X
 08.01.2018 Образование

Живко Јанев студира во Москва и нa 21 година веќе има пет научни труда за железничкиот сообраќај

Два негови труда веќе се внесени во програмата за обучување на студентите на факултетите за технички науки во Беркли и во Париз

Живко Јанев има само 21 година, а веќе една рака научни трудови објавени на различни теми од железничкиот сообраќај. Роден е во Гевгелија и студира во Москва на Руската академија за транспорт (МИИТ). Возовите се негова пасија и животен избор. За нецели две години објавил шест научни труда.

Живко Јанев

Последниот од нив беше објавен во октомври 2017 година на тема „Примена на најновите ИТ-технологии за распознавање лица на луѓе на сите видови од транспортната инфраструктура за зголемување на безбедноста на сите видови сообраќај и спречување на појавата од терористички напади“.

 Гевгелија – Скопје – Гевгелија: порив за љубовта кон возовите

Основно образование завршил во училиштето „Ристо Петров“ во гевгелиското село Негорци, а средно во „Владо Тасевски“ во Скопје. Јанев си признава дека во основно не бил многу заинтересиран за природните науки, ами многу повеќе го сакал театарскиот аматеризам. Интересна е приказната како ги засакал возовите.
- Кога го завршив моето основно образование со одличен успех, како еден од најдобрите ученици, решив да се посветам на транспортот, кој за мене во тоа време беше мошне важен фактор што ги поврзуваше двете места во кои живееја два одделни животи: мојот татко, од една страна, и мојата мајка со сестра ми, од друга. Возовите станаа дел од мојот секојдневен живот, нивната романтика почна да ми влегува во крвта и да ме прави зависен. Најтешкото прашање во мојот живот беше дали ќе постои насоката машиновозач за дизел и електрични влечни возила од наредната година? Но, имав среќа и по девет години таа насока беше обновена и за мене тоа беше „кец на десетка“ – вели Јанев, кој бил прогласен за првенец на генерацијата.


Уште во средното покажал огромен интерес за областа, па во училиште веќе му било здодевно да слуша многу работи што веќе ги знаел.
- Моите професори секогаш беа воодушевени, но и намуртени поради многуте ситуации во кои тие немаа одговори на моите прашања. Станав добар другар со сите професори што ми предаваа сообраќајни, машински и електротехнички предмети, но и покрај големите знаења во областа на сообраќајот, постоеше најсаканата проф. Гордана Илиева, која беше мојата втора мајка и која предаваше македонски јазик и литература. Имав незаменливи професори кои работеа на унапредување на железничкиот сообраќај. Тоа беа Трајче Шопов (мојот класен раководител и најдобриот специјалист за безбедност во железничкиот сообраќај), Александар Каракачанов (најдобриот специјалист за организација на железничкиот сообраќај), Мартин Павлов (најдобриот специјалист за електрична влеча), Јелена Лентиќ (најдобриот специјалист за дизел-влечни возила) и незаменливата Азра Тутиќ (најдобриот професор за сообраќајна инфраструктура) – вели Јанев.


Истата година добил стипендија од руската амбасада за студирање во Москва. Не знаел руски, но по само шест месеци почнал одлично да го користи јазикот.
- Се наоѓав сам во Москва, без познајници. Англискиот, шпанскиот и францускиот јазик не ми помогнаа да се вклопам во руското општество. Во првата година од студирањето бев издвоен како посебен студент на Руската академија за транспорт. По полагањето на првата сесија со најдобри резултати меѓу сите студенти од мојата генерација, во мојот живот се појавија проф. Јуриј Ошарович и проф. Јелена Авченикова, кои ме додадоа во тимот за научни истражувања и експертизи во областа на железничкиот сообраќај. Решавајќи разни математички и конструкциски проблеми во железничкиот сообраќај, бев додаден на списокот со млади научници на Руската Федерација и станав автор на мојот прв научен труд во областа на транспортот, сообраќајот и математиката – вели Јанев.

 

Најмногу од сѐ во железницата го привлекува можноста за практично реализирање научни проекти кои би придонеле за напредок на железничкиот транспорт и сообраќај, вклучувајќи ги карактеристиките на пазарната економија во 21 век. - Железницата е место каде што за секој еден проблем има пропишано правило и акт како проблемот би можел да биде решен, но клучот за тоа е добра организација, домаќинско работење и, се разбира, примена на математиката, бидејќи неопходно е постојано да се спроведуваат одредени анализи, калкулации за превозна способност на пругите, регулирање на брзината на движење, превезен број на патници итн. – вели посветениот студент.


Два од неговите пет научни труда се преведени на англиски и на француски јазик и се внесени во програмата за обучување на студентите на факултетите за технички науки во Беркли и Париз. Има сработено проекти за министерството за транспорт и сообраќај на Русија, кои биле применети во практика и кои помогнале: да се зголеми безбедноста на железничкиот сообраќај во московскиот железнички јазол, да се зголеми обртот на патници и товар со реконструирање на одредени станици во Москва, да се создадат нови системи за автоматизирано економично регулирање на сообраќајот на едноподруги возови на двоколосечни и едноколосечни пруги, внесување нова технологија на работа на разни типови станици со подобрување на нивните показатели на работа.

Железничкиот сообраќај е столб на секоја развиена земја

Јанев честопати патува на многу конференции поврзани со железничкиот сообраќај низ целиот свет и е член на меѓународното железничко здружение со седиште во Париз, кое е наречено UIC и има задача да го следи и потпомага развојот на железничкиот сообраќај низ целиот свет, а особено во Европа. Беше неминовно од него да побараме мислење како во Македонија да се врати довербата кон железничкиот сообраќај.


- Довербата на луѓето може да се врати само во случај доколку менаџирањето од страна на раководството на „МЖ АД – Транспорт“ ги осознае сите црни точки и проблеми во нивната транспортна мрежа, сервисот за опслужување на патничкиот сообраќај, оптималното изготвување на графичкиот и теоретскиот дел на возен ред и графикон на движење на возовите, воведување меѓународен превоз, подобрување на состојбата на паркот на влечни и влечени возила кои се во сопственост на компанијата „МЖ – Транспорт АД“, своевремено спроведување редовни и контролни поправки, како и капитални ремонти на подвижните влечни и влечени единици кои се во сопственост на веќе именуваната компанија... Железничкиот сообраќај е единствен спас за екологијата на нашата планета при негова правилна експлоатација – вели Јанев.


Го прашавме да ни сподели во кои земји во светот железничкиот сообраќај е најексплоатиран.
- Железничкиот сообраќај се користи во сите држави во светот, но глобално, во Европа железничкиот сообраќај се користи за брз превоз на патници и нивниот багаж (булет и супербрзи возови), во Русија тоа е единствениот транспорт што може да ги заштеди вашите пари при превоз на товар и патници на растојанија поголеми од 250 км, па затоа овој вид сообраќај се јавува како основен, а доколку ги споменеме САД, тоа е сојузот на држави што го користи железничкиот сообраќај за масовен превоз на различен вид товар. На овој начин железничкиот сообраќај претставува столб на секоја развиена држава и зазема од 25% до 55% од годишниот буџет на сите развиени држави. Затоа е неопходно железничкиот сообраќај да функционира во согласност со сите правила за техничка и технолошка експлоатација – додава Јанев.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование