X
 10.01.2018 Култура

ПОЗНАТИТЕ ЗА ГОДИНАТА ШТО ИЗМИНА: Лидија Димковска, писателка - Дефинитивно падот на груевистичката власт


Лидија Димковска

Што за Вас лично ја одбележа 2017?
- За мене лично, 2017 година беше година исполнета со убави настани: најмногу ми значи објавувањето на мојот американски дневник „Отаде Л.“ (Темплум, едиција Друга приказна, Скопје, 2017), а исто така и номинацијата на романот „Но-Уи“ за меѓународната книжевна награда „Балканика“, објавите на моите книги или на извадоци во периодиката на повеќе јазици, како и учествата на повеќе книжевни настани, проектот за миграциските културни и образовни политики „Само со другите сме“ на Научноистражувачкиот центар при Словенечката академија за науки и уметности, во кој учествував како писателка која живее во Словенија, а пишува на македонски јазик, повторниот избор за претседател на жирито за меѓународната книжевна награда „Виленица“ во Словенија, поетско-препејувачката македонско-словенечка работилница што се одржа во Љубљана и на која заемно се преведуваа словенечки и македонски поети и поетеси, итн. Во 2017 година ме радуваа одѕивите на читателите и читателките на моите книги, а многу ми значи и тоа што Сашо Огненовски напиша сценарио за филм според мојот роман „Резервен живот“, во кое полагам голема надеж. Во моето потесно семејство за мене е најдрагоцено објавувањето на новата поетска збирка „Средни години“ на мојот сопруг, словенечкиот поет и преведувач на македонска литература на словенечки јазик, Алеш Мустар, како и сите радости што секојдневно ни ги дарува нашата ќерка Ема.

Кој е настанот или личноста што ја обележа 2017 во Македонија?
– Дефинитивно падот на груевистичката власт, која цели единаесет години го разјадуваше македонското општество со својата крајно недолична, нечесна, неодговорна, автократска, примитивна и естрадна политика и која зад себе остави економски, културен и социјален пустош што Македонија ќе го чувствува уште долго време, а неговото надминување ќе зависи пред сè од вистинските потези на вистинските луѓе на вистинските одговорни места во државата. А времето е повеќе од вистинско!

Што би им посакале на младите од Македонија во 2018 година?
– Надеж, волја, одговорност, преземање иницијативи во свои раце, ангажираност, истрајност, слободна мисла, отворен ум, милосрдно срце, надминување на стереотипите и предрасудите што владеат во општеството, емпатија кон другиот, задоволство, успех и лична среќа. И сè што посакуваат длабоко во себе.
Подготвил: В.И.И.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура