите на државата ниту црквата. Зад целосната организација на настанот кој возобновува древна православна традиција на прослава на Бадник и Божик со пеење божикни песни, а возобнувањето на ваквата традиција не започнува оваа година, туку трае веќе неколку години наназад. За секое вклучено дете во настанот, Здружението поседува Изјава за согласност од родител со што сите ваши сомнежи за каква било злоупотреба се неосновани“, се наведува восоопштението.

Тие наведуваат дека во последниот месец од подготовките за големиот народниот настан, членовите на здружението упатиле писма до градоначалниците во кои ги замолиле на 6 јануари, како татковци на општината, да ги отворат вратите за коледарчињата од својата општина кои ќе учествуваат во создавањето на најголемата коледарска дружина во православниот свет. „Тоа што тие одговорија позитивно на нашата желба да ги посетиме, можеме да го оцениме само и единствено како одговорно однесување на првите луѓе на општината кон жителите на својата општина. Жалиме што неосновано, без никаков аргумент, одлучивте, на прв ден Божик, кој за нас е еден од најголемите и најрадосните празници, да се обидете да внесете немир меѓу нас православните христијани кои имаме потполно право да ги носиме нашите деца во православните храмови. Ние сме нивни родители и старатели и знаеме што е најдобро во подигањето и развојот на нашите деца, имаме право да ги учиме на нашата традиција на која можеме да се гордееме и да им укажеме дека не ни се неопходни Халовин и слични увезени традиции за да празнуваме во радост и веселие. Впрочем како што и нагласува Универзалната декларација за човекови права: „родителите или старателите на детето имаат право да го организираат семејниот живот во согласност со нивната религија или уверувања…” Или како што се вели во членот 18 од Конвенцијата за правата на детето дека „за се’ што се презема за детето и во негов интерес, одговорноста ја имаат родителите“. Затоа, би било далеку пополезно во овој празничен период, наместо на неосновани обвинувања, сите заеднички да се посветиме на разубавување на животот на децата кои навистина се злоупотребувани, занемарени и оставени сами на себе“, се додава во реакцијата.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование