X
 09.01.2018 Живот

Отровна печка за согорување медицински отпад донирана од Велика Британија над 16 години ги труе скопјани

Македонската јавност денеска повторно се потсети на неисправноста и небезбедноста на британската хуманитарна откако на социјалните мрежи почна масовно да се споделува текст на британскиот весник „Гардијан“ објавен уште во 2001 година.

  

Токсична печка за горење медицински отпад која не ги исполнува безбдносните стандарди, која Македонија ја добила како донација од британската влада пред повеќе од 16 години, сите овие години се користи во склоп на депонијата „Дрисла“. Македонската јавност денеска повторно се потсети на неисправноста и небезбедноста на хуманитарната помош доделена од Велика Британија, откако на социјалните мрежи почна масовно да се споделува текст на британскиот весник „Гардијан“ објавен уште во 2001 година.   

Според пишувањето на „Гардијан“, печката за горење медицински отпад (инсенератор) која што и била донирана на Македонија, ги прекршува стандардите на Европската Унија и не смеела да се користи во Велика Британија бидејќи била нелегална. Освен во Македонија, според пишувањето на „Гардијан“, вакви токсични и опасни печки Британија донирала уште во неколку други земји на Балканот, при што сите биле обезбедени од Светската здравствена организација (СЗО).
- Ова е едно од најлошите парчиња валкана технологија маскирано како помош што сум го видел во Источна Европа – изјавил тогаш за „Гардијан“ Адам Островски, експерт за менаџирање токсичен отпад.

Според Островски, оваа печка претставува опасност за локалното население бидејќи и покрај функционалната основна опрема, и недостигаат важни додатоци неопходни за одржување иста температура. Исто така, печката немала за чистење отпадни гасови за отстранување токсини кои кај локалното население може да предизвикаат рак или различни оштетувања на плодот кај бремените жени.  

„Гардијан“ уште тогаш објавил дека македонските власти знаеле дека на печката и недостигаат делови, но, како што тврделе тогаш од „Дрисла“, СЗО не им кажала дека издувните гасови од печката ќе бидат токсични. Според објаснувањето на тогашниот менаџмент на „Дрисла“, деловите што недостасуваат чинеле околу 200.000 фунти (околу 227.000 евра), што било прескапо за Македонија. 
 
„Гардијан“ тогаш го контактирал и Филип Рушбрук од СЗО кој изјавил дека е против донирањето на опремата, но додал дека тоа е подобро решение отколку некоја друга алтернатива.
- Ова горење е многу подобро од алтернативата горење отпад во големи метални кутии кои произведуваат далеку полоши димни гасови и можни болести  - изјавил тогаш Рушбрук.  

Повторното актуелизирање на текстот од „Гардијан“ објавен пред 16 години предизвика остри реакции на социјалните мрежи. Голем дел од граѓаните реагираат дека 16 години ниту една власт не презела мерки за да ги заштити луѓето од Скопје од штетноста и токсичноста на печката, која сѐ уште се користи во „Дрисла“. Оваа депонија пред извесно време беше казнета со 8.500, откако инспекторите констатираа дека таму не се почитуваат протоколите за горење медицински отпад.    

Министерството за животна средина: Инсинераторот е во склоп на „Дрисла“

„Сегашниот инсинератор, кој е поставен во склоп на депонијата ‘Дрисла’, е донација од британската влада“, потврдија од Министерството за животна средина за „Макфакс“.

Според портпаролката Беса Татеши, овој инсинератор е единствен во земјата. Планирано е да се постави нов, но засега не се знае кога тоа ќе се случи.

„Свесни сме дека самиот инсинератор не ги исполнува стандардите што се очекуваат и кои треба еден инсинератор да ги исполни, понатаму, во согласност со интегрираната еколошка дозвола што ја имаат во ‘Дрисла’, планирано е да се постави нов инсинератор, кој ќе биде современ и изграден и ќе работи во согласност со стандардите“, изјави Татеши за Макфакс.

И од Градот Скопје велат дека инсинираторот што е во функција на депонијата е донација од Велика Британија и тој е сè уште во употреба.

„Град Скопје очекува по одлуката на Управниот суд да се затворат прашањата за понатамошното стопанисување со депонијата, па потоа да се реши прашањето за набавка на нов инциниратор кој би ги задоволил и еколошките стандарди и би остварувал и други бенефити за здравјето и благосостојбата на граѓаните“, велат од Град Скопје за Макфакс.
Подготвил: Д.Ф

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот